ПЕСНА ЗА ЖИВОТОТ Како лаеле пците, како било кално – сето ме наваса сега во темничиштево пално. Крваво време сето си гола, измачена мрша! Со чекан една по една глави бабуњави кршат... И-и-и-и! Задишени напред вјасаме, не се даваме, настрвени ќе касаме! КАМБАНИ Попусто ближен бараше срцето желно, прежелно... Самотник одам некаде заслушан в темен шум. Срамотно му е некому еденздруг да се смислиме, еден за друг да најдеме најискрен, добор збор. Загина сешто невратно, самотно што сум сонувал – остана само навреда, на срце горок жал. НОЌНА ПЕСНА Јас сакам сам да одам, чудно ноќта ме пречекува, со ѕвезди ме опсипува, жуберка месечинска светлина, ме опијанува, длабока мисла, скриена мисла од гради станува. И кревам очи – чудна песна екна, ноќта ме усинува. Да бидеш тука! Тука не час, ѕвездена вечност поминува. Да бидеш тука – од сите ќе те сторам најубава! Нејќам да видам, нејќам да знам, песната само нека ме носи, да ме окрилува! Се лула небо темносино, сешто шепина, штурка, пригласува, жален спомен ме милува. Дека ти мислам најарно на светов, а ти ме нејќеш – жал ме задушува, жал сè заглушува. РАЗДЕЛБА Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидеме, и пак си велиме: не заборавај ме! – а може никогаш да не се видиме. Пат ќе ни препречат мостој соборени, пат ќе ни препречат градој изгорени, пат ќе ни препречи куршумот в чело. И пак сме можеле тажни да бидеме, и пак си велиме: не заборавај ме! – а може никогаш да не се видиме. ЗАКОПНА ПЕСНА Старице збогум!... Ти една мене цел живот дете ме познáше... Таговно сега клепало клепа, носилка трга низ село наше. Нема да дојдам, не пуштив солза, не ми е жал, ден за ден така нè скрија дните... А еднаш од тебе, дете оџарено, пупунче мало, чув прва сказна за пупунците. Збогум! Почини в сурова земја... Не ќе се штрекнеш ноќе од тага, ни вик ќе чуеш, ниту ќе видиш крвава рана на синова снага... СТАРАТА Старата запира до темната порта, – не ѝ се слуша, страшливо се обѕира, сè ѝ се чини – некој ѝ се подбива. Старата запира до темната порта, – не ѝ се види, рано на ругузина се свиткува: на сон оддалеку со мртвите се надвикува. ПЕСНАТА ЗА ЗАТВОРНИЦАТА Еден темен вик ме буди, пак страшниот дошол час. Тука тишти, души, студи, а немошна лежам јас. Пак е ноќна доба кобна – се кикоти некој в трем, и со нокти рака гробна од ѕидишта грепчи нем. Ој за цутни сништа млади: да не бидам веќе роб, и за нова љубов в гради ме фрливте овде в гроб! Зошто уште, сенко темна, во уречен идеш час, од сон надеж да ми земеш за слобода и за спас? Молком гази полноќ злобна, се засркна некој в трем, и со нокти рака гробна од ѕидишта грепчи нем. МОСТОТ 1. Кога од земјава мачна отстапи Немецот поган, тој, в злоба песосан мрачна, разнесе пустош и оган. Тиранот долго што кај нас сееше ужас и тага – зад својте петици гнасни остави крвава трага. Но мина лутата мака, и пустош каде што легна, се крена работна рака, народ се стегна: Патје се градат, пруги се прават, тунели чадат – шини се стават, пискоти потфатен лост! И веќе в зори со чад и искри трга првиот воз. 2. И токму кога сонцето-јунче изрипа на планината, одеднаш, кипната, бујна, се провре низ темен тунел машината! Часум подзапре, срже, замижа, удрена од светлината. Диво закопа, прилегна, зовре, фркна, и напред јурна, надолу скокум се фрли, од радост рикна, в поле се урна, ги цепи шините, бурно ги сече кривините, напина гради, ширина граба, збива, бодина, лета, размава развева грива! Ој напред, напред! Крај нема полетот! Лудува земјата, разлава полето, пука далечен глед, молни сонцето сека. Се шири рамнина и таму сребрена се точи змијата-река! На неа сега бодна машината, таму да мине, да ја згази, да ја скине! Ој напред, напред! И сè е поблиску, и веќе јачи железен, силен вик! Напред! Уште миг! ... Но одеднаш запре... Болно ги сви мускулите, писна, небаре коњ во трк над пропаст на две нозе обвиснат! 3. Како прекршен ’рбет лежи на вода мостот, бранот тиок и скрбен плиска железни коски. 4. Кај мостот тука засилен бој се врза, падна од дрвјата снегот, зашчека митралез. Запеа куршум немирна песна и брза, пукот од бомбите ’рзна. Зачкрта со бес ножот од мините по срчата небна. И кога зад мост над градот чад се крена, и пожар вивна и денот се стемна, на бегство веќе Немецот се спрема, пиштат улиците, ужаси гласат! На јуриш тогаш минат борците, ударниците, мостот да го спасат! И загрготе пукот, од железо чкрт, куршуми в река се сипат – во болка таа се витка, разлава лутата смрт. Но залудно е сè! Се кикоти скришно под мост динамит, ужасен пукот просторот го глуши, се крши мостот и мртов се руши... 5. Но еве веќе работа зборна кај мостот јачи. Викот и прав се крева. Гори на сонце челикот. Во размав казмите светат. Работат мајстори, обгарена лика, работи тука младинска чета! Чука чеканот, железото чкрта, размава раце великанот кран, наоколу се врти намрштен. Пиштат шините под швајс-машините, искра прска. Мостот се гради. Станува веќе небаре болник од болничен одар. Исправа железни плеќи, протега раце над водата. 6. СКАЗНАТА НА СТАРИОТ МАЈСТОР „Мајстори, чујте за син ми сказна, и вие чујте, синковци млади! За него тажи душава празна, за него болка ми кине гради... Го думам како остана сирак, во лулка уште, млад сокол сам. Како сум тиштел, како сум збирал за да го гледам, јас еден знам. На мојве раце детето расна, му бев јас татко грижен и строг а како мајка се молев гласно да ми го спасе од болест бог. Го думам арно во спомен дален првното запче, и збор, и ôд. Но како еден до друг сме спале – остана болка во споменот ... Спиеше тио јунакот мој, насмеал мило усте во сонот, но пуста беше темната ноќ за татко му од мака гонет. Јас лежев скинат без капка моќ и жежок сврдел длабеше в ум, се вртев тешко на кревет тврд, и слушав в уши од ужас шум, и сам ја сакав својата смрт. Зашто ме дари со мака светот, да бидам страден за корка леб, да биде гладно моето дете, и кровот урнат и огнот слеп. И мојот Божик да биде тажен, да дреме беда на мојот кат, а јас да нема со поглед влажен да сетам радост никој пат. Аргатска живот ко лута змија да дроби снага, лика да пија. И често така чудно ми беше за сонот сладок на синот мој, со тиок усмев како се смешка в детински сништа заигран тој. Ме топли драго снагата мала, ме гали здивот, со жар ме пече, и ми е чудно, и ми е жално и јадри солзи без запир течат. Израсна син ми, бор вишен стана, му светна в очи на машкост пламен; се стемна чело во младост рана, и тврда мисла се спушти таму. Низ борба нему му мина патот, го мачи в затвор душман без грев. Се силев залуд јас да го сфатам, тој беше сокол, јас робјаш бев! А кога кај нас повик се крена да стане народ во крвав бој, во шумна гора со прва смена се крена тогај и синот мој! Три лути зими, три лисни лета со пушка в раце тој мина в страд, и вивна светот тој кај што шета со одбор чета низ смрт и глад. Низ дим и пламен сив сокол лета без леки крилје да жижне смад, ни куршум свирнат од злоба клета го стигна него во полет млад. А кога мина година трета и веќе душман бегаше в јад, кај мостот овде, на смртта ветен, тој падна мртов крај роден град. Тој падна мртов од рака гнасна, тој тука проли црвена крв, и заден поглед му тука згасна ко ѕвезда јасна зад темен врв. Јас саноќ чекав да чујам чекор, да тропне син ми на мојот трем, но ноќта беше глува и мека, и екот замрен и патот нем. Го најдов дента кај мостов сразен, со други сокли во дружна смрт. Му беше чудно косата мазна, ја галев долго со дланов тврд. И после закоп низ градот мина, одеше народ, пееше хор: Нека се слави што јунак згина за својот народ, извишен бор... И тогаш нешто ме фати, крена, се напна силно мојата град, и божем светов друг свет го смена, – и капна солза за први пат. Не болка, чудо ми откри таја, за ошто копнел јунакот мој, тоа што секи борец го знае кога во смртта тргнува тој, тоа што секи човек го таи длабоко в срце – најубав дар, но место пожар да вивне сјаен, што тлее често – запретан жар. Слобода – толку што сум се мачел, што значи разбрав тој чуден збор. А беше закоп. Над гробот мрачен стоеше народ, пееше хор. И тогај реков: Мој сине, збогум, да ти е лека земјата ладна! За вечен спомен ќе го кренам мостот во младост каде што падна! Мајстори, вие имате чеда, почујте татков зарек и клетва, младичи, син ми во вас го гледам, негова тврдост в очи ви светка: Да прегне секи. Треба да се гради мостот! Челик тврд нека пишти! Крв в темел легна. А таква зграда ни век ја руши, ни бура ја ништи!“ 7. Готов е мостот! Убавец бодер! Наутро рано од сон се буди, протега лак по лак. Наутро чуден гостин му иде од модер простор преку ридје, сонцето – единак! Сонцето голичко в река скака, брвнува сето од лад и свежест, на дно се нурка, плива и шлака, а мостот фрла од сенка мрежа и да го фане во неа сака. Вода се плиска, роса се блиска, смеа се гласи од бисер јасен, над река трепка божилак ... И тогаш тајно по шините далечен трепет се носи, нечуен стишен лек. Стине и трпне од немир мостот! Морници слатки го лазат. Премира. Чека ... Одеднаш радосен вик ја раскина тишината! Горе зад полегат рид изрипа машината! Молскотен поглед на мостот метна. Зеде здив, прилегна закопа, за’ржа и летна – надолу се урна, ги цепи шините, бурно ги сече кривините, напина гради, ширина граба, збива, бодина, лета, размава развева грива! И ете ја пред мостот. Шири раце тој! Со пискот на гради му се фрла, го пали со здив, го гали, го свива, го стега в железен преграб, заглушит, бурен. Само за миг. И веќе напред в ширина јури, јури со победен вик! Ој напред, напред! Крај нема полетот! Лудува земјата, разлава полето, пука далечен глед! ТЕШКОТО О тешкото! Сурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот – во градиве зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто навирува река и зошто ми иде да плачам ко дете, да превијам раце, да прекријам лик – та гризам јас усни, стегам срце клето, да не пушти вик. О тешкото! Старци излегуват еве, на чело им мисла, во очи им влага и првиот чекор по меката трева е мирен и бавен, со здржана тага. Но ’рзнува тапан и писок се крева и молнија светнува во секој глед, и напред се пушта, се стрелка, се слева стегнатиот ред. До старците момци се фаќаат скокум; не издржа срце – сив сокол во клетка, не издржа пламен жив потулен в око, не издржа младост што сака да летне! Се залула оро! Се заврте земја, и чиниш – се корне стресениот век, и околу трпнат ридиштата темни и враќаат ек. И божем се врасло кипнатово оро со исконска сила за земјава наша и во него шуми на реките зборот, и во него рика див ветер и страшен и во него шепнат узреани житја и вечерен мирис се разлева тих, и земјата дише во пролетна ситост со запален здив. И душата, чиниш, на родот мој мачен во тешково оро се уткала сета – век по век што трупал сè попуст и мрачен од крвава болка, од робија клета, век по век што нижел од корава мисла за радосна челад, за слободен свет, од песна – за љубов што гине со пискот ко жерав во лет. О тешкото! Кога во молк да те гледам, на очиве магла ми напаѓа сура, и одеднаш – в бескрај се растега редот и ридја се губат в пустелија штура – и еве кај иде од маглата матна сè сенка до сенка, сè еден до друг – во бескрајно оро син оди по татка, по деда си – внук. Времињата мрачни се нивното поле, и нивната свирка – на прангите ѕвекот, а главите им се наведени доле, и покроце врват – сè чекор по чекор. О времиња, што ве в мрак родот мој минал, кој збор ќе ми најде за вашата стрв?! Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат над пустош и крв?! Кој број ќе ми каже на лутите рани, на пламнати ноќи, на пеплишта пусти, кој на срце болки ќе изреди збрани, и на очи солзи, и клетви на усти? О тешкото! Синџир ти беше на робја, од калеши моми и невести ред, со врзани раце во плен што ги погнал насилникот клет. О тешкото! Синџир ти беше на робја, дур не стана народ во листена гора, сè дури со јадот од векови собран не поведе бујно, бунтовничко оро! Се залула танец низ крвје и огон, и повик се зачу и грмеж во чад – те разнесе сегде бунтовната нога по родниот кат. О тешкото! Сега по нашите села во слобода првпат штом оро ќе сретам, зар чудно е – солза да потече врела, зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?! Од вековно ропство, мој народе, идеш но носиш ти в раце дар златен и пој. Пченицата твоја триж плодна ќе биде, и животот твој! ИЛИНДЕНСКИ МЕЛОДИИ 1. Бел трендафил – ти за мене цутиш, и ти, моме, мое ќе ми бидиш! Ти си, младост, за да се радувам, малој моме за да те милувам! 2. Молчи, молчи, кутро срце! дури среќно да ми бидиш, по апцани, по зандани многу маки ти ќе видиш. 3. Сношти жално низ темнина јаор дрво шумеше. Само легнав, сам си заспав, ми се сони чуден сон. Ми се сони темна магла, во маглата до два сокла, од крилје се бисер рони. Кажи, мајко, стара мајко, каков показ е? – Тешка коба, судна мака коби, сину, твојот сон: темна магла – темен зандан, до два сокла – до два брата, дробен бисер – ситен синџир. 4. Лудо лежи во зандана, тешки пранги на нозете, дробен синџир на рацете. Никој не иди лудо да види, таго ле! Утре рано ќе отворат, лудо младо да заберат, лудо младо dа загубат. Никој не гласи лудо да спаси, таго ле! 5. Гарване море, црно пиле де! Лоша коба кобиш, црни гласје носиш. 6. Многу жал ми падна, многу црна мака, за твојата младост дека загина. Силно момче беше, силно срце в гради, не истрпе срце ропство да го јади! Ти нарами пушка, одбор чета собра и планина вати гора зелена. Те издемна душман, во злоба утаен. За отплата вика гробот твој незнаен! 7. Крени се, Гоце војвода, доста си трпел неправди! Тебе те чека гората, тебе те пека полето; на нива мачни селани, клетите робје в зандани. Крени се, сину народен, поведи народ поробен! Да ни е пролет пролетта, да ни е наше полето, да ни се мили селата, да ни е радост челадта! ПЕСНАТА Запеј ја, мнуче, запеј ја песната Стојановата, песната јунаковата, – каде бил Стојан, кај минал, кај одел Стојан партизан, како е Стојан загинал од тие клети фашисти. Не можам, дедо, да пеам песна за син ти Стојана – каде бил Стојан, кај минал, кај одел Стојан партизан, како е Стојан загинал – зашто си многу жалослив. Кога ќе песна запеам, крвај ќе солзи пророниш и мене ќе ме нажалиш. Запеј ја, мнуче, запеј ја песната Стојановата. Гламна е срце татково, солзата роса од небо. Кога ќе песна запееш, роса ми роси на срце – заш ми е мило за него, за неговото јунаство, заш не е Стојан загинат на тланик дома седејќи, туку е Стојан загинат крвава борба водејќи: последен куршум исфрлил, последен душман умерил, последна песна испеал – така е Стојан загинал. ПИСМО Ти за цел живот мене најарен другар ми си – детството штом ќе го спомнам, јас тогаш за тебе мислам. Игрите едни ни беа и едни дните бели, дури не дојде денот и деца нас нè дели. Далеку еден од други, идеа писма често – но само едно го думам ко звук од полноќна песна. И кога првпат го четов, непознат оган ме згоре – ми беше блиско а чудно, и нов ми звучеше зборот: „Јас сакам секогаш тебе мил другар да те сретам. Затоа работи и ти да стане поубав светов“. Друже, да знаев тогаш дека во борба ќе згаснеш, на зборот твој би ја сетил силата дивна и јасна. Јас после често сум паѓал, јас немав срце крепко, но пак сум наоѓал сили сонцето да го сретам. И кога в мрак сум тонел – не можам просто да мислам! – о колку страшно ми ѕвонел зборот од твоето писмо. Не. Нема да ја скршам твојата силна клетва. Јас ќе се борам, друже, да стане поубав светов. Ти не си за мене мртов. Ти в спомен живееш свиден. И дури денеска можам твој верен другар да бидам. НА ГРАНИЦА Езероно ти го виде: граница го на две дели. Но кој бранот би го запрел открај накрај да не иде, да не шири крилје бели! На другион рид се гледа кралска круна од камења. Бурандар ја неа редел – нека знае секој еден, одавде е кралска земја. Наше поле сонце свети а во Грчко облак паднал. Житјата се таму жални и дрвјата молчат клети на грчката земја страдна. Таму ноќта страшна лази, таму ноќе села горат. Житјата ги крвник гази, крвник прави грозен празник, коли, беси, пали по ред. Пак се полнат занданите, наши браќа во нив гинат. Лемна ноќ ги голта дните, тлеат луѓе в пранги свити, в Беаз-куле, во гроб зинат. Пече, тишти в срце рана! Нема веќе тука умир. Та со пушка народ стана и напреку гора фана, што за тешка борба шуми. По селата војска врви, Македонец и Грк рамно. Нека врагот страв го здрви, нека падне в матни крви тронот негов, тронот срамен! Езероно ти го виде: граница го среде дели. Но кој бранот ќе го запре од брег на брег да не иде, да не шири крилје бели! А кој бедем ќе го скроти на народот бранот бурен, и кој ќе му стане спротив кога народ ќе се сплоти тиранството да го урне! СОНЧЕВА КОЛОНА – БАЛАДА – Заседа волча во матна зора крај горски пат... И краток пукот и одек громок, а после – мир и барутен чад... ... Седумте борци паднати в зора ги носат в Прилеп на плоштад. Одеднаш веста – црна птица писна над градот со жален крик. Здивен и злорад низ улиците крвникот мине. Штик по штик. Го гризе камен за петиците, го стрела смртно од сите лица градот бунтовник. И дочул тажна вест за сина нема да престапи таткото праг, ни брат со мрачен лик ќе мине за да го види мртвиот брат. Не! Стаил болка што срце кине, Одмазда спрема тој в машка град! Но клета мајка како да трае? Ја клукна змија, болка ја сви... Шамија црна врзува таја и трча таму со издив стаен за задно збогум со својот син... Денот е мрачен. Прсоли дождец. Попуст и потих е плоштадот. Седмина лежат во крвав ред. Стражари стражар изѕемнат над нив, цинично свети бајонет. И ете таа дотрча таму, и замре над нив, ја зави мрак... Но ако в очи магла ѝ падна, со срце мајка го позна страдна го виде мртов сина си млад. Ги изви таа во ужас прстите и прекри лик. Се стресе сета ко слаба трска и напна гради... Но од градите не се чу вилен, раздирлив вик. И само солза низ образ ливна над мртов строј... И в мигк о веда ја светна силно безумна мисла, но мисла дивна: Не! Не е тој! И тогаш мајка раствори очи, поглед што мине над труп и кал, и како жерав без пат и почин што тоне в небо со тивка жал. Се топи в срце тешкиот камен, и гледа мајка нов, чуден крај, и жив го гледа сина си таму како во сонот што си го тај. Го виде таа во зори рани по горски срт, од сите прв, – колона кај што од партизани достига вишен планински врв... Се лула под нив просторот сињ. Во утрен пурпур небото тоне. И светнал таму нејниот син пред румен изгрев во орлов лет... Се гласи песна – горите ѕвонат, изгрева сонце, стапува в ред... Сонцето оди пред таа колона! ПРОЛЕТНА ПЕСНА Под земи трева, со скришна мисла, са зима расте, расте. А в пролет извор зелен и бистер на бујни извира пласје. Животот плодно ми се слеа со тебе, таткова земјо. В гради, ко в бразда, со тивка смеа ми никне твоето семе. Со твојте лозја во листеж еден јас дишам небо модро. Со ваква љубов прв пат те гледам, пченичке, поле родно! И колку звучна радост ми буди мостон што ние го прајме. Та твојот полет ме носи чуден, о роден, слободен крај мој! И кога сега песна ми зрее, знам кому ќе ја речам – на мојот народ што дивно пее, што пее в ѕвездена вечер. О моја младост! Не мисли в пролет за твојот дел и среќа – со ’ржта бујна во ширно поле никне и сињо цвеќе. На твојот народ со одот силен и твојот занес иде. О младост, биди сив сокол крилен, сив крилен сокол биди! ВЕСЕЛА ПЕСНА Разведри чело намрштено, толку е убав овој ден! Доста си седел во мразна соба, излези, будалче однесен! Полето малу снежец го покрил, на сонце сето се смеј и сјај. Излези таму, насмеј се и ти – сонцето скокот ќе ти нај! Зелена тревка таму ќе видиш, зелена тревка крај колски пат: сети се оти пак видок има, две срца да се преграбат. Денеска многу ти се дава, толку е убав овој ден! Не мисли! Летни како пиле од млада среќа окрилен! ПОЛНОЌ Бистра месечина, полноќ јасникова; бисерен шепот мрзне на гранките. В небо облачиња – пловат пополека, цела ноќ – бели и разделени. Утре пред изгрев тие ќе починат сињо-зелени. О мисло слободна, чудна височина те мами, од гради да летнеш румена и како ѕвезда, како зорница да се вледениш во ведорница! УТРО Наутро секиден минам каде што домот се ѕида – очиве слатко се шират пораснат штом ќе го видам. Ноќеска поросил дождец, скелиња мокри се вишат, небото миено свети и влага циглите дишат. Млад мајстор горе се качил, сонцето зрње му блиска. Колку е утрово јасно, колку е небото бистро! Мајсторе, слушај ме, чинам ја ѕидаш куќава, друже, не на полјанката пуста ами во мојава душа. И нешто во неа празно, темно и пусто што било, сега се полни со врева, со смеа, говор и живот! КАРАОРМАН Караорман и Славеј Планина, двајца браќа, два лути ајдути. Караорман – постариот браток, а Славеј е брате помалово. Нигде нема лика над нивната, нигде нема сила над нивната. До кај држи рамната Дебарца, до кај држи пуста Малесија, до кај држи земја македонска – за нив народ славна песна пее, за нивната лика и јунаство. Караорман и Славеј Планино, ноќта вари та што ве превари, ве завари поле пустелио. Од одење нозе постанале, од одење снага премалела, та легнаа браќа да поспијат. До рамено рамо се гушнале, со една се сакма наметнале. Над нив ситни-дробни ѕвезди горат и ветрец им тивка песна пее, песна пее за да ги успие. Но не спие Караорман силен, а саноќ се тешко издишува. „Караорман, брате поголемо, каква жалба на срце те гори та не можеш саноќ да заспиеш?“ „Ој Славејко, мое мило брате, јас си имам до две лути жалби. Жалба ми е личната невеста што ја клети Турци загубие. Жалба ми е млада партизанка што ми падна во борба крвава. Јас на живот двете ги заљубив и двете ми мене загинае. Кај да најдам нивна убавина, кај да видам нивните очи, кај да чујам нивното зборвење?“ „Караорман, брате поголемо, немој толку тага да тагуваш. Ти погледај дробни ѕвезди над нас, тоа ми се нивните очи. Ти наслушај извир кај извира, тоа ми е нивното зборвење. Ти мирисни трева ка мириса, ка мириса смилот и ковилот, тоа ми е нивнината душа!“. ОХРИД 1. Ој разбуди се, росо девојче, ти да погледаш долу полено, како е поле раззеленето, и по полето бели сватови – коњи виловни што разиграле, песна сватовска што запеале. – Ој та не ми е поле широко, поле широко раззеленето. Ој туку ми е сино езеро, сино езеро разлелеано. Ој та не ми се бели сватови, ој туку ми се бели бранови. Ој та не ми е песна сватовска, ој туку ми е песна жалосна. Шуми езеро, играј езеро, летај, жгалебче белокрилесто. Летај долетај мене на рака, да те затоплам на бели гради! 2. Три дена веќе езерото, три ноќи пее бурна песна, како во чуден занес сето, како во игра страсна и бесна бучи и јачи клика и плачи! О таква сила! Да можеш така во занес бескрај сет да тонеш! Да можеш таков глас да имаш, над бурни водје да заѕвони, од сури ридје да се рони! ДОЈРАН 1. На брег има сенчест јаор – сиња водо, сињо небе! – Ој девојче што те видов при стариот јаор тебе! Кај се најде твоја личост, кај си расло вита снага? Во очи ти небо спие и езерска модра далга. Низ твоите долги клепки златно сонце свила точи. Сиња ми е сета душа од твоите сињи очи. 2. „Да го видам езерото како фрла далги, далги...“ Што в жална песна се рекло сега за вистина ми е: како што срцето в гради – далгата в брегови бие. 3. Модри ридје, крају свиден, да би секој вас ве видел! Да би дошло мало дете, в грсти вода да си лее, со камчиња да си игра, крај езеро да се смее. Да би дошло лично моме што го чудна желба влече, крај езеро да се запре кога паѓа сиња вечер. Та момето и момчето крај езеро ќе се сретат. Ноќе далга ќе им шепне и ѕвездите ќе им светат... Мене ми е уште болка, на срцево жал ми иде – толку младост да поминам а езеро не бев видел. Крај тополи јас сум стоел над тажната штама водна. Јас не знаев колку лична е земјата моја родна. 4. Чунчето среде ме носи, езеро ширно се плиска – сонцето в далга се дроби на дробни зрнца од бисер. Да можев – и да ги зберам овие мониста в рака, јас би ги чувал за таја најмногу што ќе ја сакам. 5. Види – езероно се разлета, рашири далги – крилја, оно во мила игра се гони со птица лекокрила. Птицата над него ниско ќе слезе, бели пењи ќе сигне – оно со смеа горе се фрла и сака да ја стигне. Но веќе птицата в сонце се топи, клика под небо вишно, а пак езеро долу се спушта и сузбивано дише. Никогаш, езеро, леката птица не можеш ти да ја стигнеш. Со тебе таа подбив се бие – слободна, кликтава, дивна! 6. Арно – со стариот рибар на брег да заседнеш вечер, виното пред вас да тлее и збор по збор да тече. Зборот е негов трпок, со влага езерска пропит, на чело бранот му врежал тежок и опален опит. А уште поарно – в чунче со момче рибарско да си, што мерно подига весла и песна рибарска гласи. Душата негова жедна сончева топлина пила. Од млада става му бие за живот надеж и сила. 7. Зад планиње сонце зајде, на езеро сенка лега... Збогум Дојран! Пат ме чека, треба, треба да се бега. Наугоре патот оди, го достигнав веќе ридот, и се свртив – уште еднаш езерото да го видам. Јас не можев да се делам од опулот негов модар – назад, назад тој ме вика а јас треба да си одам. Се издишив гласно тогај – зошто минеш клето време... Ој девојче сино око, барем тебе да те земев! Барем тебе да те имав, би сум одел сегде ведар – в твојте очи би се вѕирал, езерото би го гледал. ЗОВ Ах овој есенски ден со сонце позлатен! Излези, излези брзо заедно да проскитаме, исти луѓе да видиме, со иста смеа да итаме. Срцево ми е денеска детенце неповиено од светлина опиено, од овој есенски ден со сонце позлатен! ПРОЛЕТ Ноќеска слушав песна далечен топол глас, утрово сонце ме бакна, затоа весел сум јас. Очиве ми се смеат, како да не бидам луд!? Од поле децата првпат донесле врбов цут. Како да не сетам мака за твојот поглед и рака! Спомни ме и ти мене в срмена пролет и драга – навечер кога со пупки се реди твојата снага. РАМНИНА Ој рамнино рано наутро расонета! Истај го превезот, замаглицата на шипје напласти ја, да гледам како те галат полека ко дланки сенките од облаците. Би сакал душава по тебе килим да ја постелам, би сакал срцево коњ ’рзак да биде, по тебе раван да оди, во правје да се прпела. Ех таго моја! Се шириш пред мене како жена настрвена со очи светнати, колкови престегнати, жена изгорена, само не за мене, само не за мене! ПРИСПИВНА Кој ли ќе те гушне со рацете мали и со златна коса саноќ да те гали? Кој сребрена песна на сон ќе ти пее: „Надвор ветре дува, месечина грее. Надвор лисје шуми, ројот ѕвезден бега. Јас те сакам многу, мој си, мој си сега. Надвор роса роси и зокумон спие. Спи ми, спи ми, сонот убав нека ти е“. ОЧАЈ Жежок, потен ден се свиткал и како сач се склопил, до небо денот се усвитил – облаците ги стопил. Сите модри ридје наоколу сонцето ги избриша. Се слуша само тешко, полека пламен кога ќе издишат. Ништо арно мене сега што било не ми текнува – мислата далеку некаде бега, споменот часум секнува. Да нема еден човек на светов од срце да ми е мил! Колку пепелав, колку клет животот мој ти бил. Жежок, потен ден се свиткал, над куќите се склопил, до небо денот се усвитил, облаците ги стопил. МОЛИТВА Девојче занесен што му се молам, мртвите вечери што ми го знâт, о колку слатка шедбата беше со него далеку по темен пат. А сега болен јас му се молам на ликот в сништа што ми се вкрал, веселба јасна, веселба јасна ил црна мака да би ми дал. Ил црна мака, само да ѕуни музика в срце, в бескраен шир. ... Но место песна влегува в срце некаков смрзнат, безвучен мир. И ти се губиш печална, зашто угасна љубов во крвав свет. Наутро болен од сон ме буди гарванско јато во стрвен лет. ШУМ Почини, немирна душо, не блуди в приквечер бледна, во есенска. Листот е попаднат веќе, и ако шум се слуша, шум е од тага една, од есенска. ЕСЕНСКО УТРО Урнати селски гробишта, ни крст – само влажни камари, и над нив круша горничка – на ветрот распната – плаче со сите тајни дамари. Темно и кално. По штура скрка магли газат. Зад нив цапалки вода наполнети тунат во црвеницата. СМРТНА ПЕСНА Pосветена на Н. Ваpцаров Да те изнесат надвор во стресен, истинат мрак – дош тура засилен надвор и нешто шуми надвор во стресен, истинат мрак. Мирно да поминеш сам пред окрвавено зло, ако си спомниш нешто веднаш забóрај го. Умира секој вик нечуен в темнина и твојот смртен вик нечуен загина. ПОЛНОЌ Загубен жерав в бескраен мрак, – в бескрај се гласи самотен вик, самотен вик – од ветрот скршен, пред мразни зори, уморни крилја тој ќе склопи и ќе доврши незнаен пат. В бескрај се гласи самотен вик над мртов град, самотен вик... О дали има будно срце тагата само, и ништо друго, бескраен само да сети јад – над мразно поле низ темница пискот на сама, ранета птица? СОН Јас сакам да те знам проѕирна, далечна, мила: од коприна те ткам, од јасна ѕвездена свила. И ти во искреста игра со виор и сињак, сен и светлина минеш низ приказен крај, ти бледо чедо месечинско минеш низ приказен крај, и како далечен, и како трепетен, како радосен ѕвон ѕуниш во мојот сон. Јас сакам да те знам проѕирна, далечна, мила: од коприна те ткам, од јасна ѕвездена свила. ПЕСНА ЗА МАСЛИНКИТЕ Си тече реката – никому не му е жал дека општината ги исече маслинките над вода молкум наведени. Јас помнам зора: беше тиок час кога човек чудно нешто чека – оздрави ме, зоро рујна! – и пак со задуман болскот секнаа ѕвездите горе, далечно сè ми стана, светлина, мрак. Само маслинките тогаш сами над смирна река шумеа утеха мека. ПРОШТАЛНА ПЕСНА Јужи... И слушаш забрзан шепот топол и благ, пролетни водје, црни водје шумолат в мрак и капат стреи немирна песна: тике-так! Пролетни водје, црни водје шепотат тажен разговор: „Сиротно лудо, многу ќе пати! Утре ќе тргне в далечен крај, другиден бездриѓан стројник ќе прати срцето таа ќе му го дај...“ Слушаш – шумолат водје в мрак и капат стреи проштална песна: тике-так! МОЛИТВА Да појдеш ноќе в шума од сите утајум тајно, на тиха полноќ да втасаш до едно место знајно. Ставити трепетни борје до небо таму се вишат, тревите околу бујно опоен омав дишат. Нема да истрпи веќе срце што лудува силно, со викум ти ќе се фрлиш на земи диво и вилно. Земјо, радост ѝ треба на една младешка снага. Лекуј ме, лекуј, земјо, од немир темен и тага! ЗИМЕН ДЕН Бели се тие чорбаџиски дворје, див костен во двор се наведува. Од соба в соба шетка мека жена, низ прозорец погледува. Сонченце зимно! Јас во светлината на зимен ден потонувам и долго, долго за ноќ раскината, за меко зборење сонувам. ВРАЌАЊЕ Се поврати човек во родниот град по многу време и мака. Што оставил еднаш тој не најде пак, тој не најде ништо да мрази и сака. И прошета дента по сокаци сам со надеж за веселба бујна. И прошета дента, а штом падна мрак, тој застана мрачен крај реката струјна. А пееше долу брзотечен бран за нешто што неврат го гони, и човекот сети во душата жал, му дојде да вика и солзи да рони. ПЕСНА О пеј ми, пеј ми! Каква песна! За едно пее за друго збори: „Сè што си рекол, сè што си сторил, случајно не е, простено не е.“ БУРА Колку ненадно иде бурата. В поле се мрачи, разлава ветар буен. Демнеме. Сега прва молна ќе светне, во нас ќе запали силен гнев. Грмовни тонови, груби, искинати, и настрвени како душите што ни се дека во крвје тонеме. А дали ќе можеш и тивка песна да зачуеш, како цвет на гради стиснат, сон, оти смевнато девојче ќе видиш, како човечкото во тебе да плаче – дали ќе можеш? ПУСТИНА Пустина студена, таа што ми ветува? Ни сонце таму нема ни темница. И само безгласен ветер прелетува – глува изѕемница! Животе, таков дар не дарувај ме, само не тишина, само не тишина! Не тврда немош и скаменување во глува вишина! ПЕСНА Да лажеш не е можно, те мори вистина бесна – срамот и тагата своја скриј ја во нејасна песна. И ако кажуваш тогаш за пусти вечерни села – два воза во здивен трк како се сретиле в мрак – и ако кажуваш тогаш за крвав месечев изгрев над темен планински врв за црвен зрак, во чудна сказна се слуша тага на ранета душа. Да лажеш не е можно, те мори вистина бесна – срамот и тагата своја скриј ја во нејасна песна. В КРЧМА 1. Вино што трпко сјае, зад мене маглен пат – и глас со ужас таен што пее зарипнат. 2. Засвире виолината, низ крчма залипан тон – и плаче горко тишината небаре дете во сон. ПЕСНА Кај се дните кога песна ме крилеше толку пати? Тие нема да се вратат но песната ќе се врати. Не сум сива, прашна душа што се свила и што трае. Сакам љубов да ме носи, во срцево – песна да е. Во срцево песна да е, како пламен да ме гори. Со збор страшен меѓу двајца таа мене да ми збори. СЛУЖБА Ме дарува младоста луда да живеам со тебе ведно. Јас не барам од тебе чуда, те молам само за едно. Милозлива повеќе биди, не руши ја нужната дружба. Со малку сум доволен, види, зар тешка е оваа служба! СПОМЕН ЗА СЛАВЕЈ Тој час мој заден спомен да би бидел – јас тебе, вишен Славеј, би те видел и оној килим по рудини твои со златест прелив на илјади бои; би спомнил како со трепет сум пазел по таа убост леко да би газел. На цветна лака се намерив скоро; не цвеќе било – девојчинско оро, не цвеќе било – малесорки вити, со нивна лика гора лика кити. Тој час мој заден поглед да би бидел, во сиња магла Струга би ја видел; од врвот вишен, пред неврат да фатам, о езеро, јас поздрав ќе ти пратам. БДЕЕЊЕ Мртвило. Синот го нема. Чувај го, боже, од лошо! Веќе да згасне се спрема ламбата кутра во ќошот. И подзамижува бледа. Поблизу сенка се мотка. Мајката молкум ја гледа нејната насмевка кротка. Во овој поглед што гасне полека, меко од сонот, в зеница морна а јасна очите мајчини тонат. И часум сета ја грее некаква утеха жална, како да овдека не е, некаде в далнина дална. Како да стравот го снема, маката слабее, мине. Излези надвор во тремот, срети го, речи му: сине! Заспива таа. Без укор тоне во тишина мека. Но надвор изгрме пукот, стресена од сон се штрека. Сурова година страдна. Рацете врзани назад. Кој ли во ноќва падна? Туѓинци градов го газат. ЉУБОВ Не иди зашто жалосна би била, и колку да те копнеам – се ледам. Што младоста во темен неврат скрила ме влече назад со измамна сила но зар со подбив тоа да го гледам! Сум сакал, сега цибрина ме свила, не иди, љубов, жалосна би била. ЗА НЕПОЗНАТАТА СПОМЕН Не да те гонам како итра срна, не како галаба в рака да те земам – јас ќе те кријам во моево срце како во гнездо ластовица скрита, јас ќе те чувам како таен спомен со ужас дека те заборавам. РАЗДЕЛЕНОСТ Тој повев тих и плавен на шалот, тој блескот црн и мигновен в очи, но сепак таа разделеност крајна, ах сепак таа случајност на сето – па зошто трешти црна веда в срце како во глуждот на самотен даб? ТРЕПЕТ Те молам запри, не пристапуј близу, ме граба веднаш сепобеден ужас и колку да се твојте стапки леки, јас страдам – божем на срце ми газиш. О тоа пат е на тага и есен што рони лисја како тихи солзи, и дека уште прва љубов немам, те молам запри, не пристапуј близу. БЕГСТВО Кај што си ти – ми нема среќа, сум темно жеден да те гледам, сум горко морен да те следам. О таа штура, штура близост! Јас минам низ град, лутам в поле, јас барам тивко и скришно место. Но таму стои трепетлика со молскав трепет на твојте плеќи, пак пред тебе сум јас темно морен, сум пред тебе – ми нема среќа. ЖЕД А како мреам кога те гледам, не знае никој, ниту ќе знае. Тоа е подла жед – ќе речеш. Тоа е потез на жедна рака до ѕвезден предел – јас ќе речам. ГРАБЕЖ Да можев да те грабнам како змев со силни вилни ветришта и мрак, па макар колку омразен и грд и свесен дека пак презрен ќе бидам, но барем сиот опиен за час од силата на таков грабеж див. ЛИК Достапни ми се ликовите машки од кои тврдост и суровост бие, достапни ми се и муцките врашки со сета гроза што ја носат тие, достапни ми се – ги гледам со смешка, но твојот лик е неизвесност тешка. УСПИВАЊЕ НА БОЛНО ДЕТЕ Заспи ми, мило, смири се веќе, болно си, мое сине. На сон ќе видиш јагне и цвеќе, болката на сон ќе мине. „Мајчице, саноќ над мене биди, чувај ме, страшно ми е: на пајажинана онаму види жолт пајак крв што пие!“ Не, сине, тоа месецот грее и ѕвезди в небесни страни. Не бој се, мајка саноќ ќе бдее, нани ми, нанкај, нани. ’РЖ Нужна спокојност на подведени старици и помиреност со судбината. Некаков говор тих, едноличен, скржав, зборови сосем секидневни шепотени од суви усни. Но кога ветрот ќе задува: потресување со главите, нескладно мавтање со рацете, и некаква песна длабинска, молитвена, тажна како музика во летна пладнина – на селска станица. ПЧЕНИЦА Смела исправеност на девојки кои не се плашат од своите гради. Модри цвеќиња им се в коса, рацете силно стиснати до снагата, а сепак прстите мислено жедно испружени за прв допир. Ах, тоа е хор девојчински – до меѓата на сцената се наднесува, како сладок талас да нè обгрне чекаме, но само звуците нè грабаат на една силна песна, што одушевува, и веднаш нажалува. МАК Ова е прво одделение од девојченца на мајски излет излезени в поле. Тие се држат уште за рака, бели пеперуги на главички им паднале, само на едно – црвена, па сите за да ја видат на прсти се поткреваат. Трепетат, трепетат, трепетат пеперужни крилца од момирокот на сонцето, блискотно се разлетуваат и пак се збираат во дечинско оро со песна проѕирна, ѕвечлива, ѕунлива. А учителката? Таа е тополче: малку понастрана сама на ледината, далеку некаде се загледала, сета намовнува од лекиот ветар. ЈАГОТКИ Ние сме црвени усни на земјата, румени нејзини целиви! Фрли се диво на неа, бацуј ја, бацуј, бацувај, дури не сетиш при засенет поглед дека е целата до тебе стегната и сладосно издишува. ПРОЛЕТНА ВЕЧЕР Во десет навечер, во час необичен се споулавија сите скопски петли: танчат гаќерите, јачат бандерите, од мрачни дворови пискоти летаат накај небесата светли. Еј, сè разбудија! Во градов најглавен – по пропис ли, по ред ли? – од кај се изнајде олкава чудија бедни едноженци петли. Аа, сега ми е јасно што кикиригаат страсно! Во дворот небесен, далечен, чудесен, излегла кокошка златна сета се прелива, шета горделива по сињи свилени платна. Со златни зрна се храни во тие небесни страни. Еј, кикиригу! Еј, кикиригу! Јачи насекаде тука машката ука и бука – дални се небата светли, жални се скопските петли. КУМАНОВСКИОТ ПРЕВОЈ Кога в Скопско пченицата трае и ’ржта молчи во надгробна тага, овде е едно брановито море, ширина плавна и пучинска песна; душата – долу таговна и млака – овде се дипли сè талас по талас ко што се диплат тие шумни житја пеејќи: пливај, пливај, пливај еј! ПЕСНИ ЗА ФАУСТА ПРОШЕТКА Да, ова не е само мисла а роса, пчели, небо – спас! Но, Фаусте, ти доста шета, ај назад веќе. Имаш час. ИСКУШАВАЊЕ – Сакаш ли небо од црни очи, кажи, јас можам сè да сторам. – Пушти ме, враже, јас треба сега за јат, јери и јер да зборам. ЧЕКАЊЕ Пак пролет. Вечер. Улица пуста. Ти чекаш веќе десет лета. Но нема, нема, нема, нема, нема да мине Маргарета. НАВРЕДИ Кога би можел да ги изумам трите навреди во мојот живот – ох колку лесно би живеел тогаш! Но тие тука се, присутни везден, но тие живи се – будни и в соне, и тие низ себе сè пречистуваат со привкус горчливо-тих. МАТУРАНТИ Кај се тие испрчени гради, кај е оној смел и широк чекор, кај сте нади, кај сте слатки Нади, зар да трае само горчлив прекор? Кај е оној поглед жив што гори како в мрака огневита трага, кај сте зори, сонувани Зори, зар да трае само скришна тага? Нова младост нашата ја втори, матуранти пак во паркот учат, а навечер викот им се ори, низ корзото како река бучат. Пак го гледам оној широк чекор во идноста напред: ура! ура! Лептир-машни, вас чудо ве чека! Ах да не е оваа матура! ИКОНА Ти немај зазор од мојве очи кога те следат со тажна верност: тие се скромни зографи само тие се мајстори кротки од Гари во чудно дело внесени сосем: тие ти коват позлатен опков околу твојата света лика. ГУГУЧКА Гугучке страсно грлено зборување, Гугучке преграб црн околу вратот, Гугучке жедост за крилато милување, Гугучке жал за милиот и братот. АНГЕЛОТ НА СВЕТА СОФИЈА Ти којшто толку време мина под малтерот на ѕидот мрачен, пак слободен си в простор зрачен – о сине тих на мисла сина – со живот пак ти гори видот и зори како небо ѕидот. Но таа лика што се крие под малтерот на мојте гради и – утеха од дните млади – по убост како сестра ти е, не, нема мајстор да ја спаси, со мојот живот ќе се згаси. КАЛЕМЕГДАН Го сакам ова место покрај Сава во час на самрак, на стаена врева. Ко водјето на таа речна става и мојот дух со спокојство се слева. Од Калемéгдан сум слегувал често по скалите под стари влажни сводје до ова мирно предвечерно место, до шепотот на тие тихи водје. Но колку време, какво време мина од дните кога овде сам сум шетал! Си текла, реко, в далечина сина и една младост текла без да се сетам. И еве пак во самрак сега идам на брегот речен по патека знајна; ме сили нешто сè потих да бидам ко човек којшто наслушува тајна. Сè потихо се гласи стапка сека и како бран се слева мојот живот со ритамот на таа ширна река, на таа мирна приквечер со здивот. И јас сум само бран што леко тече, се плиска, шуми, се смирува, трае, и макар мрачен неврат да го влече, но сушноста тој сепак си ја знае. Јас течам, течам... И своите стапки јас сам ги слушам на брег како в соне, јас бран сум студен од гушнати капки и тонам како песната што тоне. И покорен на таа плавна песна се кревам горе па брегот го љубам. О време, сето брановитост свесна, зар зеде нешто и зар нешто губам? Не! Тие стапки во приквечер јасна ги слушам веќе една вечност цела и не велам: ти пусто, младост, згасна а – ти си уште жива, младост! – велам. И само жалам дека немам спомен што појарко во свеста да те роди од овој ритам на стапките, ломен, од шепотот на тие тихи води. СКОПЈЕ Ти што ќе стоиш на Газибаба, потомче – чуј: одовде и јас Скопје сум го гледал, а денот беше пролетен, од тие кога во меко единство се плетат свежите линии на крововите и сека топола е – зелен водоскок. Со поглед малце премрежен сум бил (одошто – молчам) но видовит и јасен. И знај: јас сетив дека овој повик мој е најсмел заграб во иднината, со твојот дух е преграб, јас би рекол, и како остра секавица сече век по век тој, и вика, клика, рика: Мисли на мене! БУНАТА КАРПОШОВА Оган ја разгоре ноќта, пушки немирници ѕунат – народе стануј, збирај се војско! Буна се крева, буна! Карпош од Карадаг слезе, од село в село ита, планински виор ги разлулеа зрелите в поле жита. Народе стануј, збирај се војско, рипај машчио, сиромашчио, гола-боса! Грабај кој има – кременарка, кој нема – ластегарка, сор и коса – удри го бејското племе, темник нека го земе, виор в пустелија нека го расее пчошкото семе! Каде поганци од кулите сосе пискулите и булите? Нема да куртулите! Крвав ви иде Еремија – в десница сабја му трешница, в левица гламна горешница. Страшна е раката што плаќа за маката! Зора зазорува – а по сите патје идат лути сватје, чекај, кумановски граде, ќе тропнат на твојте вратје, отворај визби, амбари, токми дарови – Карпош ти води свадбари. Буно Карпошова, селанска веселбо! Црвено вино – црвена крв – на пат се лее, јуначка песна се пее: На крала кралство ќе земеме, на цара царство ќе земеме, земја ќе ослободиме! Идат... а крај пат, на сув брест качен, Зија-бег – на високо. На рамо гаргач држи место сокол. Зијо, змијо на капина префрлена, еве ти за белите што ги чинеше, душата што ни ја кинеше, еве ти за беделите, за кулуците по неделите. Идат... Барјак крвавее, пушки ѕунат – народе стануј, збирај се војско, буна се крева, буна! СПОМЕН Ми останаа во умот белите магли и една пуста есен по нашите полиња... Бегаше возот наврнат, жално рикаше; бегаа селата есенски од мене и ридје голи тонеа во далечината. Беше расплакана, кална приквечерина, чад ми влегуваше в гради – за тебе мислев, земјо татковино, тага се склучка в гради. Како да не бидам тажен штом гледам што е нашево сега, нашено минато: бакалски носеј пробесени, бечви процовцани, унечки измацани; селански очи тресливи, раце испукани, умој исчукани, вратој наструпени, глави ничкум наведени... - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - ... А тие – деца пргави на света борба ветени – потурнати, поплукани, на раскрсници крвави умирале ужасени. Тие, на небо пустелинско од темнината штрекнати метеори угасени! - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - - Бегаше возот тогаш наврнат, рикаше во темницата; така рикаше мака во мене дека сум роден во згазено племе... И зошто сега пак љубов ме враќа кај тебе, земјо песочлива? ... Длабоко в душа остана спомен за бели магли по нашите полиња за песна од налани по нашите калдрми... ДИЈАЛОГ НА ПОЛНОЌ (Човекот си се размислува в pостела) Како се измеша веков, косата да ти се крене! Н’ остана живот за нас, за берокуќници, за прокопсаници, луѓе чесни домаќини... Си збиркал, се вели, еднодруго, си пустел, си штурил – в бочва винце си турил, сиренце в каченце, в амбарче брашенце, на чингел пастрмца, си робувал да си пригодувал – како берокуќник, како прокопсаник и домаќин човек. Крмнак сум заклал, колбаси сум наклал, сполај му на бога, гревота да се жалам – арно ми пушти прасето, стопив три канти сало. Компири, грав, ти реков – ми рече, од немачка, далеку била, немам страв. За цела година има да кркаат дечињата. Откај комшиите, богме, сосе черга кај нас ќе минат глувчињата. И слобода чекавме, и слобода ни дојде: напи си се винце, и што песна милееш можеш да си испееш. Што сакаме – си имаме, сè ни е арно и погодено. и пак тие пци бунтови креваат, очите си ги вадат – заради нив сега цел народ да страда. Како се смеша веков, косата да ти се крене! Си збиркал, си пустел, си стекол, а сега од страв водвор да не можеш асолно да си се исекнеш! Нити со мерак најаден, напиен, нити човечки наспиен: ноќе, што било ова саноќ да се пука – кутрата, се стуткала жената, а мене срцево тапан ми чука. Знаеш богдачува што бидува? Никој не те праша: прав си ја крив. Туку ти рикнала пред порта мечка: денес ундисуваш, утре те нема жив. (Надвор е бура, кој да ја разбере темницата налудничава, вие ветрот и можеби кажува утеха:) Јачи околу во темницата, можеби таму дрвја се корнат и со ветрот, и со дождот, со темницата ноќта очаена издишува, остаена, смртно ранета. Не бој се, висок е ѕидот, портата и на жапка заклучена, в кревет под два покрова не затинај ги ушите – ние над друг плачеме, со смртта што се знае, со ѕвезда роден на чело. Тебе во домата ти е како во ковчегот Ноев: крвава пења да врие надвор, тој докрепува јак. Инаку како животот другиден да се намножи пак?! Јачи околу во темницата, можеби таму дрвја се корнат и со ветрот, и со дождот, со темницата ноќта очаена издишува, остаена, смртно ранета. ДВЕ ДРУГАЧКИ (В затвор на „свиждане“ – 1942 година.) Затворницата Ами бебенцето, слаткото, слаткото, камо го – еднаш само да го гушнам! кажи – си гука? Боже да го слушнам! Другачката Со глас се смее, како прле прета и со рачињата само лета, лета. Затворницата Зошто не го зеде? Да го донесеше! Детински очи да погледав тука, детинско срце да сетев кај чука. И ти – за толку смислена да си бидела: од кога, еј од кога детенце не сум видела. А сега брзо кажувај како сте, како минете, за себе кажи ми – сакам сè да знам, јас тебе уште за прва друшка те познавам. Другачката Што да ти кажувам? За тебе жал ми е... Затворницата Зошто? Другачката Те нема – едно да бидеме и кај ни срце сака пак да си идеме. Затворницата Сега е друго. Не може сега. Но ете и мене мислата често ми бега во дните кај вас во двор кога седевме, за тие смеи, за игри, за сè и за тоа со каква надеж животот си го редевме. Ти после замина, јас на друга страна. Четири години... со мене оттогаш многу, многу нешто стана. Другачката Одвај те препознав. Затворницата А ти си истата. Другачката Да знаеш колку си од мене тажена... Затворницата Немој! Јас не сакам солзи и пискоти. А речи како си – со дете, мажена. Другачката Самата знаеш – нови домаќини, не ни е сè погодено. Пак и времињата не се. Главно во слога си минеме, колку што може збиркаме, за куќата си спремаме што треба да откинеме. Така е, не, баш послатко – сè сама да си редам. Куќата многу барала, јас дури сега гледам. Ретко да излезам: кино, слаткарница, штом не е на дуќан мажот ме води. Некогаш детето в парк ќе го прошетам, некогаш остај го, на корзо оди... Затворницата (уpа|а) На корзо? А зар има уште корзо? Другачката Има, до седум. Затворницата И одат така – ред по редум? Другачката Да, само векот е некако глув. Те чуди? Затвореницата Дека првпат чув. Мислам... се вртат опашките вешто. Другачката Ти ми се смееш. Да не згрешив нешто? Затворницата Не, мила! Гледаш – ти се радувам. Но има луѓе – в гради пајажина, – празно. Се сетив за нив и ми иде штуро, мразно. Јас ќе ти кажам за брат ми и снаа ми: дошле – тој се штутка, таа се срами, поджолтнати – на прсти газат, одвај шушолат в очи не ми се пулат, од срце нема збор да ми кажат и оти Лазар бил жив – ме лажат. Другачката Не вели, може! Затворницата Е мртов, отепан, одамна веќе знам. Па што? Што дека? Го убиле... грозно... Да премирам? Да плачам? Да зајдувам? Не! Ќе траам! Отепан уште појќе јас го љубувам. Стражарот Стига! Затворницата Одам. Засега што да си кажеме? Дај да те бацам, дојди пак – но лудо, ти не тажи ме. (Си оди) Другачката (pлаче) Сирота... СРЕДБА СО ЖИНЗИФОВ – ПОЕМА – 1. На стара Москва улица. Мирна. Минам – и минат матно два сиви реда уморни куќи, а в небо – кубе темно-златно. Притивна назад градската бука, приквечер мрежна се фаќа. Чудна е таа тишина тука, времето назад го враќа. И ми се чини – ова не сега а пред век станува ова, и дека тука ќе те сретам за дружба чудесно нова. Јас би те познал веднаш, мислам, по твојот опул мрачен, по одот брз и литото палто, по ликот сув и мачен. Јас би те познал и би те запрел ко земјак стар и добер, но ти си мртов одамна веќе, стемнет во мракот гробен. 2. И минам овде сега каде што ти си минел, но нас со црни далги нè дели еден век. И ете срце ми сака на твојот гроб да дојдам, над гробот твој да запрам во мисли потулен. Но кој – пат ќе ми каже, кој ќе ме доведе таму? Никој... Сиракот умрел в туѓина, в матен ден и згинал споменот негов и никој не идел веќе таму каде што заспал тој – заден мртвенски сон. По вечер вечер гаснел, сè нова трева расла, и ноќни пролетни водје срамниле незнаен гроб. 3. И што? Зар може смртта стара тој час на видок да го земе? Штом срце сака и мисла бара, измами ме, ти црно време! Мој претходник, те викам денес јас, што по исти пат се трудам. Знам – можеш да ме судиш мене, знам – имам право да те судам. 4. И еве како одглас в душа збор темничен и слаб се слуша: „Ти пошто мене ме знаеш, ти што по толку време ми носиш од дома глас? Зар в песна си ме сетил? Не в песна животот мој е како што јас го знам. Едно е поет да бидеш, друго да жолч те јаде одошто многу сакаш одошто скован си...“ 5. Јас нејќам близок да те спомнам кога на некој пир си се нашол. Си станал, велат, во царски дом и си кренал и ти поздравна чаша. Си имал тогаш поетска става, ти трептел гласот, поглед се влажел и за славјанска дружба и слава здравица дури во стих си кажал. Слушале царски генерали, со многу лустри домот светел. А тебе в грло вик те давел, нешто, до солзи чисто, си сетил. Јас нејќам тука да те спомнам! Ти нели в кална ноќ се врати со празна душа и снага ломна, со срам од лага, човек – што пати. Јас тебе в мрачна те гледам стаја в приквечер зимна, сива, слепа. Надвор е бура. Див ветер лае и никој гробно на врата клепа. Ти си се свил на тврдо легло, по сека жилка мраз ти тече, со сува рака зло те стегло, офтика гради со нож ти сече. Од таа немош – плач те стиска дека си распнат, сам и дробен, и скршен дозив в гради писка пред ноќта слепа на прагот гробен. И што да спомниш сега спрема оваа проста, јасна мака? Видело нема, ближен нема на чело да ти сложи рака. Далеку твојот роден крај е, далеку, матно Вардар тече, остана само спомен таен, мирис на летна, штуркава вечер. Но зошто спомен, солзно-трепкав, пред очи како жар што горат и споро длабат во мракот лепкав за малку надеж дури се борат? О, смете ветрот лански лисја и никој нема да ги врати. Зар твојот живот треба исто по пусти патје пуст да фати! Та срцето се праша, тажи во часот суров на судно време: „Што животот те дари, кажи, што смртта, кажи, ќе ти земе?“ – Без радост овој живот мина кон слобода во скршен порив – мој дален роде, еве гинам а толку малку, малку сторив. О зар ќе згасне мојот спомен, мојата мака и подвиг буен? Кажете. Сам сум ... Викам. Молам. Зар никој нема да ме чуе? И оди викот твој низ мрака, цел век се талка тој вик од очај, цел век ја гласи твојата мака, цел век нè дели. Но јас го дочув. 6. Старата Москва е тука. Сина приквечер на улиците слага. Јас минам кај што и ти си минел, ме стега некаква тивка тага. И еве срце ми сака на твојот гроб да дојдам, над гробот твој да запрам во мисли потонат. Но нема кој да ми каже ти каде мир си нашол, ти каде сон си заспал туѓинец непознат. Ти, мајко наша, попусто расна мажи со ѕвездено чело: нивната младост в туѓина згасна и глува смрт им беше делот. И мрак над споменот нивни се сипал и був над гробот им пискал. А ноќе дождец есенски липал, навевал ветрот лисја. 7. Мртов си тука... Сенка без спомен. Но тебе зар тој дел те чекал: да бидеш име во прашен том и лист пожолтен в библиотека!? И првиот сум јас што сакам очи во очи да те сретам. И прв ме жижна твојата мака за тебе близок, жив да те сетам. Ми треба другар.. Штом јад ме стиска и срцево е студен камен, јас кај да најдам душа блиска со жизнен да ме стопли пламен? Кој помош ќе ми даде тогаш, со таен повик да ме викне, со очи полни прекор, строгост, кој до дно срце ќе ми вникне? О другари, зар од нас секој во немир ликот не го будел на оние низ мрачни векој што носеле на подвиг удел. А Жинзифов? Во први зори тој орач беше на пуста нива. Па живеј таков и во нас гори, о Жинзифов, ко љубов жива. РАКУВАЊЕ – ПОЕМА – Вечерта на 2 септември 1941 година. Мансарда на една висока куќа во притивната софиска улица. Тоа е ста- нот на поетот Коле Неделковски. Тој седи на масата, пре- листувајќи го, занесен во некаква мисла, зборникот на Ми- ладиновци. Рацин, во шетањето низ соба, во овој момент е запрен пред отворениот прозорец. Светла над градот сè до далечината, како некакво ниско небо. Се чувствува преку крововите пријатен дах од блиска градина. Горе допира само благ шум што успокојува и што ја затвора самоста. Коле (Pогледот му се застојува, чита во себе, а pосле, гласно со гест сpрема Рацина ги pовторува стихо- вите): „ Момето одит на езерото, Да ми налеит бисерна вода...“ Бисерна вода... Ја гледам таа жива вода, жуберлива. Со срце, не со усни, би ја пил од бел грст на девојче, кога се прелива да не знаеш што е во него збрано: кладенче, сонце, бела гулабица, милување. „Одит момето на езерото...“ Како да гледам модра далга, а по неа друга, тивка, се шири, и така до далечината, до полно смирување, – и мислата што ја следи, сè поспокојна, таму се стопува со нешто широко, со една свежа и раскошна душа. Не знам, но за мене е тоа – најприсен допир со родината! Рацин: И тоа трае миг. Ах, далечен призор. Друг шум јас наслушувам, шум на крвта што секогаш е во нас, шум на црвени, бурни езера, зад работ на кои, секогаш, некакво сонце изгрева или зајдено е! Родината – низ тој шум прашање вечно: како во животот? Како со луѓето? Со љубовта и омразата? Со себе како? Лесен одговор во збор красно срочен, со важност за сите, со важност за сегде. Тежок кога безброј пати човек треба да го дава. Родината? Видиш каква мисла: врсница таа е наша! Ние ја растеме во себе, смртни а за вечност жедни, неа што треба вечна да биде! Погледот в срце – блесок в ноќен вир, и зборот нејзин: „Пред чинот сме веќе, доста несталните возбуди на песните! Не закопујте ме во жабјакот на млаките души, не оставајте пајажина да ме обвие во срца колебливи. Сонце сум – својот изгрев го сакам, слобода барам – изборете ја! Ах, како ветар дахот да ми мине над мајските ’ржје, и тоа таласање – на тревите да им се предаде, на лисјата да им се предаде, на рамнините, на ’рбетите од планините, и подалеку – на езерата да им се предаде, да биде докрај една слатка морница по снагата од сета наша земја!“ Родината: не спокој е таа, ниту езеро мирно, судбата на животот наш е тврда: верност бара напред кога нè праќа, на паднатите по нашите распаќа, на самите нас, да најде веќе смисла – жртвата. Како ќе постапам? Коле: Пред сите еднаш реков „во дните тешки да бидам верен!“ Врсница наша – што убаво, како свршеничка љубов звучи! Со сè што кријам во себе тајно, од себе надвор – ѝ припаѓам. Во часот суден за таа љубов како пред смртта би сум стоел? В зеница како би ѝ гледал – неизвесност. Но човек треба да се спрема, и ми се чини и јас се спремам, Чудно чувство имам откако сум решен, од слабост е тоа, знам: во сè ми бара мислата жаловна сладост на разделба, горко уживање: Сакам да гледам ластовечко гнездо, кога ги храни мајката голите пилци: на полно, распеано срце тогаш ми личи, но трошноста му ја сеќавам пред ветрот, и глувата негова тага есење, првата ноќ кога останува празно, од своите жители напуштено. Сакам да прошетам низ стасана пченица, в зори пред самиот почеток на жетвата, кога на едниот крај жетварите веќе завратиле ракави, и српот блеснува со првото сонце; тогаш е нивата уште полна тајни, полна шепот меѓу класјето и цвеќињата, но потполошката, возбудена за своите јајциња, добро не ѝ вештава: вечерта таа ќе биде жалосно стрниште. Сакам осмев на случајно сретната девојка, уловен на минување, којзнае како жижнат: од стек на мислите само нејзини, го сакам заради жалбата што е неповторлив и што е ведно прв и заден поздрав. Затоа толку песната ме трогна за момето на езерото, затоа така живо си ја смислив бистрата вода во момински грст: поезијата е чиста таа вода; – но ако не ја испие жедното срце на човека, неа ќе ја испие жедното срце на сонцето или земјата – росинка по росинка. Ах, таа водичка е само миг што збрал сè од светлоста, свежеста и убавината во една дланка, и што со сета убавина гине. Рацин: Кажи, дали мислите ни се толку блиску, и едно претчувствување ли е тоа, и една жед? За жива струја и јас копнеам, но да е таква – утока што нема, што нема крај: дека не по песок тече, бели камчиња ронејќи, и не низ трева со смеа се извива, игралита и ѕунлива иако млако спокојство ја чека. Не! Таа тече од срце до срце, колку што срца народот го чинат, ах, смисли ја широчината на тоа корито! Таа во безброј водопади се прелива, блискотни, од срцата на старите во срцата на децата, во обновата на колената. Ах, смисли ја бескрајноста на тоа течење! Сладок шепот, сладок плискот, преливи на сонцето и месечината, ноќни приказни, и бучење, што страши, во далечината, и пијанство од виножито во вриеж на пењи, и сето тоа во човечки гради! Таа струја ја жедувам – поезијата. Ја знаеш старата сказна: два рида се биеле: ќе се делат здив да земат, и се загнуваат: снага со снага се урнуваат, со остри спили како со заби се колат, та оган прскоти од чкртањето. А меѓу нив, среде, во лака – кладенче жива водичка: секаква болка смирува, секаква рана лекува, кој ќе се напие од неа умирачка му нема. И јунак таков се нашол беше да ја превари силината на планините, да го издржи жарот на нивното збивтање, од живата вода да изнесе на мирната светлина денот каде што почнува. И ете, ми се чини, ние во исти подвиг сме тргнале, жива вода да црпеме, меѓу два рида што вилнеат, в срце на луѓето да им ја влееме – живата вода на поезијата. На бунт денеска таа треба да крева, на жртва мал и страден народ да вика, и зборот веднаш дело да стане! О, треба да сме триж силни по дух, деца на мало, потиснато племе, во бурава на светот, на татковината – што прави смисла, први слободен облик ѝ даваме, на поезија творци први од срцава што ја извираме. А кај е во нас, дали ја има на оној древен јунак силата? Долгот го знаеш, но ситен да се сетиш – страшно! Дали се чудни тие сомневања? Кој ќе ни прости? Кој ќе заживее со нашава душа и тогаш кога веќе ќе нè нема? Коле (тој му се доближи дури траеше ова зборување и сега се двајцата еден до друг сpроти ноќната рамка на pрозорецот): Дај ми ја раката, молчи, доста! Сладок и чуден часов е за мене, душа со душа божем се прелева, како далгите на езерото, сè подалеку, сè пошироко, до она полно смирување; како крошните кога ќе запрат од лелањето, а две близначиња во нив тукушто заспале. Долгот го знаеш, и надеж имаш во чинот на жртвата. Ах убави и ненадни на животот се игрите. Ништо повеќе – само трепет на тревка, одот на мравка како возбудува! Но пак сме среќни ние пред сека разделба... Доста е олку можење, верата, верноста наша, за тие по нас да дадеме на срцето мерка. Жалај ги тие што биле, тие што идат, и жедни за вистината, дека в срце ги клука, устремени кон неа, сепак – иде такво време – каде е таа не знаат, во црно, пално беспаќе се губат како жерав со пискоти во зимска ноќ непроѕирна. Ја гледаш книгана онде од која вечерва зборот потече? Сети се како умирал тој поет во влажна зандана, сам, каде што очите на смртникот биле светлост единствена. „Да видам Охрид, Струга да видам!“ Ако таа мелодија го испраќала, колку безнадежно, пусто му звучела. Негова песна, а може само издив му се чинела што гине од срце откинат, без трага за човека, и никој ништо за еден живот нема да знае. А сепак колку пати тој издив и нашата душа ја разлеал, и колку ни е близок овој човек! Вечерва со нас го чувствувам, како жив да е овде, (Нагло се свртува) како да иде и тој кај прозорецов, благ му е погледот и призивен, тих осмев, среќен иако истрадан, на усните, сè уште само мене ме гледа, јас му ја подавам ракава, ах, колку слатко, колку чекано ракување! (Се pотресува, pоминува со дланките pреку очи, и pак, озарен, му се свртува на Рацина) Призрак! И нас некој вака ќе нè спомни. Но ти си овде, тебе можам вистински да те прегрнам, Мој драги друже! (Живо го pрегрнува) Биди весел, Сета радост на овој час да ја преживееме, Ова барем не е преграб за проштавање! ЕПИЛОГ Истата таа ноќ... Вака е опишан настанот: „При опит за арестувањето му, на 2 септември 1941 г., од софиската полиција, како член на една македонска диверзантска група, доследен на гемиџиите, Коле фрла една од бомбите против групата полицаи, со надеж да си пробие пат, и гледајќи дека тоа не може да му помогне, се фрла преку прозорец од шестиот кат на неговата мансарда за да не се даде жив во рацете на врагот.“ Кон ова ќе прибавиме уште една подроб- ност: на масата сè до другиот ден стоеше книгата отворена на истото место. Преку двете страници беа отиснати, со крв, ранетите дланки на Колета. Тоа беше неговото последно ра- кување. ИГРА СО ДЕТЕ На ќерка ми 1. Дај ми ги рачињата, здружи ги прстињата, нашата игра да си ја почнеме стара и проста но шалава доста: Чук, чук! Кој чука? Стојанче. Што бара? Оганче. Влези, земи си. Враже, таму кученце си скрило и се смешкаш лукаво ко сребро, и се смееш како изворче! А пак мене – зошто сега веднаш? – пред портата на срцево сенка ми застанува, со студни прсти некој тихо тропа: Чук, чук! Кој чука? Тагата. Влези внатре. Јас жалам дека сивило ми паѓа, пепелав плашт, на споменот за твојте дни и игри, о дете мое! Нели сум за нив сведок единствен, а правам таква изневера страшна: јас немам сила она да го чувам што ќе го бараш ти по тајно чувство, што ќе го барам јас – со горка жед. О расипник! Ти криеш в земи благо сека ноќ а дента веќе забораваш каде. Ко огниште коледарско е умот: взори напуштено, снег го премрежува, жарта пишти и гасне, и јагленче е споменот. Па кај е, кажи, оној блесок прв на првно запче? И кај е, токму каков беше гласот на она слатко гугање? Знам! Знам! Но зошто веднаш појасно ги гледам во утро пролетно во дворот наш двете гугучки на кајсијата? 2. Ништо. Така. Мило, ти се смееш како сребро, ти се смееш како изворче: тече смеа во браздичка бистра, по зелени тревки, пее смешна песна, скокотлива игра – за прстињата на ножињата: Малото прсте – просенце, а до него – бобенце, а до него – грозјенце, а до него – лешниче, а до него – јагодче, врапче да го чапне, шатче да го лапне! Ти го криеш лукавото палче полно скокот, полно итрини: оно знае – каква радост тогаш! – од скинато чорапче да ѕирне како глувче. Ќе го начекам. Ти се смееш ѕунливо ко сребро, ти се смееш како изворче. Очи, очи, на моето дете! Со вас зборам и се радувам, а со себе – се нажалувам. Игро проста до животинско! Кај е она спокојство на лавот што го шарат од решетки сенки но тој има толку широк усмев, мудро смирен поглед, кога својте дечиња ги гледа со опашот кај му играат. Сине мило! Ти го славиш твојот голем татко. А јас – кога од некаков израз по лицето сенка ќе ти мине, трепет што го мислам само мој – се плашам: да не некој миг некогаш по исти начин како мене да преживееш. Пред портата од срцево некој запира, чука, праша: може ли срце лебна трошка некого да засити, може ли таа ломна стреа некого да заштити? 3. Сине мило! Твојот татко глуви битки бие, ти си само негов верен војник, само еден, ти ја следиш неговата сила. Ако паднам во дневниот подвиг, ти ќе треба со своето снаже, сине, само да се исправиш. Зашто – дете, тоа звучи гордо! За сè мрачно и мачно во светов имам една насмевка на татко и со неа понемирен грч, а ти имаш верба ужасна, сине – дојди да се гушнеме, не лути се што те стискам толку! Во играта секој нешто влага: да се гушне смеење и тага. ВЕЗИЛКА 1. Везилке, кажи како да се роди проста и строга македонска песна од ова срце што со себе води разговор ноќен во тревога бесна? – Два конца парај од срцето, драги, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави таги, другиот копнеж и светол и стрвен. Па со нив вези еднолична низа, песна од копнеж и песна од мака, ко јас што везам на ленена риза ракав за бела невестинска рака. Судбинско нешто се плело за века од двете нишки, два созвучни збора, едната буди темница што штрека, другата буди вкрвавена зора. 2. Везилке, крени наведена лика, погледај в небо во претпладне златно: се шари таму и чудесно блика твојата везба на синото платно За тебе нема ни вечерен запад, ти – морно око на трепетна срна. Две бои таму ти горат и капат, две шарки твои – црвена и црна. Зар не се плашиш од јаркоста нивна, и најмил спомен дека ќе ти згасат? Зошто се губиш, ти строга, ти дивна, дните ти минат, прокоби се гласат. – И најмил спомен што в душа ми блесна се гаси од нив ко цвеќе без боја. Но ти што ловиш звук на чудна песна, ти си ја кажа судбината своја. ГРИГОР ПРЛИЧЕВ 1. НОЖ За ова срце сегде острат нож а ножот веќе забоден е внатре – и стига само да се засмеам, ќе сетам веднаш колку длабоко ме пронижал, со колку танки жилки на остра болка в гради ’ртил тој. И тогаш реско усетувам дека сум избран – сета невола и тага и сета ропска потиштеност грда на еден народ да ја истрадам, молчаливо и тврдо да ја носам. И бележан со некој пален знак јас треба да ја сетам цената на секој подвиг што напред нè води, дволичноста на сека победа. О браќа, знајте – не само од подлост жабурлива јас страдам, што ја газам, – а тајна чува мојот мрачен молк. 2. ПАТНИК Јас, суров нервчик, еве гаснам веќе и божем газам на мраморна плоча. Црнице збогум, подгрбена мајко, го надживе ти својот скрбен син, и вие збогум, о петрински лозја, со претчувство на ново трпко вино! Но вие, штири, со кибарни куќи во кои млачно мусандрите дишат, баздриѓани, туѓ меѓу вас сум бил, сум живеел во хмурна меланхолија. Ве тревожев ко патник што на полноќ застанува пред портите да клука. Ме гоневте – рамнодушни и злобни – а сега дури и гробјето ваши пак ќе го гонат мојот суров гроб, и вземи туѓ и притеснет ќе бидам сè дур не дојде едно ново племе што ќе ме сака и прослаува. СНЕГ Завева белиот снег неколку привични пата. Долу пред мојата врата гинат белокрили јата тихо во спокој мек. Белиот небесен снег реди еднолична сказна, дека е душава празна, сама пред осуда мразна – кажува белиот снег. Шепоти: сам си, сам. А јас се спремам назад, нозеве пак да газат патишта што се мразат – до денот, што го знам. ЅВЕЗДИ Думам – вие еднаш ми зборевте нешто, но не думам веќе што и како било, и залудно да се присетувам сега – сивило се свило, споменот го скрило. Думам само – беше на полноќ во Раец, чкртаа по патот кираџиски коли и штуркаа, ѕвезди, еднолично штурци со глас што се моли за тивнати боли. О ѕвездено небо, мислев дека мој е зборот како тајна што во мене ѕуни. Но залудно да се присетувам сега – зошто да ме буни звук на глуви струни? Го паметам само тиквешкиот говор на колари пеши крај чкрипливи коли, само она тивко штуркање во Раец и глас што се моли за далечни боли. РУЖА Ружо со лисје како меки усни, ти цутена на полјанка, те следам, те следам скришно, девојченце мое, и само гледам, и само те гледам. Ружо, јас сакам оној румен звук што во тебе се таи да го слушнам, ружо, јас сакам, и ќе дојдам вечер, ќе дојдам вечер скришем да те гушнам. ЗАСПИВАЊЕ Твоето чудно заспивање телото уште дури ти гори, твоето радосно заспивање ме кори, ме кори! Прости се твоите ноќни сништа, љубов девојчински цела – како да кинеш секоја вечер од гранка јаболка зрела. Но сошто јас да ти вратам? Ме стега свирепа жедност. Некаков копнеж за тихо прикажување мрзне во устремена ледност. ВИЈ Во свеста, како во полноќна црква, те заклучив. И свеќи ко што бледат на гасење, ти сега бледиш така, а сите светци похотно те следат. Ти тука си заточница за која јас толку мошни заклинања правам, и еве веќе настапува часот и сешто гласи дека ќе се јавам. Јас идам како оној грозен Виј, со сиви очи, сиот земја жедна, да, страшен сум, и дека нежност носам во тврди грутки – затоа си бледна. Се ближам како нежен Виј, но веќе таинствена си повлекла ти црта, и штом ќе стапам до пределот, остро се руши понор и со карпи чкрта. И сиот жеден, песок, јас се ронам во таа пропаст, и сè веќе гасам. Јас, Виј, во свеста те домамив мошно, но, жеден, немам сила да те стасам. ГАЛЕБ Ти си, но толку далечно млада, ти досудена како мака од која во себе глуво се страда, ти што ќе страдаш некогаш така. Ако и душите да ни се демнат, но нема тие да се сретнат, нема да станат две вити крила на галеб над море пролетно летнат. НЕЖНОСТ Ти само, што ми идеш на сон, од денот – в предел темно-мрежен ти една само можеш да кажеш колку сум тих, и дури нежен. Иако сонот ми дал право да сложам сенка на секо чело, искрено кажи: дали сум те навредил, еднаш, со какво дело? Не! Силен, сепак сум се клонел на власта своја да се решам, – да не би да ме намразиш тајно, да не ми идеш, ако ти згрешам. РАЗДЕЛБА Ми иде да те молам: пристапи како тело, да видам дека си жива, не сенка, призрачје бело. Но за да станеш чиста тревожна слика на сонот, сега ме оставаш сам со прстите што ме ронат. Да сфатам: оваа делба вистина открива, значи – не било, не е стварност тоа што стварно ме мачи. ИГРАНКА Неколку млади вити тела што вредат колку вечност цела, повелба тајно што се слуша со темен звук се јави в душа, во една кална ноќ ме гони во која дождот капки рони, во ноќта кална да се скитам само да итам, итам, итам, за прослава на крвта млада да има некој и да страда. КОШМАР Што тажно да заспиваш сам по ноќ на желби и трескот. Јас таа тага ја знам. И зошто тогаш сиот баран блескот и сета веселба барана? И зошто, повеќе од тоа, благост во погледот и зборот наш за час макар дочарана? Ах зошто, зошто? Кога се враќаме ти пак си студна. Разочарана се леди од тебе душава блудна. Јас сум груб, јас сум луд од тој студ! Не, нејќам јас да биде така. Ме дави сува рака. Јас страдам дека сум сам, во кошмар дека се губам – а сакам да љубам, сакам да љубам! ПЕСНА Зошто дојдов сега кај што сме минеле двата ние? Црвен облак в небо запрел, прва сенка в поле паѓа. Мирно долу река дише, тивко, тивко, тивја патот. Дална моја, јас што сетив чуден, мрачен мир ми дава. Ти си како тивка песна еден само што ја знае. Зошто дојдов сега кај што сме минеле двата ние? ТИШИНА Има нешто многу просто – и тоа е тишина, има нешто толку тихо – вишина, ах вишина. Легни спрема ова небо, тони во височини, склопи очи, склопи очи, уморен си, почини. Сека птица, сека птица ќе го свие крилото. Ти си сега толку мирен, сам во зеленилото. Зошто уште, зошто тоа секидневно збивање? Има нешто многу просто – тоа е заспивање. ПРОЛЕТ Се бистри матното око на небото, сончната зеница се присенува. Есенската седба на моите желби под снегот, убога, зазеленува. ТАЈНА Откриј ми една твоја тајна па макар колку мала и лесна, јас ќе ја кријам во себе гробно – дури не стане песна. ВРВ Еве на врвот се искачив. Сам. Тука не ме следи око ничие. И што? Јас во себе пак го шепотам жалосниот сон на своето величие. СМЕА Ми секна смеата и жеден за неа в далечина гинам врволица. Грлово ми е некако станато песочна суводолица. ЖРТВА О драги предмети, о мили луѓе, си мислам напати – дај сè да срушам! Но вие велите: жртвуј ја младоста, вие ми велите – и јас ве слушам. КАФЕЗ Триесет години. И што е сторено? Триесет скршени врчки. Детето во мене е затворено во еден кафез од брчки. РЕКА По река нагоре! Водата шиба! Но колку силна е мојава снага, мускулот како ме слуша! Низ река надолу сега се спуштам: колку е спокојна, колку е блага и колку плавна е мојава душа! ЗДРАВИЦА Нашите чаши се целиваат, во нив црвеното вино се смее. Другари, дали сте и вие искрени како тој усмев што искресто тлее? Јас имам една желба потајница, за неа сега си помислувам – проклето срцево ако ваше не е! ОД ВОЗОТ Ене го крајот во возбуда сина. Таму детинството мое ми мина. Плачат оние планини за мене! Под нив, на падина, се приѕира село. Зар некој не мавта со шамиче бело? Плачат оние планини за мене! Возот одминува сè што ќе срете. Си било онаму еднаш едно дете. Плачат оние планини за мене! Често мислата назад ме враќа. Животот другаде негде ме праќа. Плачат оние планини за мене! СТАРАТА Цел ден над роданот неми зборови реди. Навечер со жените на порта седи. Кротко темницата дише во сокачето. Сите се прибрале. Настанува штама. Таа ќе поседи уште малце сама. Кротко темницата дише во сокачето. Мракот пред очи се збра и се движи. Слуша: како познат чекор да се ближи. Кротко темницата дише во сокачето. За овој час што до срце ја штрека, секоја вечер таа чека, чека. Кротко темницата дише во сокачето. Најпосле се крева дома да влезе. „Добровечер“, чкртнува на портата резе. Кротко темницата дише во сокачето. ПОЧИНКА Есенва е мирна, просветлена сета. Човек сака негде далеку да шета. Убавино, ти ме заморуваш веќе. Сè ќе минам кое со возбуда мами. Има такви места каде што сме сами. Убавино, ти ме заморуваш веќе. Смирноста е мудра, страсноста е глупа. Ќе седнам во паркот на некоја клупа. Убавино, ти ме заморуваш веќе. И долго ќе седам, со цигара в рака. Вечерта што иде ќе ја чекам така. Убавино, ти ме заморуваш веќе. УТРО Утрински посетители на паркот, треба да сте чудни луѓе вие, треба нешто да ви недостасува! Ах да го уловам извивот на пајажинана, ах да го фатам трепетот на сонцето на овој лист, ах да го предусетам летот на белата пеперуга! Утрински посетители на паркот, нели исто нешто помислуваме? ДАБ Се суши веќе овој древен даб и бршлан нему повијат му треба та сочна убост да му даде тој и сладок скокот по тврдата кора; а дабот ќе му даде висок раст и дален поглед во долината и ќе му дари заедничка смрт. СТЕБЛО Паднатите лисја ги викаат тие што уште, уплашени од неизвесноста на падот, трепетат на дрвото: „Дојдете долу да си умреме, побегнете од ветриштата во приземна тишина. Нека остане гол тој јагленосан скелет да крши црни раце во просторот, трупот нека му биде корито за водите на дождот есенски. А ние густо ќе го обиколиме, да не може да го пречекори кругот на своите жолто-златни спомени“. ЛАСТОВИЦИ В зори пискаат ластовиците птици врз кои ноќта и денот се делат, ние сме брзи совалки – пискаат – што ткаеме нејасна преѓа на тајната самракот ни е нашата стихија и сè што е миговен допир на граница. Водата со воздухот како ги порабуваме сте нè гледале, но нема в небо никаква трага од нашата работа. Така пискаат ластовиците. ПЧЕЛАР Кога ќе помислам дека сум можел да станам пчелар во мојот живот, дека пчеларството е мојата сушност: сетувам мирис од матерка, дочувам дален приспивен повик дури од моето детинство селско, како се кротат роени пчели „мат-мат-матице!“ и живо ројот зоврен го гледам кога се фаќа на маслинката околу сиот позлатен од сонце. Надежна моја пролетна песно! ЈАГЛЕН Само да замижам – тој веќе расте од подземноста, безоки, црни, грижни старци се исправуваат пред мене, нивните чела со строги брчки ми се внесуваат в лице, ако ги стиснам посилно клепките – црн, тој на карпи се трупа, веќе ме надраснал, ме поклопува, крцкаво ме зглобува во себе, и јас сум веќе в подземен рудник црна грутка што си шепоти: можам да горам! ШТИП Два рида со сиви погледи, стисната, студена усмевка. Пладневна сувост на стените. Не расправајте ми за оние стари куќи долу што се ронат, раскажете ми за една убава љубов тука што поживеала. ДЕТЕ ЗАСПАНО КРАЈ ЕЗЕРО Ти спиеш малечко а езерото се замислило – езерото ја подготвува твојата судбина. Ти спиеш а тоа со неусетно потплиснување ти влегува в душа како во заливче со бели камчиња во кое секое камче се гледа. Ти спиеш но и најситното негово набирање како нишка води до оние гласни таласи што еднаш ќе се родат, ќе заплачат и ќе те понесат. Спиј си детенце езерото ја создава твојата душа и мисли за твоите идни возбуди. БОЛЕН ДОЈЧИН Кога бев преполн сила што придојдува како матна речна глава, кога се сетив вреден за мојот подвиг, достоен за слава, кога ми закрепна гласот за најдлабок збор, раката за најтежок меч, ногата за најверен ôд – тогаш се сломив. Паднав како црешово дрво од премногу род. Една потсмешлива сенка ми ја издемна трагата, како змија во гробно камарче се вовлече во свеста, смеата ми ја урочи, ми ја зацрни тагата – да се обѕирам подозриво, да думам да шестам. Тогаш се сетив ситен и смешен и долен, – се стопи снагата, капнаа раце, падна мечот, паднав болен. Болен лежам до девет години, што искинав до девет постели. Не ги чувствувам веќе своите зглобови, јас сум расфрлан на тврда ледина на пеколен пладневен присој, јас сум раскостен коска од коска, низ моите коски трева проникнало, низ таа трева змии се ведат. Јас копнеам гроб темен и студен – нема крај без мојот подвиг суден. Непозната жено, единствена на светот, сестро и мајко моја, ти што си страдала многу, ти што си сетила мака до вбигорување, дојди, сестро златно, збери ги моите мувлосани коски, не грози се, состави ме, повиј ме со триста лакти платно, речи ми тих реч, исправи ме, научи ме пак да одам, мајко, дај ми в рака меч – да убијам Црна Арапина. Да умрам. ПЕПЕЛАШКА Јас бев замислен прво во мечтите на едно селско сираче гонето од маштеа. Потурната Пепелашка. Мајко моја, колку сме далеку, колку сме блиску! Јас бев доен уште во рулче на нива под сенка на брест, на жетва под сенка на сноп. Мајко моја, колку сме далеку, колку сме блиску! Те носам како ти што си ме носела, тешка и уште една ронка од нашиот селски воздух в гради држам – да ме боли. Мајко моја, колку сме далеку, колку сме блиску. ЉУБОВ Тие ми шибнаа суво копје в срце, многу раце стискаа поздраво да го зацврстат. После рекоа: „Чекај да раззеленее!“ ВОЛК Пците неспокојно застригоа со ушите и заквичеа. ’Ртките задраскаа со нокти по мразот осветлен од месечината. Негде наблизу подмолно гази сенката на волкот на љубовта. Некој свика: Ујда-да-да, по него, држете го бре! Зазбиван од гонењето, тој запре, да земе здив. Оддалеку се слуша неговото завивање: Ау, ауу, аууу! Тоа значи: пак ќе наминам. Тоа е еден опис на обична ноќ во смрзнатата шума на моето срце. ВЉУБЕНИ ДЕВОЈКИ Тие имаат лице нежно осенчено, како да паѓа на него сенка од проѕирни лисје, и лицето неусетно се издолжува. Тие имаат очи зголемени, замислени и влажни, како да се плашат од секоја странична изненада. Тие го наклонуваат така леко челото да го допрат до усните на саканиот што им се чинат тогаш како крилца од пеперуга застаната на тревка – за миг пред да одлета – а тревката се наклонува. Тие ги стрелкаат тогаш в преграб рацете очајнички смело, слепо и неминовно како весла во разнишано море пред кое неволно замижуваме. Боже, дали вистина некогаш сум го доживеал тоа? УБАВИТЕ ЖЕНИ Убавите жени во мојот народ тие брзо прецутувале како цут од кајсија како мајски јоргован. О неправда! Тие им припаѓале на неизбрани мажи, нивните коси дење сплетени во прцлиња ноќе распуштени по градите и колковите. Нивниот постап на препелица набрзо го сопинала унечка, нивната младост поминувала како мирис на липа што го одвева ветрот. Набрзо тие седнувале на порта со наведната глава и издадени коленици, со нечујна издишка. Убавите жени, несреќните жени тие брзо прецутувале како цут од кајсија како мајски јоргован. РЕКИ Ги пуштив реките да течат дека се матни, дека мислат гласно, и може негде некому да речат што не сум знаел да изразам јасно. ТОРЕАДОР Јас долго чекав еден добар збор, да дојде некој што сиот ме сака. Омразо, бику, доста твојот рог со годиње го извивам со рака. Сум морен веќе од тој натиск див, и в жили тапа рамнодушност лази. Омразо, бику, ако потклекнам – сеедно, гази со копита, гази! УРНАТИНА Урнатина. Ѕид или камен? Зелен мов во секоја длабнатина. Жолт гуштер – домаќин стамен. Сонце безразлично по урнатината. Ете ја вистината. МРАЗ Истината е собата. Мраз. Мразулци обата. Како да не дишело тука дете. Каква студена способност за омраза. ПОЛНОЌ Клучот од ламбата чкрапнува, безмилосна светлост ја мрзне собата. Детето спие на креветче. Куклата крај неговата главичка, само таа ја гледа опасноста, и крева очајно раце занемена од страв. Таа крева очајно раце, иако на врата стои еден беспомошен човек, со виновно спуштени раце и со наведната глава, иако тој иде да го баци детето. ПОСЛОВИЦА Кога човек ќе загуби право на смеа и право да биде умен да дели правда да се прави важен и право дете и жена да сака, тогаш – му останува правото да биде тажен да умира од мака да чемрее довек – тој човек. ПРОШТАВАЊЕ ОД ПАРИЗ Преминав со дланка по грапавата кожа на ѕидот и реков: Збогум, умирај пополека, Ја допрев со рака оградата од паркот и реков: Збогум, умирај пополека. Ја погалив, како случајно, кадравата коса на зелениката и реков: Збогум, умирај пополека. Ги кренав очите кон небото ослепително сино и реков: Збогум, преминувај пополека, јас ќе го зачувам твојот спомен. ДЕВСТВЕНИЦИ Ни збор за глуждот што подмолно боли. Сте минале, од љубов гладни, саме. И една смртта ве запозна голи, аскети преки – Гоце, Пере, Даме. Ни еднаш рака на вашето раме не се допре, што сакала да гушка, а само сенка бесплотна од знаме и само колан од студена пушка. И само на сон сте земале прочка – забрзани – до оној заден екот, до оној куршум, в срце, како точка. Не истина на сонот жедост врена, не сетивте да стане дребен векот – ни колку може да навреди жена. КОЛУМБО Ја видов првпат таа земја в зори, мечтаната – та очиве да пазат прв одблесок на сини дални гори, морничавост на бранови што лазат. За ваму, ребрест, на веслата фатот ме водеше, без бури да го сразат. О убав беше в неизвесност патот, а тажно беше враќањето назад. И крајот уште потажен ќе бидел – да мреам, земјо моја, робјаш гонет, јас, што за простор жеден сум ти идел. Во темнило и споменот ми тоне – да не знам веќе дали сум те видел или пак само сум те сонил в соне. ПОРТРЕТ Под тие веѓи под стреа – потслон мрак сон на сон смеа. Тие веѓи меѓи на падот во понор пат во подземни места темно вретено на торнадо од кое заоѓа свеста. ВОДНО На една предесенска падинка, на Водно, со благо сонце и со мирисна скритост, тројца лежевме на грб, загледани во небото, три одамнешни тела што ја загубиле својата витост. Топлината на земјата беше милосрдна и не беа против нас багремите што венат, – и она благо синило, сè поспокојно кон висината и сè подалечно натаму, го води погледот, и модри дамки го сенат. И бевме веќе сосем во него, откинати од тежеста што по земи нè влечка, – следејќи в бескрај една виолетова нијанса што ветува сè да распреде за усмевнатата, предоживеана, мудрост дечка. Но нишката стануваше сè потанка и безболно се скина, и ние бевме благо потурнати пред тајните двери, оставени на милозливоста на сонцето предесенско што разбира секого и што со утеха цери. Тогаш разменивме два-три обична збора што враќаат кон земјата и звучат без мака. И бевме задоволни што можеме да го потупаме грбот на зрелата падинка со рака. А кога заслеговме, сонцето беше на заод, и сите прозорци на градот под нас имаа пројаснети зеници, и, обнадежени, нашите чекори газеа леко по патчето, и бевме сигурни дека носиме добрина долу – како некогаш кога бевме млади занесеници. ПЕСНА НА ЛОЗИТЕ ВО ЛОЗЈАТА НА ВОДНО Ако молчиме немо во сончево пладне кога е времето тихо и тревките траат, тоа не е зашто жаламе секоја сама, тоа е за да биде убаво. Ако се нишаме од половина кога ветрот ќе задува, и се наведуваме возбудени една кон друга, тоа не е зашто ужас од корен нè полазува, тоа е за да биде убаво. Ако постиламе сенки на месечина кога никого нема да нè изненади, тоа не е за свитците посилно да светкаат, тоа е за да биде убаво. Ако сме покорни под рацете на лозјарите, што ги кастрат нашите гранчиња и ги галат ластарите, тоа не е за да родиме грозје и вино, тоа е за да биде убаво. Чудни сме ние... Кој почнал да нè разбира – земјата му станува сè поблиска, луѓето сè подалечни. МЛАДОСТ Се открива чудесен пејзаж на станица кога, негдегоде, раздвижувајќи се, пуфкаат пареа локомотивите, наутро. Тие не знаат тогаш дека има установен возен ред и дека, најмногу што можат да сторат, е да закаснуваат или, ако се шалави, да се претумбаат. СААТ Го угасиле беше радиото преку и, во необична тишина, го чув саатот на витрината. Идеше како рамномерно штракање на шивачка машина. Разбрав – како за сето време тој да обрабувал едно онакво чевре со какво порано ергените го тавреа малото џепче. Разбрав заправо од каде ми идела оваа гроза по коскиве. СОНОТ Не напрегај се да ме гледаш, јас имам свој тек, тешко да ме разбереш. Јас сум како подземна река под белиот варовник на дните, изворот ми е – далечна детинска ноќ. РАЗГОВОР СО ДЕТЕНЦЕ Седум години тече моето бистро поточе и расте – а јас, патник што толку долго чекори, сè покрај него, нема што да зборувам, го слушам занесен неговиот глас. И само одвреме-навреме ќе кажам по некој збор да го спотнам разговорот, кога ми се чини дека стивнува. Јас се сеќавам за веселите слапејчиња што шумеа – и го чувам грижно тој спомен, дека нема враќање узводно. ПЛАНИНА Има еден слој врз душата: со нокти би го гребел, со еге би го стругал, би го стружел со ноже како лишај на карпа. И да се случи дури со волк да се здавам, да го преколам, и да сум здивен сосем – пак таа скрама! Планино, рамна рудино, планино со два огромни колка, ништо не лекува, само нè слекува до основната болка! ПРЕД ГОДИШНИНАТА НА ТАТКОВАТА СМРТ Мајка ми само ова го рече за покојникот, како тажачка: Кога ќе го видев оддалеку во бела кошула на нашата нива, ми се чинеше бел бајрак се вие над нашата нива, со него полето ми стануваше убаво. Мајка овој час зајачи во сонот. Никого не го потресе тој крик, никој не го чу освен самиот мене. Мајко моја, толку сме осамени, богати само со силата на залудна љубов. СТРУМИЧЕ Еве ќе развијат в бавча струмичињата. (Така, по наше, ги викаме хризантемите). Набабрува споро жолтиот напон на нивниот цут, уште е тој како стиснато детско раче. Мое струмиче, ти го пречека со треперлива мисла овој човек што зачекорил кон староста. Јас сум тој што ја откри убавината на твоето чело, мекиот повев на влакненца по двете слепоочници; но ти се исправаш со самосвесна става, со меки жолти реси во чудна чистота. Се оцртува твојот лик во прозрачниот воздух на есента – и немам јас право, не можам ни да ја допрам чистата душа што ме надраснала. Минаа така убавите денови на оваа есен. Многу те засакав, а сум беспомошен да задржам макар привид на среќа. Залудно вети да ги снема моите тажни песни – шумоли есента, вене, сета во моите жили. ГУГУЧКА Не е целителен веќе, како порано, твојот глас, ами безмилосно ми го повредува тој слухот. Болна е мојата душа, и тука, на слепоочницава, една набабрена жила загубено и отсутно клука – без порив, без вистинска возбуда, само со нездрава гроза пред суденото. Не е целителен веќе за мене твојот глас, гугучке што предвештаваш мартовски утра во дворот! РАСПЕТИЕ Еднаш се давал тој род на подарок, ти лозо моја, лозо на одарот! Мизерна судбина сега еве ти, осквернет крсту на меки кревети! Веќе со никого убаво не ти е, мое загубено, кутро распетие! ПОРАКА Умирањето, дури трае, е сепак сè уште живот. Ни љубовта не е умрена дури ти уште сакаш, макар некого друг. Поради сојот на трпките – дури и туѓиот плод во твојата утроба ќе биде повеќе мое дете. РИЗНИЦА Во нашата ризница има и неколку лажни парички. Нивниот потаен говор ги одвлекува твоите мисли од мене. Ако ме оставиш, ни тагата нема да ја имаш, ниту, понатаму, мојот гроб. ЕЛЕН САМАК Мизерни мршојадци му одат по трагите, напрегнато го демнат. Нема да го домамат кон стадото витите кошути со сребрен ѕвон на копитата. Неговите рогови се заплеткуваат во гранки кога повтува да игра, ноќе, и наурез ја гледа месечината, – за потоа да сети поголема бесмисленост на животот. Тој мора сепак да живее и како извор да тече, сè дури не го свие тој, не за сон а за смрт, своето десно колено. ПРЕВАЛЕЦ Заблудани во вителот на дните, жените што го сакаа немаше кога, немаше како да го сретнат. Сега тие гледаат – како силуета на хоризонтот си оди еден тих патник, наскоро ќе го мине превалецот, бесповратно го губат. Убав им е некако тој, од далеку, спроти залезот. А тој самиот си знае како му е: тој е постанат и дооден, прашиште му попаѓало по косата, прав му крцка по сувите непца. Тој слегува полека во една темна долина – нивниот поглед нема да го следи во неа. СУША Очите ми се како секнати кладенци во суша во предел каменит, спржен, запуштен. Како земјата што пека за капка дожд во летен пек, така душава пека за солза, а двеве очи не можат никако да ја исцедат. За показ е тоа, да знаеш! Не туку-така горат без вода растенијата и гладен мрее светот, ниту се дава обилен плач за тие што отишле поврага. ДОН КИХОТ Во светов, на бескрајниот фронт, му дале и нему сектор, да крепи, да брани: едно местиште проклето, поле поделено на непомирливи страни, од едната – тој жалосен Хектор. Не зовре во тие тревишта и тињи пукот на битка. Свињи со ситни го смачкаа копитца, го столчија како лук, со толчник; бишки мав го сторија – за други, на други боишта, божем со слава да прават историја. ОДИСЕЈ Тој стар, а уште личен бродски пилот, тој морски волк со вилици што клапаат, не ти бил, сигурно, верен – кутриот – на сите патувања. Ниту ти можеби, Пенелопо, си го чекала секогаш во чисти прегратки, смерна. Што дека! Се гледа дека вие сега се сакате, и имате опит како влегува голема лаѓа полека како паун во тих пристан. Бидете заради тоа благословени, и блазе си ви! ЉУБОВНИЦА 1. Таа ми пристапи а можеше уште поблиску, таа не се плаши ни сосем да се привие, таа е тело што бара, незадржно, галење. 2. Таа не доаѓа кога ја викаш – таа доаѓа кога самата твоја крв на брег ќе ја изнесе. Таа немаше за себе големи барања: посака само, напладне, сенка во твојот крвоток, малку да си почине. Твоето срце, ете така, не може да ја одмине. 3. Таа ме врати кон животот со порив на благото тело. Кон животот ме врати, што значи кон изневера. Веќе против неа ноќеска на сон крена глас бившата изгора, а најаве ги предјавува своите права – по силата на животот – идната. Затоа сам си се чинам толку ништожен! ТРИ КРУПНИ ЖЕНИ Три крупни жени запливаа в езеро како три мазни риби под проѕирна вода. Три крупни жени повлекуваат три патеки со блесокот на рацете во ритмично движење, со слаткиот порив на колковите, со тајниот допир на градите што на водата ѝ причинува скокот. Го следам секој нивни замав со десната рака, секој одбив со левата, го следам тихиот ритам на двете писки, на двете стапала, на двете бутини под водата. И макар да е запрено времето, дури гледам, тие се веќе далеку од мене, тие се кајшто не можам да стигнам. Три крупни жени се вртат таму на грб да земат здив и да се починат. Нивниот поглед е сега упатен кон небото, нивните снаги трепетат со морниците на езерото, под сончев блесок, како риби со паринките. Дури и нивната смеа допира до мене разбиена на зрнца. Како да држам сè дотаму распната невидлива мрежа, со разбирлив трепет го чекам нивното враќање. КУМАНОВО Мислев дека ќе одиме постојано во Куманово, барем зиме – на кумановски суџук, барем во марта – во времето на цревца, барем на ѓупскиот празник Ѓурѓовден. Мислев дека нема да ни го попречат сосем патот, поради јасната цел, магли што лазат во позна есен од Карадаг, колони од коли во сезоната, ниту што да е друго – лишка, човек, фуртуна. Така си мислев јас и во тоа се состоеше една утеха во мојот живот и еден изглед за иднината. Така си мислев и не се разбирам ни самиот себеси сега – без желба да одам во тој град, заправо само со притаена желба за Куманово. Не знам за што да жалам повеќе, другари, дали што попушти мојата волја или што попушти вашата волја. ВНУКОТ Еве стапува на сцена мојот внук, уште непрооден, тукушто испилен од рулче, со седум месеци и, машала, со цели десет килца. Внуче, пред да се исправиш на двете ножиња, лапај! И потоа лапај! Вкуси го тоа што јас одамна сум го изумил: воздухот со непца, јазик, носе и гради, светлоста – со веѓи, клепки, белки и зеници, храната со сето грлце дури до мешето, водата – со сето снаже што пека за прохлада, миризбата, топлината и сето друго исто така! Внуче, не мисли за ништо друго, зошто ти е тоа мислење! СПОМЕН Сега си ти стара и сега си тело клапнато цело, постанато, и јас не можам да си простам што не по твоја вина, ами по своја, не сум можел да го доближам како што можев твоето обличје бело. Твојата снага што се нудела чудесната снага како бел облак на сино небо во споменот ми рее, и сето тоа е минато, и веќе ништо не е, и само останал нејасен впечаток дека си ми била драга. Сега јас сум стар, и сега станувам тело клапнато цело, – и морна те спомнува мојата снага. ВЕПАР Дива свиња го душкала твоето месо, вепар! Затоа нема никогаш да посакам да те допрам. И затоа сè стана ветар! Ти го прелага само мојот сон, само на сон сум те гушкал – згрозен, најаве, дека свиња те душкала. ШТУРЦИ Цело лето ја штуркаме ние својата проста мелодија со скрита надеж да ѝ обрнеш внимание. И еве сега летото прекршува во една позна августовска вечер – и твојот слух се допрел веќе до подлабоко рамниште, до побогато созвучје, до нешто битно во зреењето и падот. И еве сега нашиот звук ја подвлекува тишината по такво нагло познание и ти, најпосле, нашиот звучен говор го сфаќаш со сите чула кои сепак не постигаат разбирање. И сè што знаеш – тоа е дека си нè чул и дека затоа си допрел некаква смисла. ПЕПЕРУГА Не водиш сметка ти за моите преданија, не сакаш ни да знаеш пред кого сум јас обврзан во свеста и во восприемањето на светот – ти си загрижена за својот углед и убавина. Не те занима тебе мојата семка, од која нажалост сè произлегува, ниту имаш верба во посебниот пристап кон виделото и мракот. Што можат да ти ветат тебе моите посебни агли на посматрање? – Ти си уплашена за својот углед и убавина. Од некаде извира мојот порив спрема тебе, и не можеш ти да не ја сетиш со копнеж свежината на таа струја, но која бразда и да ја завлече, не се спротивставуваш, – препалена за угледот и убавината. Во што ја сети тогаш длабината на оние црни корења што ме појат сè до спокојна сенка лете, – и дека шумолат гранките не само по волјата на ветрот – при таков ужасен страв? Во што се состои твоето сакање, викам! Застануваш како пеперуга на исушено дрво. РЕВМАТИЗАМ Еден анѓел бие со глето во моето десно колено: – Јас удирам не да те закрепнам – вели тој – јас удирам дека ми е наредено, заповедано. Мене ми е речено да удирам, да мавам, да чукам, сè на исто место со денови и со години. Јас сум заморен од таа еднолична работа. Прости ми, те молам, ако боли. ЕЗЕРО Задуман, излегуваш сè со истата проклета мисла, и, како штрекнат на самиот праг, го откриваш за себе, по не знам кој пат, светот: езерото под модриот превез на Беласица во зелен обрач од чинари и кипариси. И треба, за еден човечки миг, оваа убавина да ти стане пак обична, да потоне во тебе како во пеплишта, да ја снема – за да бидеш ти пак нормално несреќен човек како повеќето наоколу. Но колку е, сепак, драгоцен имено тој интервал ме|у две угризенија на совеста! КОБЕЊЕ Немој да кобиш ни со мимолетна мисла, зашто ти имаш голема сила на кобење, и ако сетиш несреќа – таа ќе се случи. Та поарно да си заспан, поарно да си пијан, да си замајан, зашто од тебе зависи многу, – поарно да не си ни свесен ти за својата моќ, зашто знам веќе: не можеш да се радуваш. На секој миг пристапи му со чувство на изненада, со чувство на вчудоневидување, да немаш ниту нокте време за размислување, – зашто само така ти наоѓаш спокојствие, и го создаваш, само така си на починка создател, човек, не кобник. ЗБОРОТ Од секогаш сум мислел за излишноста на зборот, дека најмалку го трога тој онега што му е упатен – од каде тогаш таа потреба да се искажуваме дури со ритам и рима, дури со алитерации? Тука види ја сега бесмисленоста на земните извори: било на ќуќур, било на вода, било на грлен извик. Тоа е порив, и за смисла не прашува! КРУША Гледај – презрева крушата, види – презрева крушата, и уште малку, таа ќе гние, ќе гние како душата. Прво заврзал родот, потоа узреал плодот, паднало кривото и црвливото. Нешто направил дождот, нешто сторила сушата – и еве жолто стрниште и плодови расфрлани и мрави во просторот на душата. НА ЕДНА ПЕВИЦА Со некаква далечна желба твојата песна ја следиме. Твојата песна уверува дека уште нешто вредиме. И таа песна в срце ќе ја чуваме. Затоа пеј – да боледуваме. ОЗДРАВУВАЊЕ Како да оздрави нашата сестра, како да најдеме за неа спас – како да оздрави, кога таа плаче заради сите нас? Нашите нозе се избербатени од многу одење низ кал и гнас, како лишаи, како сипаници, проклета јанѕа нè зајала нас. Ајде да бидеме еднаш храбри, ајде да закрепне става и глас, да сети нашата болна сестра дека не бидува да нè жали нас. Како да оздрави нашата сестра, како да најдеме за неа спас – како да оздрави, дури таа плаче заради сите нас? ИДНИНА Каде е минатото минатото по кое пекаме, и каде е иднината иднината што нема да ја дочекаме – таа што ветува повев на житја кои допрва ќе се сеат, таа што ветува допир на несмели раце и допир на усни што без нас ќе зреат. ИЗВОРОТ НА ТВОЈОТ ГЛАС Не е важно тоа што спаѓа во нормалниот пад, ни чудесата на телото не се основна заслуга – важни се за мене повеќе аглите на твоите усни, косината на твојот поглед е важна и полетот, сломен, на рацете. Изворот на твојот глас е најважен од сè. Но ти ме лиши, или нешто ме лиши, од сето тоа по ред, и сето тоа е само призрак на мојата мисла, како сплет на безлисни гранчиња, од врба, зиме спрема сиво небо е сето тоа – така суво, така црно, така јадно. Секнат е за мене изворот на твојот глас. ПЕСОТ Песот што добро ме познавал, соседот мој, комшијата, и ми се умилкувал толку пати со мавтање на опашката, тој голем, убав, чист албинец, бел пес – што му стана сега во ова магливо утро, да се нафрла на мене со жестоко лаење, со оголување на блескавите песјаци? Зар толку си се впила во кожава, зар толку лошотија да премине на мене од претходната ноќ во бесот – да станам дури друг, непознат човек за другарот, за песот! СТАРА ЛОЗА Тоа беше претчувство на некој вкус опор а освежителен, како корење да си пуштил на јавор до влагата вземи. Тоа беше непознат вкус а сепак зачуван в спомен, не по јазик и непца, повеќе в соне. И како да те наречам јас, лишен од тебе, насладо за една смртна жедост, крајна одморо! Пак треба да се вртам во тесниот круг на своите знаења, насетувања и преданија. Можеби ти си вкусот на никогаш непиеното вино од стара лоза! СМРТТА НА СИНОТ Што страшен ден, што страшни мигови на очекување, во другиот двор, во другиот двор една мајчичка чека синова смрт. Сè довде се распнати, по сите гранки, како пајажина невидливи жици да зајачат со плач. Сè е оптегнато, сè е до бесмисленост прецизно напнато; и децата во овој простор се уплашени, со зинати устиња, неми да не го нарушат очекуваниот звук, и птиците се прибрани подалеку, надвор од овој круг, да молат: Господи, одложи ја до утре оваа смрт. СЕЌАВАЊЕ ЗА ЃОРЕТА Мртов е Ѓоре. Се исполни година. Јаболкницата во пустиот му двор си шепоти: „Уште два-три дена прекусила да додржам да не цутам од жал за него. После ќе ме наваса пролетта.“ МЕЃУ ДРВЈАТА Си запрел како вкопан и вкочанет, како корења да си пуштил надолу вземи да растат барајќи влага. И поарно е да не се движиш веќе, – да ти зајде слухот во шум на безбројни лисја што прават простор и сенка за птиците што пеат, поарно да се здоговараш со ветрот ти за една раскошна симфонија, – и најарно од сè е да не чекориш, да не го нарушиш сојузот со дрвјата. ОДМАЗДА Иде време кога дрвото му се одмаздува на човека за сите засеци, за сите убоди, за сите навреди, за сите кастрења, за секој непромислен збор, за отсуство на благодарност спрема сенката и плодот. Тоа не може да те начека, тоа не може да ти се испречи на патот како насилник, – тоа со своите вечерни сенки само може да влезе во твојот сон, и така влегува во сонот – како распнат човек, и со студенило пушта тоа корење во твоите жили, и страшна е во сонот играта на тие сенки, во крвта таа студ. Тоа урочува, тоа фрла клетва – чувај се, насилниче, од силата на врзан човек! МЛАДИОТ КЕДАР Младиот кедар е веќе цврст во ’рбетот, со раст на момче запрено на ледина, на дождот, под зелена сакма преку рамо. Младиот кедар е како младо ѕвере веќе што се оптега исправено по дрво или по стена да остри нокти и да ја јави игривоста на своите мускули, обѕирајќи се самоуверено, зашто верува во животот и насладата. На многу ветришта веќе младиот кедар ја изложил својата снага што никогаш не се сломила а се издигала нагоре како сврдел спрема високоно небо. Младиот кедар е свесен за себеси по сила и личотија. Сè што можат да му сторат се претвора во чудесна мартирија. Дури и да го пресечат со секира, тој ќе знае како да се наклони величествено спрема земјата што го хранела; дури и да го запалат, тој ќе знае да гори како факел спроти небото што го поело. Младиот кедар чувствува дека најважното и најсудбоносното во животот е да никнеш. ЗА ЖИВОТОТ 1. Ти си непредвидлив сосем, животе, долга ниво! Зошто баш сега во дворот страчка заџагори живо? Со непредвиден говор таа се јавува дрско, – а мене ми е чудно и мене не ми е мрско. Ме чуди дека можам да зберам сè во свеста од еден миг во светов – од звуци, зраци, места. Знам, една таква чаша преполна ќе се скрши, – и пак е животот преполн, и ништо да се сврши! 2. Како змејовски кобел во пештера, така е животот полн! Пиј ако сакаш, сркај ако сакаш, ’рбај, шлибај, голтај – ниту си зел ниту си дал, сè си е кобелот полн, денес и утре како вчера, – ниту си должник ни заимодавец при таа еднаква мера! 3. Се приврзав кон животот на стари луѓе зашто тој живот е целиот прочувствуван и содржателен, а слаб: како кладенче на секнување, како ветерче на тивнување, како конче на скинување, како запалена свеќа што можеш да ја дувнеш, а и самата би догорела. Во миг е содржан животот тогаш со сето богатство но и мимолетност, – да нема таква грижа што може да го спаси, да има смисла само бесцелна симпатија. ВРАПЦИ Не е животот прост ниту задачата лесна. Врапците шират живост во воздухот со крилца и со песна. Тие пискотат, тие џивкаат, плипот и прплец на врвот. Тие кажуваат дека во клунчето е многу важен – црвот. Тие се пикаат под ѓерамидите, таму се чипчат за пород. Кога ќе пркнеме, ќе нè видите – така прогласува хорот. Тие се врапци за под решето, тие се лажат по плева, за Божик со нив се омрсувале, – но трае нивната врева. Нивната врева е музика, ни ги исполнува интервалите, нив да ги нема, нив да ги нема, ќе жалиме, ќе жалите. Нив да ги нема, ќе беше глуво и место песна – пцост, и не ќе ѕунеше секое уво: не е животот прост! НЕИЗВЕСНОСТ Ништо сигурно нема да знаеме, умот ни сече грубо. Колку нејасно разбира човекот што е вистинска љубов! Таа е можеби откажување од изгорот и слачот. Дали сме сетиле колку е очајно тестото под сачот? Дали е можеби сè во сенката, во капка вода на усни загорени? Дали се најблиску до свежината тие што се заморени? Дали овие мисли минат низ твојата глава? Дали да ти се доверам без сила, без гордост, без слава? ГУШКАЊЕ Како ми дојде тој порив да прегрнам ластар од лоза по градиве, по десново рамо, со стиск на образот, со лист на горната усна! Исто така би можел да прегрнам дури змија по таа посока иста, – ништо не би ме паркало, при такво чувство на љубов, од тоа гушкање! ПЕСНА НАД ПЕСНИТЕ Се допре како грозд ханаански обилен, сета, од врв чело до петици – за усни сегде зрело зрно да сетат, за прсти да скорнат јато морници. ВИДОТ Нека се мачи снагава и нека пати телово, само нека ми светка виделцето, виделово! Што дека гроздот дрочи штом не го гледаат очи? Што дека блеснала веда без око да ја гледа? Што би бил ридот без видот? Лесно е без огледало, но тешко е без гледало! ARS POEтICA Старему Џивџану голиштарците му викаат: „Бре, ние сме по-песнарии од тебе! Чуј нè: џив! џив! џив!“ А стариштето им се одговара: „Деца, тоа треба да биде леко и меко, силно а милно, жално ем пално, со горчелив опит, со згрутчена мака: џив... џив... џив... Вие уште не знаете така“. МОЛИТВА ЗА СОН Од високи брези од предели зрачни на клепкиве слези и приказни зачни. Од веѓа до веѓа тој збор се слуша, да премости меѓа раздвоена душа. Со часови цели да извиди што не, што денот го дели да зарасне всоне. Од високи брези од предели слачни под клепкиве влези и умора начни. ЖИТИЕ НА БОНА Таа месеше по пет зелника за луѓето од таа голема куќа, да се нахранат, а остави пет сирачиња, зашто беше слаба. Други издржаа жетви и вравови и ангарии, силни. Таа се наведе како гранче од липа под обесена торба, како стапната тревка, како клас под ветар, зашто беше слаба, – и оставајќи пет сирачиња, без можност да сфати, проклети Боже, таа својата слабост ја плати со својата младост, таа голема светица! ЖИТИЕ НА ТАСА БОЈАНОСКА Зошто не верувам, Господи? Зошто не молитвам, Боже? Триесет години зар не бев постела зиме-лете? Триесет тримири сум ти држела, а ти не ми даде дете. Прибрав да изгледам и јас, сирота, еден сирак – да тивне тагава. Сум ти го чувала од мајка повише, како поник од снагава. Кога го изгледав и го оженив, и реков радост да сетам – не само детенце што не му даде, нему барем, ами и него ми го зеде, предвреме, ме урна сета. Како да верувам, Господи? Како да пустам, јас клета? БЕЛАТА ТЕТКА Неа ја дадоа во богатска куќа за никаков маж, ја зацрнија без милост и без правина, како да сакаа да ја накажат тројцата браќа, тројца темерути за невидената убавина. Тројцата браќа нејзини, мешани во куметлаци, што ја преземаа земјата од агите, тие не знаеја друго освен дрчост по земја, по стари патишта нив ги водеа трагите, тие не сакаа ни да смислат какви се в гради тагите. И како да се срамеа дури од нејзината убавина, така ја промажија, така ја закопаа, ја потрусаа без милост и без правина. А таа во страшна доба, и ноќе дури, по патчиња низ шумите трчаше, избезумена од лоша коба, да стигне навреме, таму каде што куќи горат и пискотат куршумите, да втаса само до таткови дворје, да биде во злото со браќата, да даде кувет, да крепи надеж, и да ги поднесе, ако дошло, со браќата зулумите. И таа во мирни сведни, – лична лика, рамна става, танка половина – доаѓаше како лебедица на гости, да внесе радост, милост и драгост, а таа да сети братовина. Така дечињата ја запаметија та чудно и далечно во споменот им светка сега, на староси, кога кажуваат, ликот на Белата Тетка. Таа за секого беше закрила, нејзе не ѝ се смилија. Затоа повторно не се родува таква чудесна личност во нашата фамилија. УСПЕНИЕ НА ТЕТКА МЕНКА Целиот нејзин живот беше ти бил стишување на сопствениот здив, почит кон виделината и воздухот: од гради надвор да не излезе ништо што личи на офкање, на клетва, на крик, – да не би од тоа да се повреди некој. Лебот што го месела беше насмевка. Таа зеде на себе да живее долго, за нас да не одлачи од мислата за смртта. И еве сега гледам низ прозорец, известен дека веќе ја нема, дeка во ова утро починала: ништо не се движи надвор, сè е неподвижно: во сончев февруарски ден безлисните јаболкници подаваат една кон друга прсти без да се допрат и одвај чувствувам поник на нова трева и тоа е, речи, единственото движење во мојот мислен хоризонт. Некој се постарал за ваква мирнотија: да не остави никаква трага отсуство на нејзиниот последен издив, да биде сè, како никогаш да ја немало. А сепак чувствувам дека на нов начин сега треба да го збирам светот што таа, кој знае како, и за мене го држела во целост. ОРДЕ Со суровост го скршија, уште дете, како дрвче тукушто калемено. Ја исполни таа душа млачен вир на страв, за во него да се огледува животот своеобразно. Растеше накриво и скожурчено, сметен во одот, сопнат во смеата, без спокојно заспивање, без надеж на пријателство. Никој не би сакал да чуе исповед ни плач од таков засипнат, грозен глас. И само дека корените му биле длабоки, тој издржа толку, се докрепи до часот кога како сенка на смешна птица врз студената зимска, длабока вода се виде раскрилен пред да пласне во студенилото. Неговото успокоено тело сега уверува дека тој бил роден за нешто необично. Како во млачен вир една наребрена сенка останува во нашата свест. СВЕТИ СПИРИДОН НОВИ Роден во чесна фамилија, од мајка Доста, од татко Илија, не попусто му клале име Спиро, зашто тој Спиро ќе точи миро. Остана детето рано без родители, не најде ни подружие, целомурен и девствен стрини – тетки го окружие. А кога порасна, се виде дека остана кус, имотот и себеси се завешта Свети Јовану Бигорски, при игумена Партенија, бивши атаман, Русин. И оттогаш со години на ред во жетва време, ја напушташе Мијачијата за да скита по Брсјачијата таму каде што место мие се вели ние. А таму, штом вравот на гумно се збира, го опчекуваа веќе поп Спира. И тој доаѓаше поситен од мравка, поклопен од камилавката. Таков си беше попот – понизок од снопот. И, со денови, од гумно на гумно молитви читаше, збирајќи за светецот само пченица: „Јочмен и ’рж – така им велеше – не мелет Свети Јовановата воденица“. А и какви беа тие молитви и тоа негово пеење: повеќе отколку на божовност тераа на смеење. Зад грб му се подбиваа невестите, маалките, затоа од него остана за жените, да се памети, лош збор: „натема ги, штракаталките!“ Но навечер, во некое сопче, штом ќе се спружеше на рогузина малото попче, полека се губеа пред него во мракот околните очертанија, и пред мислениот му взор, божем до небо допреле, се јавуваа чудесни зданија: Свети Јовану тоа се конаците сосе лепа црков, сосе камбанарија, сосе позлаќените икони од Зограф Дича, меѓу нив, најличната, Дева Марија. Пред тоа видение се чуди и уми, и како Радика всоне да му шуми. Никој од овие брсјачишта што блеат кога му се смеат, а потонале до гуша во грубост, никој со очи на животта своја не видел такво чудо и убост. И знае тој, грешен, дека не е смешен, и повеќе од тоа – ни ситен, ни сам, а камен темелник на божјиот храм. Наесен пристигаат маските со слабини мазни, со вреќи празни, игуменот абер праќа: кауѓерот да се враќа, цела година да работи и пости, дури Партенија се гости. Така минаа години, превртливи како жените, ги пречека и лошите времиња кога се вратија сејмените. Остана сам како лилјак и ут пред насилникот лут, сам во денови тешки, сам во полноќи слепи, со слаби раце и плешки божиот храм да го крепи. Чека и дочека тоа скапо бреме да му го предаде на едно ново време. И пак, и пак и пак времето си бодина година по година. Душата слегува во темна длабочина. Отец Спиридон деведесет мина, кога почина. За чистата живот, за трудот, за зборот, на најчесно место го погребаа – Свети Јовану во дворот. Не мина многу, на сон ѝ се кажа, на една бабичка во Тресонче, ја Могорче, прек и огорчен фати да се жали што нема никој свеќи да му пали. Самата божја повела на сон го беше довела. И први жените во Река се сетија дека цел живот, како бубалка, како црно бумбарче, меѓу нив шетал еден светија. Оттогаш сè подалеку слови Свети Спиридон Нови и по божие повеление дарува исцеление. ТЕТИН РИСТЕ Тетин војувал седум години под фес под шајкарка под фурашка ем под шлем. А во него остана само благост, без втрес, ништо друго, ни ронка бес. Тоа ти било закон и една повела бојна: со ситен чекор да маршира тетин од војна во војна. Тетин си беше ситен со мустаќ како чеклас ја како клас од овес. Пооде така тој некое време вдовец. А после, по сторенија ретка, се зеде со тетка. Со неа создаде дом, преку ноќ покри сосан, со неа, што велат, изгледа тетин челад. Таа живот се знае – аргатски зори и мраци, неа ја опишал еднаш за секогаш нашиот Кочо Рацин. Стани си наутро рано, оди на далечно нивче, во скудост да ти сочувствува само магарето Сивче. Но тетин друго целел и имал друга мисла златниот кога велел: „Си приплескав, сполај му, куќуле, и сега пред него можам да садам џунџуле“. Кога испркнаа децата, ги подбра во себе текот. Не како тетина, тие фатија правда да делат, да го поправат векот. Тогаш пак рукна војна сурова и безмилосна – со окупатори со провокатори со ликвидатори витосна. Паднаа многу жртви, жална летнина, едни фатија встрани, други ни живи ни мртви в затвори беа збрани, со нив и син му на тетина. Тетин не беше зборлив ни вешт за многословија, сепак од негова уста во тоа тешко време сум ја забележал оваа блосовија: „Денешен свети Трифун наспомош да ни биди и некој мир на веков и некој ред да клај, кој колку арно ни мисли толку аир да види, и кој нè сака, и нему Госпо дар да му дај. Зандани да се пуштат војници да се вратат и кој е беган слободно дома пак да си дој, чпијуните да пукнат џенем и пекол да ватат, пак да се најме татко со сина и свој со свој!“ Не како човек речит а како редов вечит вклучен во нова борба секоја недела тогаш тетин префрлаше торба на рамениците, дури до Битола лебец да носи за затворниците. Тој не признаваше воз а како војник на стреш тој ја минеше секоја недела Пелагонија од Прилеп в Битола и назад пеш. Тоа ти било закон и една повела бојна: со ситен чекор да маршира тетин од војна во војна. За него не беше пречка снегот во февруари ниту дождот во марта. Одеше напред тој левóј, левóј, со покора кон векот како да кани со карта. Една човечка тага по пат оставаше трага. А кога децата в затвор од негов леб каснуваа, како да земаа сила, како да зацврснуваа. Но дали од нив тогаш некое младо и лудо во себе можеби сети дека се случува чудо? Задека овој лебец како другиот не е, него по патот тетин на свое срце го греел. Тетин мнозина крепел, и нека им е уѓе станаа, големи луѓе! Тетин крепел не еден, не двајца и не петина, можеби и сега некој од нив си спомнува за тетина. ДЕДО ИЛИЈА На лице тој беше како јасна месечина, полна и насмевната, без да се преобразува; на снага носеше кувче и доламче и црвен појас, пагурче в пазува. Како мајка му да го беше родила со таква порач: меѓу сите браќа – гурбетчии, пазарџии, дулѓери, тој да биде орач, да гази стамено по загоните спрема смената на сезоните. Распавтан, по браздите, есенско време, тој распостилаше пред себе над нивата виножита од семе. Волињата ги викаше ангели, на Божик им палеше свеќи на роговите, да биде родна годината, да стежат од житце стоговите. Пролетта донесува надежи со стравови, – уште е далеку до жетва, до првите вравови. А лете по жетварите кога воздухот врие како преполн грунци, снопјето што тој ги врзуваше лежеа како јунци. Со годишните времиња и животот си мине, полека крвта стине, длабоко орачот си го изорал челото, стасан до меѓата судена за паталците. Тогаш, на крајот, му се зеде дури и виделото, остана тој да живее во темница студена и само на сон да ги гледа Ралците, му остана пагурчето, му остана насмевката малку како подзачудена. ДЕДО КОНЕ Тогаш, во првото бугарцко, во ѓурултијата, го забраа дедо ти Конета в град апцана. За еден негов лут збор (ѝ окарал, ѓоа, мајка на управијата) таа работа стана. Што да чини пустава му домаќинка, ќе оди да го бара кај што робува. Ме пуштија. Зборнавме што зборнавме. На проштавање вати, кутра душа, опинците да си ’и собува. „Дунавке – ми рече – моето се виде. Времињава лоши, гробот зинат. Земи ’и барем опинциве, да не одат вира, носи ’и дома децата нека ’и кинат.“ А јас си помолчев, си помолчев, – срце стутулено, смилосано чело – ’и кладов в торба опинците и кинисав полека в село. ПОТЕРА На Коце Солунски којшто ми ја pрекажа оваа pесна како што ја кажувал некогаш стрико Никодин Да така, Трајче, да така, пријателу. Во Крушово во Востанието го кркавме дајакот. Во Долнени зад копите на Смугревци ние тројца запашкани забегани го сушевме шајакот. Тогаш откај Сенокос се зададе думан и прав – цел булук аскер на коњи, косата да ти се крене од страв. И што да правиме и што да чиниме ние тројцава, при сè што во нас јуначко тропа! Да дадеме каршилак – сме малцина. Затоа – со пушките напред се пикнавме в копа. Да така ми ти, Трајче, да така ми ти, братче. ОДЗЕМАЊЕ НА СИЛАТА Pреpравен на pитач, госpод го pречека Марка Кралета крај pатот. Во една торба беше ја збрал тежината на сета земја. „Синко, стар сум, pоткрени ми ја торбава на рамо“. Марко ја pодзеде со врвот на коpјето и земјата се затресе. „Што сум сторил јас?“ си рече госpод во себе. И му ја остави само третината од силата. Народна легенда Ти што ми даде неимоверна сила, да растам мускулесто како даб, на глуждови, да се израдувам, млад, од своето чаталење и листање, да шалавам наивен, ти што ми даде да сетам дека и земјата можам да ја поместам како орач што истава камен пред лемешот, мој Боже, зошто се уплаши од мене, зошто во непромислен страв ја измени својата првобитна намера, зошто ми ја одзеде силата? Јас ти приоѓав во мислите како на родител што му се приоѓа, идев во твојата дома со проста верба на дете што затрчано се враќа од играње да земе краешник од ноќвите, јас те знаев свој закрепник, усмевнат на мене, задоволен од бистриот вир на мојата душа, добродушно грижен, и не можев да те замислам инаков – а ти семоќен, ти се престори на – питач, ти се облече во партали брашносани од просјачка торба, ти си испиша на лицето мака на постанат старец, слеп се направи да не ја забележам лукавоста скриена во твоите очи, – само подобро да ме подбидеш, да ме купиш, да ме премериш на кантар, и после да ја покажеш сурово својата власт над мене. Мој Боже, зошто до толку се понижи за да ме поништиш мене? Не мислеше ли дека еден човек ќе сведочи за миг на твоја подла слабост, ќе го гледа со горка потсмешливост дури и величието на небото во пролетна полноќ кога се ѕвездите јадри и обнадежни во тиха молитва. Безмилосен ти немаше мерка за моето унижување. Ти ме преполови а ми го остави чувството за мојата сила, да бидам како пресушена подземна река во која темницата уште не е успокоена од татнежот на брановите. Потсмешлив ти ме направи прв во царштина што пропаѓа, на лаѓа што тоне со товар на маки и гревови, да крепам, да спасувам, а матната вода поклопува. О сити се ти горе, ти што ме роди бележан меѓу сите и што ме дари после ваков дар. Мој Боже, чади во твоите раце гламната со која ми ги подгоре крилата, целата моја сушност се накрева против тебе, моето срце те проколнува, не чекам одговор од тебе, унижен сеќавам сепак во мене нешто што те надминува, што си го имал, можеби, но си го отуѓил кога нè создаде да откинеш од маката, сам низ думани треба да го барам патот на мојот живот. СТЕРНА Ами моите стари зер не се pлашат од Стерна што ја pравел Марко Крале pод Маркови кули, и што ја затнал водата со не знам колку арари со бубаќ и ковани со бруќе колку еден аршин големи, та ја затнал водата и го куртулисал Pрилеpското pоле да не стане како Охридското Езеро. М. Цепенков Ја затнав Стерната со бубаќ, со партали, со песочиште, со чакалиште, со камења, со карпи што ги натрупав на дувлото – да крепат. Беше заден час! Сонот ми скипна. Во ниедна доба сум одел да наслушам како приидува водата, како гргори, грчи и зајачува под земи, се лути некому – а не го разбираш зборот – се токми да излезе како сура мечка од пештера, да потера лов. Ноќе. Знаев: трпелива таа го чека својот час. Таа ќе почека да го успие мајка детето, и лелејката да запре во лулањето, елемијата во вртењето, таа ќе почека да вечераат орачите, да ги сопашат објалата, да ги потурат опинците со плева, таа ќе почека да згасне последното жарче под пепелот, последното ѕвонче во трлата да молкне, и пците да се притајат, и старците што ги мачи бесоница и кашлица – да тивнат. Да биде глуво и спокојно и темно кога ќе рикне. Стерната. Таа го чека само својот час. Сите спијат, а само јас буден во трудната ноќ, како ајдут на пустија, чекам – полн од нејзиното подземно бучење, сиот намовнат кога за малку ќе молкне – зашто тогаш крои најлошо и се присеќава. Ми иде да викам, да мавтам со раце, да будам! И тогаш решив: Ја затнав Стерната со бубаќ, со партали, со песочиште, со чакалиште, со камења, со карпи што ги натрупав на дувлото – да крепат. Колку ликував дека ја задавувам до мртовечко отпуштање, дека сè послаб иде нејзиниот глас од подземјето, како да липа и да моли милост. Сè повеќе се силев, раскинат од бес, со нокти корнев – и мавав и шибав и толчев, и трупав грамада, брзав – да не ѝ се загревам. А кога запрев, задишан и потен, и минав со кална рака по челото, кога се исправив сосем простум и вдишав со сета душа воздух и тишина, чув – некој под земи, далеку, се кикоти, како да ја прекрил устата со дланка. Истрпнав. И еве пак е ноќ и пак е ниедна доба. Сите спијат а јас го загубив сонот. Ми бучи Стерната в уши како никогаш како да претекла сета во мене, овде, в гради, и по дамарите ми приидуваат темните подземни водје без починка, како јас да ја создавам Стерната и треба да го изречам нејзиниот збор. Наслушувам: таа расте. Таа го чека само својот час – да биде глуво и спокојно и темно кога ќе рикне, ќе се оттиши, ќе гргне, да поклопи, да подави, да повлече, да се успокои во ширината. КАЛЕ Кога го ѕидаше калето во Варош, Марко собра голема ангарија, мажи и жени, мало и големо. Од Pлетвар до Варош од рака на рака pодаваа камен. Седумдесет деца во pелени изумреа без цицање. Народна легенда Се виши моето камено кале во ведриот ден со јаки ѕидишта и со вити кули, како сокол да се раскрилил на стрмна спила над рамнината и ја разгледува открај вкрај. Јас бев и роден за да го направам ова кале за штит и закана пред лошотијата. По судбина бев повикан јас да знам дека тука треба да израсне тврдина како што изникнува бор на стрмно место наспротив ветрот, и тука треба да се пречека злото, да се превари неговиот наум, да не стапи понатаму. Затоа собрав мало и големо, мажи и жени, пуздер и плева што го продолжува животот без да ги знае неговите патишта. Не ги врзав јас со синџири нивните раце ами со бел камен – да го подаваат од рака в рака од Плетвара до Вароша, да тече како бистра вода белиот камен по бразда од мозолести дланки, да светка на сонцето. Јас не сум можел, и да сакав, да гледам како капнуваат тие раце, како се криват лица од напор и усни пукаат од жед. Јас не сум можел, и да сакав, да слушам тешки мајчински колнења дури им пискотат децата во рулче по пусти стрништа на изгорот, подавајќи рачиња по боска, без да ја најдат. Зашто јас имав тврда коба: да правам крепост пред злото! И еве кај се виши камено кале во ведриот ден како раскрилен сокол на врела карпа, со бодри крилје. Но паѓа полека ноќта и белите кули ги покрива на пласје темнина, и гаснат виделца во мазгалките, се фаќа штама, папсува мојата сила, чмае, гине. И како сè да тоне полека в земи, како да немало ништо наоколу, како никогаш да не сум направил ништо. И така ми се ближи сонот со стапки на чакал, да ги мине и последните плотови на свеста, да го пушти надвор горчливото сомнение, да ме остави сам со мојот грев. Се ближи од мракот безимена врволица, мало и големо, машко и женско, пуздер и плева што само го продолжува животот, и како тешки камни врз мозолести дланки ги носи своите клетви: „Ти не си гледал како гинеме, Марко Крале, – ние гиневме. Ти не си слушал како пискаат нашите дечиња, нашите пилци, коса да ти се крене, – ние слушавме. Проклета да е твојата вистина, Марко Крале, што нè доведе до крајот, до последната желба, што и нашиот отчај дури го исцрпе како бунар во летен пек!“ Пискотат мртвите младенци во мојот улав сон со укор на тажни ангелчиња, сам останувам, беспомошен, пред сопствениот грев. И насетувам дека имало и некоја друга пуста правда, освен мојата, дека во животот сè се израмнувало во приливите меѓу доброто и злото, како матна и бистра река кога ќе се стават, како бранови во море што се успокојува. Оддалеку го наслушувам веќе неминовниот пристап на лошотијата, непредвидливи и безбројни се нејзините патеки, нејзините богази и браздите што ја водат, – ниту ќе ја задржи моето бело кале неа, не ќе ја задржи а ќе ја принуди само да урне уште една горда замисла. МАРКОВИОТ МАНАСТИР За гревот, за седумдесетте деца што умреа кога го ѕидаше калето, Марко наpрави седумдесет цркви. Народна легенда Направив манастир на скришно место, да стои долго самотен, да кажува некогаш за мене. Рушители, нема да најдете во него злато и сребро, а само студена полутемнина како во таговна душа. Кога го престапив првпат прагот од папертата, плочите болно екнаа под моите нозе, што дури запрев – и темна тишина потоа до последна жилка ме полази како морници што лазат. Двајца светци, од двете страни на црковната врата, со исплашени погледи, со дланки испружени пред себе, ме предваруваа возбудено да не одам понатаму. Но јас жедно стапив под сводовите на кубето како да се запознавам веднаш самиот себе. Погледнав наоколу и ѕидовите се раздвижија – нејасни прилики, притаени во полумракот, како што одам ме пречекуваат, ми пристапуваат молчаливо и грозно: лица со израз на безумно страдање, мрачни воини со испрекрстени копја и мечови, тажачки крај мртовечки одар, тела прободени со стрели, на издишување, згрчени во најврховна мака, деца загубени во врволицата со врбови гранчиња во раката. Одам, несвесно, наоколу а целото тоа мноштво ме обиколува, ме испреплетува во кошмарен јазол, молчаливо ме следи и чека нешто од мене. Зборнете! – реков. Но мојот глас ја урна тишината меѓу сводовите и ме остави сам пред привидот на мојата свест, зашто тие бесшумно се повлекоа и пак се притаија по ѕидовите. Запрев пред олтарот како да ќе се помолам Богу, уште несмирен. И тогаш дочув јасно женско липање од сводот: тоа Рахила ги кренала очајно рацете, крши прсти и плаче над мртвите младенци, тажи во вселената. Јас излегов избезумен од црквата и зачекорив надолу. И ми се причини како моите удови да стануваат столбови во одот, како да сум засводен со кубе, како да ја носам во себе студената празнина на манастирот, но за сето време знам – темните прилики молчат во мојот мрак, нема бегство, нема прошка и нема оставање спомен. Јас викам – запалете кандило! – но моето срце е изгаснато огниште, пепел по тланикот, одам и чувствувам: го носам манастирот в гроб. ПЕСЈО БРДЦЕ (ЕПИЛОГ) На Песјо Брдце кај Прилеp Марко водеше бој со денови. Мавни, чинеше, со сабјата, pреpолови го душманот, двете pоловини оживуваа и се pравеа двајца. Виде Марко дека не бидува, pоткова коња наоpаку, кладе барабани да бијат на ветар, да не сетат дека никого нема во калето, и се загуби некаде во ноќта. Народна pоговорка И оваа битка требало да ја водам, да ја бијам со денови, со крвави раце до рамена, со крвави нозе до колена, до премалување – дури не се испитам сосем, дури не дојдам до крајот, дури не секнам како бунар што секнува во летен пек, за да ја сетам последната желба: Само никој да не ја види мојата смрт! Излегувам рано на ова песјо брдце, – гневен на булуци го гонам ѓаволскиот кот, замавнувам лево и удирам десно, и мавам и гмечам сечам како што сечат честа гора кога прават пат. Но навечер, кога се враќам постанат пак се составува сè по мене како што било, божем сум орал гнасна вода, и само се умножило злото како бурјан по плевење. И еве пак е ноќ и пак е ниедна доба. Наслушувам: наидува лошотијата како матна вода што поклопува. И ми се чини – сè пропаѓа в земи како никогаш да го немало, како никогаш да не сум направил ништо. Ковајте ми коња наопаку, клајте барабани на ветар да бијат, – нека ги страши уште мојот призрак, да не ја видат мојата смрт! Само никој да не ја види мојата смрт, да бидам сам со неа како со невеста во ноќ на затруднување! КОЧО РАЦИН Од сонце, вода и од пот се зачна на таа песна звукот скрит и таен, музиката на мугри по ноќ мрачна и зборот толку свој и толку знаен. А тоа сонце е припек на пладне над аргати што тутунот ги чека, и нема сенка од негде да падне, за капка вода утробата пека. А таа вода е бистра и ладна, а привкусот на таа пот е горок, и со тој привкус на душата страдна се роди песна против гнет и порок и збор се зачу на закана задна, а гласот беше на трагичен пророк. ЧЕШМИТЕ Од тие чешми со милост во гласот, со корита од гранит или мрамор, не еден патник го наоѓал спасот, да откине од жедост и од замор. И прероден ќе седнел тој во ладот да почека жештината да спласне, со лебец да го подзалаже гладот и нешто пипер-патлиџан да касне. И тука, под тој багрем или круша, на една мисла ќе го учи умот за таа чешма – дека има душа. И најпосле го довел дома друмот, но често дури на сон ќе го слуша под мраморот на таа чешма шумот. ПИПЕРКИ Прилепското со пиперки се слави, со купишта на пазарот ги има, ги јадеме во салати, во тави, во туршија ги чуваме за зима. Ги има живи и лути и благи, и човек во нив го наоѓа лекот, со сол и пипер сме крепеле снаги, со пинџур ни е нам поубав векот. Ќе дојде есен со своите чари, во низи пипер секој дом го скрила, чардаците ги красат рујни шари и куќата е невестица мила. И така кај нас од времиња стари се создава убавина и сила. ЈУРУКЛУКОТ Од Миравци Јуруклукот се гледа: со тиха плавност рид над рид се крева и небото со боја сино-бледа со тие ридје лилав раб го слева. Јас многу земји во светов сум шетал, во Индија и Сибир јас сум биден, над Алпите и Андите сум летал, но без да ми е Јуруклукот виден. И еднаш да ги ѕирнам тие места, да допрам над нив сино небо вишно, ме вика копнеж и помисла честа. Но зошто тоа откривање лишно? Од извесност е поубава свеста да има нешто блиско што е скришно. ИЗЛЕТ Ракијата под чешмата се лади и гравот веќе во грнето крчка, се збираат за ручек стари-млади, и по нив куче и детенце трчка. Поседнати во круг на мека трева ѕингараат со лажици, и слачна пареата од тенџере се крева, а виното закачките ги зачна. А после секој во сенката бега и џагорот во слатка дремка тивна. Квечерината за враќање се стега дружината, и дури тогаш живна. И сето тоа е минато сега и не е тајна судбината нивна. МУКОС И старост дошла, а пак човек дума што врзал в ум со споменот на дете. Со мојот татко, низ букова шума, на Мукос првпат се искачив лете. Во долот стрмен по малку се зори, се пласти магла по ниската леска, а ридот веќе од светлина гори и в небо јасна сончевина блеска. Планината се открива пред дете, а долу таму селото го вика, и сè што овде за првпат ќе срете до послежно со свежест ќе му блика. И со тој спомен оживува, ете, и една драга, загубена лика. МАГЛА И пак се јави тој мотив на жерав што загубен во ноќта зимна талка! Во вишини јас мислата ја терав, а сега магла приземно ја валка. Светлинките се делени во мракот и слаба зрачка околу нив прска, се истава од секој предмет зракот, од секој човек, да избрише врска. И секој човек станал силуета што маглата во повесмо ја носи и носи призрак безгласно да лета од сите делен, дури студот коси а душата се збрала клопче сета. Па оди прашај: кај си? кој си? што си? РОДЕНДЕН – Си клапнал, сине, под тешкото бреме и двете очи како да ти гаснат. А мајка дума поубаво време, и ти ми беше во јагниња раснат. – Јас лидам, мајко, по камена скрка, и нигде трага од нашите стада, и како некој без грев да ме брка, ми нема почин и душава страда. Јас не знам каде овој пат ме води и дали негде макиве ќе спласнат, а треба да се оди, оди, оди и горко им на оние што каснат. – А тебе мајка за друго те роди, и ти ми беше во јагниња раснат. СНИШТА Само во сонот младоста е жива, со јасни зраци таа на сон иде, да сетам в душа како ми се впива што не било а можело да биде. И дури тогаш како да се раѓа на мојот живот целосната слика, и тоа дење во мрака што паѓа се буди на сон и негде ме вика. По таа целост устремено внесен, ловец што оди по химери на лов, јас пак сум млад и чекорот е лесен и негде изгрев заискрува алов. Но иде денот со мојата есен, и скипнал сонот а останал жалов. ВИНОВНИК И без да сакаш, рушител на среќа на дете на сон што го губи здивот. Па каква уште напред демне смеќа во твојот двоен, преполовен живот? Ни себе близок ни добар за други, во матни витли те завлекле води. Те колнат како измамени слуги тие што мајка за тебе ги роди. И без да сакаш, виновник на таги за тие што те избрале со вера. И вистини престорени во лаги за сека вредност поставиле мера, да бараш сметен од лилјаци траги во некој самрак од лани до вчера. АНА На сpоменот на Ана Пенингтон Таа беше за мене господарка на една поубава земја, како да има негде, во случај на потреба, прибежиште и утеха за мојата залидана мисла. А таа носела своја судбина. Јас мислев да појдеме заедно еднаш на Трескавец над Прилеп откаде што, како увид во моето детство, пука поглед на моето село. Но секој носел своја судбина. ТРАКТАТ ЗА ЗАЧЕТОКОТ НА ПЕСНАТА Мислите уште се нерасчленети, без ритам. Што иде прво: мислата или ритамот, за здружени да зазвучат како музика? Највпечатлив е тогаш музикалниот мотив, но тој е жижнат од вкрстена мисла со мисла како вкрстена молња со молња. Така музиката надгласува, но тоа има свое првобитно огниште. Што се наложило – не мора да биде првично, а може само да зема сила од првичното. Виножитото блеска и нè засенува, а првична е влагата пронижана од сонце. И музиката не се раѓа од ништо, ами од засек на мисла со мисла како кремен во трат. И така – првото е она на кое пак најпосле се враќаме, првото е – како маглина – сè уште сматната Идеја. ПРЕЗИР Што ми го вративте зборот? Говорот носи смелост, смелоста носи тага. Кога ти реков: драга! – потемне твојата белост, ме презре ти со снага. БРАЧНА ПЕСНА Во таа мала куќа на Виргино брдо ние ќе можевме уште за малку да го продолжиме патријархалниот живот. Да се случеше таква случка. Стар прстен би светкал на твојата рака, ти би знаела кога да ја облечеш најубавата облека. Да се случеше таква случка. Сега застанувам пред малата куќа. Туѓи завеси се спуштени на прозорците. ПОСЕТА НА МУЗЕЈ Рацете сами им се допреа на влезот во малата сала, од некаква тиха возбуда. Седнаа еден до друг, сосем близу, на клупата. Не требаше да го кажуваат тие својот живот – тие ги гледаа „Црвените лилии“ на Клод Моне, а зад нив молчеше „Герника“ на Пикасо. КОПНЕЖ Се бараме како раце што пливаат по езеро в мрака, како весла што плескотат во ноќна вода, и нема за нив преграб, и нема за нас гушнување, а само, во мракот, одминување, и така од рода до рода. ПЕСНАТА НА ЕДНА ПЕВИЦА Најважно е случајното, мигновеното, единственото; тоа како се допреле во неповторлив допир дрвце до кибрит, вода до оган, рака до гради, – ете го основното! Најважни, велам, се ефемерните работи, еднаш случени, забележани, видени, чуени само еднаш – како твојата песна, од која премре душа! Зар таа не кружи далеку некаде околу нашите нимбови и орбити, и зар јас не сум единствениот под кубето на вселената што постојано таа песна ја слуша? ДРВЧЕ ПРЕСАДЕНО ОД КОЖУВ Тоа вели: луѓето сте нетрпеливи, а јас не се брзам со моето растење. Мојата мисла е во коренот, и таа полека длаби во земјата, јас имам доста време и моја е иднината – па кажи сега како да те споменам кога ќе порастам? ЕСЕНСКА РАМНИНА Возот бодина, возот бодина низ Војводина. Исушени се, по ендеците, тревките, несобрани, в поле, царевките. Не е мината со чекор по секоја бразда рамнината, та од неа влагата студени бенки остава по снагата. ГРНЧАР Ги изнесе тој на пазар своите грнци, бардиња и вагани, ги положи во шарен круг на земи, та со своите бои и цветчиња да заличат на градинка пред Дуовден, или да заличат на дечиња од едно големо и среќно семејство, наредени како за сликање. Невидливи се на нив отисоците на прстите на стариот Грнчар. Но кога тој ги позема в раце да ги подаде на туѓи раце, самиот чувствува на нив траги од својот допир, дел од својата топлина, порив на својот пулс и здив и шум на својата скришна мисла. Ете што распродава! ДАНТЕ Во средината на својот живот – рече Данте – влегов во една мрачна шума и – додаде – веќе не излегов до денешен ден. И еве сега минат е прагот, а сè уште чекам некаков пресвртен миг, душевна обнова. Никаков одговор не даде мојот живот, и духот како птица во кафез удира со крилјата во железните решетки, целиот збунет и беспомошен. Дали да се предадам на заборав, себеуништување, поматена свест? Или да се исправам барајќи опора во светлата и болна, горка јасност? Заблудан, по не знам кој пат јас треба да полагам сметка, а кому, како да се обратам јас што како на јаве ги минав сите кругови на пеколот? Тогаш се чу глас: човече, побарај уште малку свежест во почвата на својата душа. Не предавај се! ЦВЕЌИЊАТА Уште само цвеќињата го нудат своето пријателство, – нема друг таков речовит молк како што молчи цвеќе, немој да ја презреш, заради својот опит, таа подадена рака, немој да ја презреш ни заради туѓата мака таа порака што, како мирис, те одминува веќе. Уште цвеќињата ти нудат еден чекор и ритам, како да си во оро средсело во вселената, речи си: дишам, речи си: одам, речи си: скитам, со една стапка, речи, ме движат напред колената. Уште само цвеќињата на спокојство те учат, на тоа дека за некоја смисла си роден, и дека не си сам среде ужаси што бучат, и дека животот ти бил всушност плоден. Уште само цвеќињата со своите разнобојни очиња те учат да ја наслушуваш тишината на векот и во шумењето на немирни поточиња и во секој друг шум и екот, – и во болката што се збира да наоѓаш мира. ЗАГУБЕНИ БРАЌА Некогаш, деца, тргнале заедно да се качуваат како по стрмен рид, а сега меѓу нив, некаде на тој пат, се крева непроѕирен ѕид. Другарчиња од детинските дни, милни дечиња, како да ги втаса таа судна мака, да нема меѓу нив допир, да нема ставување, да не можат да си подадат рака? И тие не смеат да си кажат ни збор за тоа што длабоко ги мачи, за да не се загубат уште повеќе во светот што бучи и јачи. И го сеќаваат својот најголем страв од збор и молба што може да си ги кажат, и затоа молчат, затоа сè забораваат, и готови се себеси и друг да лажат. Браќа загубени, уште се сакаат, а сепак мислат дека си пречат, и да се задржат уште малку во тоа сакање, крајната болка нема да си ја речат. ЧЕ ГЕВАРА Штом бунтот ќе го изобличи власта, бунтовникот за почести се граба и повторно се изделила каста, а надежта за обнова е слаба. Но бродат негде пак бунтовни чети што глад и жедост ден и ноќ ги мачи, ги шиба дождот во Андите клети и над нив страшно ураганот јачи. Во таа бура да измие снага, пак наивен да сети верба стара, тој таму трга по позната трага. Но подемот е еден, Че Гевара! Кој презрел докрај и привид и лага не живот веќе, ами смрт тој бара. ТРОЈА Со малтер како век за век да лепат натрупани се дванаесет слоја и еденздруг во руина се крепат, а шестиот е само таа Троја. И сето што се слави в древна сказна поклопено е под сув сончев блискот, и молк се пласти во ширина празна од сè што било ек и ѕвек и пискот. Ни збор ни издив од Пријам, ни клето лелекање на жени. Штама свила сè в заборав пред едно врело лето, да можат штурци да покажат сила. На болна душа ми прилега сето што длабоко најбитното го скрила. ПОРАЗОТ НА ДАМЕ ГРУЕВ Смилево гори, твоето село, го голта пламен. Веди го сенчат твоето чело во ноќва, војводо Даме. Пискот се слуша и нема смеа на студен камен. Барај ни сега ти нова стреа и покрив сламен. Ти беше којшто крена знаме горд, умен, стамен. Остани сега унижен, срамен пак со нас, војводо Даме. СРЦЕТО НА БОРКА ТАЛЕСКИ Никој не зборнал уште со темна сила во гласот – за тебе што млад и огорчен падна. Како случка да било, како да не бил прозорлив часот твој смртен. Прости за делнична рамнодушност ладна! Ние што те паметиме и во кои дел барем, во свеста, од твојата душа пали и нè двои, толку сме веќе испоснети зарем и толку ли сме, во ситни грижи, мали? Нека се дума, кај Тројаци, оној миг кога нишан од срцето на Борка земаше една пушка и оној вик, нагол и раздирлив, иако нагло стишен, кога пред падот се крева рака и телото се лушка! Тој вик беше еден врвен проглас од сета врст наша, што предодреден го прати, и кој го разбрал секогаш ќе се праша во животот со што да врати. Тој падна за да останат во најчиста мера за века, од ништо непоматени веќе, еден завет и вера на младост што пека за простори, и мирба со гнасата што нејќе. ДОЈРАНСКИ ВЕТРИШТА Еве ја пак во ноќта таа здивена сурија, топот на безброј коњи, на безброј камшици фучење. Некаква мртва војска во поднебесната јурија воскреснува, некакви мрачни водопади се рушат в понор со бучење. Залудно свеста сега ќе поставува бедеми и ќе внесува смисла во нерасчленета порака. Налетот малку ќе папса, па уште посилно бувнува, и душата е пред него немошна и голорака. И не помага веќе пред разбеснетата фортуна оној оклоп од измами и оној штит од лаги со кои човек се крие пред себе и пред другите, и за нужниот живот затира сушност и траги. И нема спас ни во сонот што закани го ништат, самиот ќе се презреш поради своите сништа. Соголен сосем, до живо, те граба мрачната стихија, и како лист те носи, и како мивка те гази, и страв, страв, страв полазува последна жилка, по коски лази. Некаков улав кикот ноќта ја извиличува – и веќе не бучи ветрот, ами совеста бичува. ПОЕЗИЈО Поезијо, ми отвораш пат во староста, тоа е еден суден предел. Како што младите самоуверено ја откриваат снагата, така старите, горко им, треба да ја откриваат душата. Поезијо, ти можеш да живееш само со едното и другото. ПОЕТИКА Јас песните ги берев од дрвото на животот како што селаните во Ракотинци пред Дуовден берат зрели цреши од црешовите дрвја. НА ГРОБОТ НА ПОЛ ЕЛИЈАР Никој не ги сеел овие темјанушки на гробов, тие се сами изникнати. Никој не го длабел овој прост натпис, тој сам се втиснал во каменот. Грга однекаде во светлината грлен шепот на страсни зборови. НАД СЕКНАТИОТ БУНАР Чекор по чекор и збор по збор, полека, да не нешто се сетам, ти ме доведе довде, Музо! Патем ме учеше како со силен збор што изненадува да ја искажувам разновидно тагата. Но тоа било сепак само проба. Патем ме учеше како да сврзувам далечни работи, за да се роди застрашувачка мисла над премостен понор. Но и тоа било само подготовка. И така, чекор по чекор и збор по збор ме доведе довде – над секнатиот бунар во мојата душа, и бараш да се загледам внатре и со глас што екоти стократно од ужас во таа празнина да ги кажувам твоите крајни пораки. Но јас нејќам од тебе таков дар, ниту да бидам употребен по твојата намера, Музо! Јас насетувам дека една грозна лишка се кашка во калта на дното на бунарот, грепчи со ноктишта по каменот. Јас ти откажувам послушност. Јас сакам да си умрам со сите илузии на слаб човек. СЕНКА Како се случува возбуда крајна, за да засакаме дури лудо, тоа е твоја голема тајна, Боже, и твое чудо. Ти сепак во нас си го вклучил редот за чувствата да стапат, и како личен проглас наш звучи: што има изгрев, има и запад. Како се случува тоа чудо со боготворење на женка – сме доживеале некогаш лудо, но сега паѓа сенка. ПОРАКА НА ЉУБИМИТЕ Тие сметаат дека е моја должност да останам млад заради нив. Но смрзнат е мојот крвоток како потоците на Гренланд што не се распознаваат. Сомнителна е и самата моја исклучителност. На строгите закони подлежам што нè унижуваат. Но нивната порака е цврста и очајна: Не изневеруј ги нашите последни надежи! Остани млад. ПО МНОГУ ГОДИНИ По многу години пак се најдов на истата улица во овој град. Зима е, голомразица. Смрзнат коловозот, тротоарите. Чекор по чекор по многу години пак се најдов на истата улица. Сум заборавил дека таа куќа е на аголот. Сум заборавил колку неугледен бил нејзиниот влез. Не сум сигурен дали тоа се случуваше на вториот или на третиот кат. Само позлатените раскошни месечински полноќи над истиот овој град ги паметам сè уште. Сега преминувам со дланка по грапавината на ѕидот. Тоа е сè што можам да сторам по многу години. ГЕСТ Таа рече: „Рајот е во мене“ и покажа со десната рака. Размислив: Колку невоздржан а полн со смисла гест! ЉУБОМОРА Уште само на сон ти наоѓаш оправдување, зашто на јаве веќе не сме достојни за тебе, Љубоморо! ЖЕД Тие ја презираа, потајно, мојата историска свест со сè што се изведува од неа. Тие го ценеа само мојот допир на различни делови на телото спрема моето текнување и фантазија, а поради морниците. И не можеа да се откажат од тоа, чувствувајќи дека само еднаш се дава. Остарени, тие уште повеќе ги негираат моите сфаќања, и се уште порамнодушни спрема мојата дневна судбина, само споменот ги враќа понекогаш со жед кон моите секнати извори. УБАВИЦА Ниеден недостаток не оставило божеството на неа: вита става, правилни црти, мек црн поглед, дури се постарало и за бојата што ја добила ова лето на сонце на припек на ситнана песок покрај морскиот брег, – да личи уште повеќе на совршена бронзена биста, а жива. Само со едно се претпазило божеството: тоа не ѝ дарило плодност, за да не се роди од неа уште поголема убавина, нова Елена, заради која може да избие нова Тројанска војна. Само еднаш божеството можело да се излаже и да направи грешка. ОДДАДЕНОСТ Ти значеше за мене најмногу од секоја друга жена, затоа најмалку ти обрнував внимание. Ти беше готова, и си готова, сè да сториш за мене, затоа не те молам за ништо. Ти беше спремна секогаш да се жртвуваш, без да прашаш за цената, – затоа те штитам. Ти си сигурно очајна зошто не те сакам, а јас не знам кому сум се посветил по совест и со најубава човештина, ако не тебе. Но ти ја сметаш за ништо таа моја оддаденост. ДРВЈАТА Дрвјата земаат поза, дрвјата имаат гест, дрвјата се артисти што го чекаат ветрот да им шепне збор. ГРАНКА Твоите лисје шепотат уплав, уплав на штрекнати души, зелена гранко, зелена гранко на стебло што се суши ГАЛЕЊЕ НА ПРЕДЕЛОТ Колата слегува низ Влаиница. Бреговите десно лесно ќе ги погалам со десната рака. Бреговите лево треба малку да се поднаведнат за да ги погалам со левата – и тие тоа го прават. Сега се движиме убаво прегрнати како некогаш ние другарчињата на старото прилепско корзо. ИЗНЕНАДУВАЊЕ Никогаш не ги забележуваме нијансите, постепениот премин, бавната подготовка на настаните. Каква промена! Вчудоневиден забележувам дека бујно расцутила како прекуноќ со жолт укит грмушката под мој прозорец. Дошла, значи, пролетта! МОЛЧЕЊЕ Не сега збор. Не сега излишен крик. Се знае како сè на ист начин твоите длабини пак ќе зборнат. Но без право. Затоа сети се сега дека постојано штом ќе подникнат дивите подници се корнат. ПО МРАЗОВИТЕ Сурова зима. Испомрзнаа толку дрвчиња, грмушки, ги попари мразот во Дојран зокумите, катмерестите. Студен сек. Рез. И што понатаму? Ќе жугнат пак негде-годе со непромислен животен сок нови подници од корењата. МАЛЕЧКИ ПРЕДМЕТИ Сите овие џиџиња, играчиња, ситници, сувенири, мали спомени за големи мигови, мали подароци од големи пријатели, ја губат одеднаш еден ден својата магична привлечност, својата мала и топла душа, да станат студени парчиња. Можеби и брестот што почнал да се суши по ист ваков начин сетува прво дека носи многу суви гранчиња. НЕМИНОВНОСТ Види развило цвеќенце, пуштило две-три ливчиња, навело модро главче, сираче никому непотребно. Немој да си го згазил – тоа и немало што друго да чини, покажи почит спрема неминовноста. ПРЕСАДУВАЊЕ На осумдесетишест години Мајка реши да ги пресади сарделите – белата, розето и аловата. Не е лесна таа работа. Многу е тешка. О колку смел, колку невоздржан потфат! Треба да се стави камче во саксијата, треба да се тури здрава земја, да се посоли малку ѓубренце, да се изберат свежи чаталчиња. Треба да се мисли што и како, и не да си намуртен во садењето, ами да шепотиш милни зборови, за да биде пак убаво како што било во младоста. БАВЧА Ја вадам бавчата, земјата е запечена иако во септември. Водичката доаѓа прво до коренот на ружите. Не знам дали тој корен има време да ги окуражи гордите цветови осудени на венење. Не знам дали тие, толку изделени во воздухот и небото, можат да го чујат надежниот шепот на водичката што јас му ја давам на коренчето. Сета иднина на една претчувствувана убавина зависи од таа моја проста работа. ПТИЦИТЕ Викаат дека сè поретки стануваат птиците, дека се нишаат нивните седела или остануваат празни и оваа пролет подоцна дошле ластовиците и помалку ги има. Тоа значи дека тешко уште еднаш во мојот живот да видам јато бели лебеди, како што еднаш видов кога од Дојран беа крилато упатени кон Лагадина. Сè во животот го достига својот врв, не само дрвото. Тоа бело јато над синото езеро било најчудесниот блесок во мојот живот, а јас го следев само неколку мига, без надеж, сега, дека пак ќе го видат моите уморни очи кога погледот само донекаде стига. БОР Сув е нашиот бор. Чувари на паркот, ви благодарам што уште не сте презеле мерки да го пресечат. Така јас можам уште еднаш да го погалам по грапавата кора и да откршнам парче за мене и за онаа што некогаш ми пишуваше: „Ми замириса нашиот бор“. ФЛОРА И ФАУНА Во зелени дрвени сандачиња во кафаната украсни растенија со одраз во огледалата, нежни ливчиња со непознати имиња, меѓу нив џуџеста папра. Тие се наведуваат дискретно едни кон други и одвај видно потрепетуваат во само нивни тих танец, и тие праќаат прекор: Зар знаете вие што е нежност, вие што се допирате грубо, додека една загубена жена со грапав глас, на лош англиски, се договара со двајца крупни црнци на соседната маса во кафаната. Вие сте – месо. ДИВИ ГУСКИ Во ова студено утро пред Водици небесниот клавир заѕунува со испрекинати звуци. Прелетуваат диви гуски. Јато по јато како стих по стих бележат тревожна песна по небото. Но не ги разбирам тие крилати букви. Само крикот е оној истиот што во детството (над Небрегово). КУКУМЈАВКА Со дречлив крик на вештица како со црна веда остро на цик-цак таа ноќта ја расекува – и по тој уплав уште подлабока од тајни ноќни извори тишината дотекува. ЗНАМЕЊА Ние не правиме ништо друго, ами по толку пати, повторно, и повторно, и пак, од Хомера до денес – откриваме знамења. Усна хармонико од кипариси во густ ред, ти како да шумолиш гроза што се пренесува понатаму на сета нежна растителност, на крилјата од птиците, на кожата од животните, на ножето од скриено штурче, и на синевината од небото спрема која се оцртуваат витите зелени кипариси. ЗНАК 1 (ЗНАМЕ) Кој има висока липа во дворот, тој има изглед на неа, на самоти врв еднаш да застане сокол и да се лелее на гранчето. Така тој макар за малку е господар на воинственото знаме, под кое неговиот дом се движи како кораб по мирно море, под добар знак. ЗНАК 2 (ДОБРА ВЕСТ) О чудо! И денеска истата птица на врвот од мојата липа! Можеби таа секој ден застанувала таму, не само да ги одмори своите крилја, но и да ми јави знак за добро. А зошто досега да не ја забележам? Затоа што не сум гледал високо кон небото, ами, потиштен и подведен, ниско кон земјата. ЗНАК 3 (ЉУБОВ) На врвот на мојата липа денеска дури две птици! Тихо се лелеат една спроти друга, спрема синото небо, на две гранчиња. Тоа иде како звук од далечна флејта. Сега тоа не е еден сокол, ами две милни гугучки. ЗНАК 4 (ШТИТ) Орел пролета на твоето небо. Што ти се чинеше? – Тоа е обична случка. – Не, тоа е некаков знак и нешто врзано во клучка, во јазол јак. И друго нема да стекнеш посуштествено, и во животот толку важно, штом си ги презрела крилјата на твојот штит вкрстени мимолетно и тажно. БРАНОВИ Брановите земаат различни облици, брановите се преправаат. Едни го галат како со дланка брегот, други го буцкаат како јариња, трети го ладат како ветрило со плискот на распрснати бели пењи. А ова е бран од гулаби пред клупата во паркот на која седам. Едни се искачиле на наслонот, други прусаат пред моите нозе, и тоа е лек пристап на согласни бои, на трепет од крилца, раменца и клунчиња. Еј, човече, пред твоите нозе пења од гулаби! РАКОПИС Првото пеперуже во оваа пролет со бели дамки по небесната синевина меѓу младото зеленило на липите и кајсиите ги бележи своите бели стихови. Така и поради тоа, јас тоа во кое сум вљубен повторно го засакувам. МИНАРЕ Минарето е тука, пред погледот и прирака исправено како хемиска писалка спрема сината хартија на небото. Но нема рака и нема фат да го фати и да испише на небото порака. ШЕПОТ Сега сме сосем во шумот на говор што се моли, сега е сокрушен умот, сега се душите голи. Сега е длабок зборот и тој со шепот цели. А нешто шуми во дворот и нешто нејасно вели. ТОЧКА Не дава лево-десно. Точна фиксација. Сосредоточеност. Никаква експликација. Многузначна пауза. Задршка на здивот. Нишан на пушка. Ожесточеност. НОЌ Глува ноќ. Вие пес. Повик грд. Напнат бес. Глува ноќ. Вие пес. Коби смрт. ДЕЦАТА Тие одлетаа негде неповратно нашите пилци и нив ги грабна во темнината овој огромен хаос. Запустено е гнездото, загубена неговата топлина, и самата помисла за ред и спокојство станува престапна. Како сме ги лажеле, колку бедно сме ги лажеле нив наивните, водејќи ги за рака! И еве сега ги носи негде неповратно бранот на овој црн хаос, како и нас, и само еднаш доживеан миг на извонредна блискост уште нè сврзува со нив со блесок. О миг на љубов меѓу измами! БУДЕЊЕ Само гласовите на дечињата од улица звучат обнадежно и пролетно. Ништо не се изменило. Јас пак сум заспал и сега се будам полека со истата тежина под лажичкава. ВОЗРАСТИ Секоја возраст има своја основна задача. Децата најсериозно и најсодржателно ја исполнуваат играта. Младите најдлабоко и најодушевено ораат и сејат здраво семе. Зрелите ја сеќаваат неумитната рамнотежа. Старите откриваат дека љубовта не е врзана само за соковите на плотта. Тоа што го прават децата не можат да го надминат старците. ШЕСТО ДЕТЕ Зошто мајка дури сега ми кажа дека била шесто дете? Зошто ли го таела толку години тоа? Можеби не заради тоа што пред неа умреле пет дечиња, можеби заради тоа што по нејзиното раѓање умрела нејзината мајка. (Знам само дека баба ми била од Дреновци). А како му било на дедо Илија? Тој ја сакал својата единствена ќерка. Тој велел: збирајте полози, дечиња, ќе ви купам опинчиња, а мислел на неа. Тој велел: пејте песна дечиња, дури ги врзувам снопјето, да ни биде весела нивата, а мислел на радоста на својата единствена ќерка. И тоа било убавина. Така ѝ се родив на мајка јас, вели Цепенков. НА ПОКОЈНИТЕ Понекогаш како да сте живи така јасно ве гледам во мислата, мои покојници. Но вас одамна ве нема, ве иситнила глината и ве ишмукала. А на времето вие зборувавте и постапувавте како да сте бесмртни. МРТОВЦИТЕ Мртовците не се отсутни – тие се населени во нашиот сон. Ним им е во тој предел поудобно отколку нам. Ноќе, кога сме сами, беспомошни, тие доаѓаат по своето. Не знаеш дали е подобро кога ти упатуваат збор или кога молчат. Сеедно, тие укажуваат на твоја кривица што треба да ја плаќаш. Врзан си од сите страни, и во бдеењето и во сонот, и во споменот. Тешко ти тебе, човече, што не можеш да се спасиш ниту од заминатите преку. ЗАКОПОТ НА ГУТЕ Ги одржаа говорите и со тажна музика спроводот тргна кон пресниот гроб. Рамнодушно, клучарот ја затвори капелата, во која беше изложено ситното тело. Тогаш остана видна само една графика над Карадаг, кон Куманово – неколку долги бели риги од облачно повесмо, една под друга, повлечени со смелата дечинска рака на Гуте, реско и широко, пред умирање, по синевината. ДНЕВНИКОТ НА ГОМБРОВИЧ Тој што продава најслачни јаболка на Битпазар има право да вика колку го држи глас дека јаболката кај другите ништо не чинат. (Само ако не му е срам и страв). Завршен е и третиот Дневник. Залудно ќе го чекаме четвртиот. На Битпазар, меѓу пустите тезгиња, последна најслатко се смее – Смртта. Нешто се движи некако некаде напред, итри уме! ПРЕМАЈКА Се умножив во вас како во многу копии. Можеби во некого од вас вештите луѓе во иднината ќе ја прочитаат мојата вистинска природа. УЧИТЕЛИ Мои учители, јас ви благодарам за сè. Без вас јас не би бил ништо. Но во мене се јавува страв дека ве надминувам и дека за тоа не можам да ви оддадам почит колку што сум должен. Вие бевте сврзани со цели и успеси што сосем сигурно се постигнуваат. Јас гледав од голема височина, неспособен за приземниот живот. БЕБЕ Ти преташ со ножињата како да ткаеш на разбој. Ти си бело топче што се полни со млеко, за да ги надува обравчињата и мешето. Ти си научило да се смееш пред да сфатиш каков ризик земаш во животот. ПОМОШ Толку стари и млади гледам околу готови да го земат товарот на себе, без кимка, без надокнада, само за да ми помогнат. Толку отворено и наивно го примаат тие животот, без смисла за опасноста. А јас пак чемреам и сум паднал во очај. Крени ја главата, окајаниј, можеби со таа несебична помош и ти нешто постигаш за иднината! ЧУДО Толку ми е чудно што сме живееле, уште почудно што сме сакале – можеби сме сакале да го оправдаме чудото на живеењето, тоа чудно чудо!, за да покажеме дека сме дораснати до она што, како тајна, заправо не ни припаѓа. ВООБРАЗЕНОСТ Време е да станам вообразен. Крајот се ближи и доста беше скромноста. Мојата слабост ми обезбедува силен збор. Мнозина можам да презрам, само да сакам. Време е да станам најпосле вообразен, за да најавам дека носам важна порака. ЗВУЦИ Оваа бесона августовска ноќ ме научи дека има ред во гасењето на звуците. Прво гасне гласноговорникот на рингишпилот, потоа гласот на певиците, па вревата на последните гости по летните бавчи и тераси. Потоа крикот на некои ноќни птици, дури да се смират и наситат. Повремено лавнува пес. Уште е буден хорот на штурците, но едно по едно штурче молкнува, и далеку по полноќ се огласува можеби само едно, како задолжено да го зачува за утре огнето на звукот. Во таа глува тишина најпосле ќе чуеш говор на љубовна двојка што нема обезбедено легло. Тоа е целиот опит од една непроспиена ноќ во која останува трајно буден само пулсот на слепоочниците. ПОСЛАНИЕ Без вас, Тире и Сидоне, овде се живеело илјадници години и пак ќе се живее. Ние луѓето сме како тревана – ја газат, се суши, се задушува, гине, само земјата останува. Ние луѓето сме како мравине – ги гмечат, ги ништат, и пак се збрале купче. Одовде тргнал некогаш поход до Инд, кој можел да го предвиди тоа? По Via Eгnaтia Цицерон одел во прогонство во Солун. Близу до Драма призракот на Цезар му се јавил на Брута под шаторот спроти решителната битка. Па се посветиле во Тивериопол петнаест маченици. Наум соградил манастир на извирот на Белото езеро. Оваа земја го крепела и Марка Кралета. И сепак, зар не доживувала таа униженија? Зар можело без тоа до зрелоста? Сето е предвидено – ние си одиме, а земјата останува. ЦРКВА Нека е проклет часот кога ми кажаа дека се урива црквата во Небрегово! Илјади тажачки како да почнаа да се гласат и да тажат во мене тогаш како од темно подземје да излегоа. На самото мое детство, значи, последните жилки му се ништат, и еве се копачи и мојот најдлабок корен, а како да сум го предусетил тоа одамна во мене неспокојства тиштат и одамна сум морен. И не таа мала црква со наивно насликан пекол, со ѓаволи што го поганат ваганот на бајачката, ами самата моја снага се рони, би рекол, за да одекнува во урнатините плачка. И моите први години на учениче, на шест лета, и мојата прва Света Сава во дворот на таа иста црква, чие клепало толку чисто уште во споменот одѕвонува, кога во него некој замислен мава, и тие бојадисани шеќерчиња во табли и пјатови врз нашите гробови, што селото на своите дечиња им ги дава, – сето тоа, сето тоа одеднаш во пустелија потонува. Дури и птиците што кружеле над таа црква, чавките и гавраните во мојот спомен, дури и тие сега кога црквата се урива станале како обична украса спрема небото, дел од неподвижна гравура, и нивниот полет е ограничен и сломен. Се урива црквата во Небрегово, малата црква што некогаш дрзок селски дух ја правел, а јас ништо не можам да сторам иако од тоа седело излегов и јас сум уште еден здробен Авел. Се урива мојата заветна црква, еј луѓе, се рушат моите гробови, а залудно да викам за помош кога туѓото е туѓо и никого не може да го боли што јас, што јас липам од самите бели дробови. Но сепак јас, јас кревам клетва над часот што ми јави дека се урива црквата во Небрегово. Штура е на тој час попарената жетва и грозно значењето негово. Крај таа црквичка на Бадник и Василица при снег и мраз се палеа огнови на коледарите и василичарите, а јас на рамењата од татко ми качен со очи оџагорени во мракот играта на сенките на пламењата ја пластев во себе во самата душа пласт по пласт. Крај таа црквичка на летни празници на средсело, на ледината ќе изнаседнеа стареите, а пред нив се зафаќаше оро и натпревари, фрлање камен и скокање, и крај им немаше на песните и смеите. Крај таа црквичка се раѓаше нашата верба во иднината, нашата надеж во бериќетот и во силата на вистината. Околу неа чудни имиња: Пеливар, Поила, Орниче и еднаш за секогаш запаметена на тоа Орниче во гробиштата во утро есенско круша горничка. И еве сега станува пепел темелот што нè крепел. И еве станува пуздер и плева нашиот уџум, ’рскот и врева. И еве сега се руши храмот во нашите души! И сега, сам и страден со таа мала црква и јас се уривам лит и јаден. Глувото клепало гласи – нема што да те спаси! И по закони груби цел еден живот се губи. Мала напуштена цркво, би те закрепил да можев, дури со двете рамења! Но слаби се тие столбови и не држат, ами лево и десно од самата моја снага се ронат твоите свети камења. АНТОНИЈ И КЛЕОПАТРА Оддалеку таа гледаше како тонат една по една во соленото море во битката кај Акциум триремите на нејзиниот избран човек. Тоа беше миг и таа да се втурне безрасудно заедно со него во пропаст. Но нешто змиско во неа не го допушти тоа безумие, зашто таа сепак беше кралица. И таа го напушти боиштето. Во тој миг, а за секогаш, тој стана повелик од неа. И затоа и јас бележам: Антониј и Клеопатра, а не обратно. Тоа беше сепак за неа кошмар. И кога нејзината раскошна галија, а во позорно бегство, се приближуваше мазно ноќе дури, о ужас, при поволен ветар, јадри ѕвезди и изед месечина кон Александрија, таа го виде Антонија на сон. Тогаш таа разбра дека часовите на рамнодушност, во кои се донесуваат разумни решенија, се сменуваат со часови на слабост кога се враќа плимата на љубовта и кога станува јасно што било суштествено во нашиот единствен живот којшто е единствен дури и за принцовите и принцезите. Оттогаш докрај нејзиниот живот се нишаше како мало море меѓу тие плими и осеки. Во миг на уплав, при крајна луцидност, таа се сети за змијата и го побара нејзиниот бакнеж за да се доближи пак до поразениот, до презрениот, до напуштениот, а до морници љубениот, Антониј. МОЛИТВА Спаси ме, Боже, од болните луѓе што се накажани, та не се криви, нивната злоба умерено суди ја, самите од неа одвај се живи. Тие се мислат повикани да водат како Мојсија и другите пророци, а самите не можат да се ослободат и влечат по себе ситни пороци. Дај, Господе, што помалку очите да им ги бодам, штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам. ВРАПЦИ ВО МАГЛА Неколку врапчиња џивкаат во маглата како затворени во непроѕирен кафез. Не ги гледам, туку само ситните гласови им ги слушам како ѕунат, но од опит знам: тие се наредени на неколку гранчиња од липата, тие се нишаат на нив, тие се наежени од студот до самиот клун, тие го тресат ту левото ту десното крилце ту опавчето, тие ги менуваат одвреме-навреме местата дури разговараат лице в лице, – и тоа е истата стара игра што добро ја знам, иако сега ми е невидлива. Само едно не знам: дали тие гледаат некаков излез. Тие се, сосема сигурно, загрижени, а маглата е само навидум неподвижна. ТАТКО Од тебе ние немаме помош, знаеме дека си слаб и јаден, но зборуј, зборуј, зборуј, татко, со зборот што само тебе ти е даден. Не мисли дека сме ние прости и дека за себе се правиме важни, о татко, зборуј, за нас се свети твоите зборови тажни. Има во светов некоја точка и смисла што треба да се сети, со тебе заедно ја бараме, ти ништо друго не ни вети. Спокоен биди! Нашата љубов од подбив тебе трајно те штити. Ние сме среќни со тебе, татко, па со нас биди среќен и ти. СПОМЕН ПО МНОГУ ГОДИНИ Имав можеби неполни дваесет години кога напишав: „така рикаше маката во мене дека сум роден во смачкано племе.“ И досега, по толку долго време, ме следи истата таа мака, и дури поголема, така што дури можам, сејач на глуво семе, да го сменам малку зборот и да речам: „уште рика истата мака во мене дека сум роден во смачкано племе“. Но сепак, се надевам, дека не е туку така што сум бил подложен на таков искус и на таква една мака. ЧИТАЧ Така се случи да ми даде Господ слаби очи, морен вид: да не можам да го прочитам докрај иконостасот во Свети Спас, да не можам да го прочитам докрај иконостасот во Јован Бигорски, да не можам да го прочитам докрај иконостасот во Лесново, вашите дела, Петре Гарка Филипович и Макарија Фрчковски! Јас си одам, а кога ќе пречекате вие друг таков читач како мене? Никогаш! ПОМЕН Јас сакам да го видам Коча Рацин, а тие ми велат: „Па ти знаеш, тој е одамна загинат на Лопушник“. Јас сакам да го видам Лазара Личеноски, галичанецот, шегобиецот, а тие ми велат: „Па ти знаеш, тој почина ненадејно по земјотресот“. Јас сакам да го видам Никола Мартиноски, маестрото од Крушево, а тие ми велат: „Па ти знаеш, нему му се слоши дури гледаше табла, и не се поврати веќе“. Јас сакам да го видам нашиот Бако Митрев а тие ми велат: „Па ти знаеш, тој изгоре предвреме“. – Штом така... – реков јас. – Што штом така? – рекоа тие. ПРЕТЕЧА Јас одам околу. Тој што ќе дојде по мене ќе оди право. Јас говорам општо за состојбите. Тој ќе ги именува самите носители! Јас фрлам клетва, тој вади меч и кастри со сор. Сепак јас сум тој што го подготвува неговиот збор! ПЕСНАТА И песната е дел од флората, таа никнува како смреката, како бамјата, како гравот. Прими ја таква каква што никнала, а не да ја ништиш според некаков вкус и некаква поетика, да ја фаќаш за грло заради некаква странична идеја, како што се обиде Мајаковски. Кој ти дал, најпосле, такво право? Се знае што е етика. ПОВИК Овој глас на муезинот од магнетофонот, овој кадифен баритон од џамијата, звучи толку уверливо во ова утро како врска меѓу земјата и небото, и толку смирува и успокојува и толку е длабок, на прв поглед, тој интимен контакт! А сепак, да ги разбираш зборовите на таа молитва, ти би сфатил дека таа е само повик за ефикасност на верните на оваа иста јадна земја. ТОЈ ДЕН Тој ден што ќе дојде утре замисли го како убав, иако сега до ужас очајно сипе и ромори ситен дожд. Тој ден отми го од безмилосноста на обичниот тек, и ќе видиш во него збунети сакани души, очајници на кои ти, само заради својата прибраност, им отвораш патека во еден сонуван век. Биди задоволен што уште можеш да изговараш вакви зборови! СЕМЕЈНА ИСТОРИЈА Колку се радуваше татко ти, пустиот, кога ти му се роди на Свети Никола! Гости, гости, гости, радост, радост, радост! А сега ти по мене си најстар! Раскрили се над нашите внуци! СВЕТИ НИКОЛА Свети Никола златен пак сè си принесе што треба. Го пречекавме и со посна сарма, и со грав и со риби на кромид. Не е како некогаш кога спроти празникот ќе изнадојдеа сега покојните и ќе седнеа околу трпезата. Се почнуваше со леблебии, расол и сторени пиперки, мезе за домашната ракија. По вечерата идат комињакот и скажувањата. Потоа гостите легнуваа кој каде се нашол. Ордан, тетин ти, Бог да го прости, нели беше пцалт, ќе запееше во сонот: „Господи, помилуј!“ И потоа тивнуваше ноќта. Тоа што минало – минало. Ама сепак, сполај му, еве нè живи со Господ напред и се плоди нашето племе. БРАЧЕН ПАР Тие одат ѕевгарито, без грешка во чекорот, стамено. Тие се решиле поради истото чувство за симетрија да не ги фарбаат своите сосем побелени коси. Тие одат сега откако малку тивнала горештината да го посетат својот тригодишен внук. Тие се навидум бодри, одушевени од таа непосредна цел, и затоа чекорат без да си пречат. А дали надвор од тоа тие сеќаваат некаква смисла на преостанатиот живот? Дали е воопшто важно тоа прашање? ПОДМЛАДУВАЊЕ Сpоред „Тиквешкиот зборник“ (XV век) Остарен веќе, се зачипчи орелот со канџите за синото небо прудолу со главата и сега чека небото да го носи на исток до Породим блато, да се искапе во него тој старо орлиште да ги истресе на сонце перјата од водата и да се врати подмладен. Затоа така силно ги стиснал ноктиштата во синото платно на небото. Многу потешко му е на еленот! Тој треба со копитото да ископа од дупката змија што трипати ја слекла кошулата, да ја голтне, и така пак станува млад. Само за човека нема подмладување. ГРЕШНИ ЖЕНИ Сpоред „Тиквешкиот зборник“ (XV век) О убави жени од средна коа! О убави тешти уште неповенати, тие што, сосем отворени, згрешиле со зетовите, – за нив нема на небо влез ни на тесната ни на широката врата! Што им вредат сите добрини што ги сториле како добри по срце, – тие треба да бидат изложени на поруга, зашто тие долу на земјата не се воздржале пред поривот од кој расцутувала нагло и сладосно и само еднаш така сета отворена нивната снага! НАТПИС НА ЧЕШМАТА ВО ЈОВАН БИГОРСКИ Сие бист во времја смиренаго игумена Михаила от село Галичник. Братија христјани! Пијте слатка и студена водица, охладете жедна ваша душица и споминајте монаха Неофита родум от село Вехчани, Охрицко. И го облеа него по сета душа овој студен извор, па сега тој ви зборува со шумот на оваа вода. ЖЕНАТА Само жената му дава димензија на животот, со својата мекост и цврстина, со својата мазност, со својот свилен допир, пофин од допирот на нејзината свилена облека, со своите брановити движења – да си помисли човекот дека е исполнет со смисла и дека се гушка со бескрајот. УБАВИНА За миг само сите ситни мани, до најситните брчки и пеги по кожата, знаци за стареење, ѝ ги забележав, и сфатив дека е чудесна таа жена што се престорува девојче кога помислува нешто свое! РАКА Сè почна од раката! Од таа мирна поза кога е таа положена на масата. Од таа нежна кожа и модрите жилички повлечени под неа како текови на слив што не е обележен на ниедна мапа. Двете прстенчиња на таа рака, иако скапоцени, имаат задача да ѝ се потчинат, да ја истакнат, студено, нејзината топла убавина. Сè што очекувам е дека ќе се иставам навреме, да не го доживеам грубо поразен крајот на таа топлина. МРАМОРЕН АКТ Нè учи скулптурата дека како мраморен акт ни останува докрај достапно женското тело. Дури и по студен мрамор е необично да преминеш со рака по бедрото. Зар да бидеме криви заради тоа кога сакаме барем дел од топлината да задржиме на прстите или на работ од усните? ДОПИР О колку многу ни значеше едно бакнување, кога бевме момчиња, како пеперуги да се допреле крилце со крилце во лет. Со денови можевме да живееме и да ни биде прифатлив животот од тој допир. Лево или десно од себе го чувствувавме со денови фееричното присуство на таа до чии усни сме се допреле, и можевме мислено, а сепак осезателно, да ја докоснеме нејзината чудесна рака. Сега на старост се случува нешто многу слично. Сега разбираме дека најмногу печел неостварениот допир. БАКНЕЖ Змиски допир по работ на моите усни, како да не се допрел аголот на уста, ами челичен острец. Се чудам зошто не потече крв од тој засек в срце. РАЗГОВОР Јас замислувам разговор со тебе, некакво правдање, некакво објаснување. Јас смислувам прикладни зборови, вистинити, топли, искрени докрај. Можеби јас би ти кажал во тој дијалог дека, и покрај сето, ти си повлекла виножито над мојот живот, дека ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост, така што сè добило своја смисла, како само по себе да се создало чудо. Можеби малцина, а можеби и никој не се измислил така себеси како што сме се измислиле ние двајцата. Па сепак, и покрај тој голем подем по гест и збор, на крајот заклучувам дека е подобро да не дојде воопшто до тој разговор. ВТОРА МЛАДОСТ Каква смисла има ова повторување на младоста како што Макавеите ја сумираат целата година? Каква смисла има штом е близок часот кога сè се потура со пепел? Никаква смисла нема и не барај ја! Тоа значи само дека и животот има своја сила со која сè до овој луд час ме крепел. УЛАВШТИНИ Немој да се каеш за улавштините, само преку нив животот се открива само преку нив допираме до убавините, што инаку разумот со сивило ги покрива. ДЕКЕМВРИ Брише ветрот, влажно во темницата, мириса на снег, како обично пред свети Никола. Ако утре рано, на разбудување, здогледаш белина на крововите и дрвјата, пак обичното ќе ти биде уште еднаш во животот најголемо изненадување. ПОРАКА По брзите мали крилати сенки по песокот дури гледам долу засенет од блесокот знам дека над мене лево десно над темето летаат ластовици и ја бележат за мене нејасната порака на животот и времето. ЖЕШТИНА Денеска в небо, оние сини анѓелчиња со бели крилца, цело јато, што прават и што бараат? Тие една голема, тие една усвитена тепсија облагаат со злато и по неа, по краиштата и средето, со златни чеканчиња маваат и ѕингараат. СПОКОЈ Седам така вeќе долго и гледам: пред мене езерото, зад него планините за попладневно смирување, зашто сонцето губи силина. Требаше да читам или зборови да редам, а еве не правам ништо. Зошто така? Најпосле, одвај, разбирам дека сум се предал на милина. ГУГУЧКИ Колку е убаво околу сè дури сме две, дури сме две! Гугам и летам, лета и гуга – немаме ние работа друга. Нејќам да мислам, нејќам да знам како е сам, како е сам! ВРСКА СО ЖИВОТОТ Борчето е подраснато. На лекиот ветар се ниша од половината со чувство за ритам. Зад неговите гранчиња – црвени цветови на олеандeр, натаму бел и црвен салонит, по сината рамнина на езерото до одвај видливите планини на хоризонтот спроти зајдисонцето. Сето тоа е толку вешто смислено и сплетено, само за да те приврзе кон животот. ЛЕТО Дрочат лозјата во Ракотинци и уште повеќе, повисоко, во Солне. Сонцето пече, пече, пече, и земјата под тој пек колне. Таа земја не случајно е црвеница. Таа земја е посна и малку ветува. Но пред неа се шири на сонце секоја зеница спрема Караџица и Китка, откаде што длабока свежина се сетува. Пече сонцето, јужно, силно и на него златни пасма се точат. Заправо, ништо друго не се случува, само во Ракотинци и Солне лозјата дрочат. ТАЖАЧКИ Ми идат на сон седум тажни жени по некој ред, по само нивни смени. А како змија за срце ме касна студена мисла и докрајно јасна: Сè било случај во векот што мина без одбрана од часот што нè скина. И тие на сон идат да ми кажат дека ме тажат и дека се тажат. СПОМЕН Споменот возбудува но и лекува. Стариот човек не сака никому да пречи и пререкува. Дури и да знае дека заемност го чека, стариот човек сам молчејќи ќе пека. Јасноста на својот спомен, на секоја линија во него што ја чува сликата на младоста, тој нема да ја наруши со збор за да украде дел од радоста. Стариот човек поскоро нема ништо да ризикува, споменот од заборавот тој веќе не го разликува. РАСЦЕП Мојот сон е во расчекор со моето јаве. Што на јаве мислам, сонот го ништи. Како да живеам раздвоен? На јаве мислам дека нешто значам, сонот ми вели – не! и ми се потсмева цинично. А како да се држам до тоа, и притоа да бидам сериозен, да се држам до тоа што ми го шепина сонот како суштествено? МИГ Изгаснато е огништето. Цврчи уште само едно жарче, по крајот ронка по ронка по него се фаќа пепел. О колку е предвидлива онаа рака што токму во задниот миг се наднесува над него да сети топлина! СУВО ДРВО Дрвото ги шири гранките како раце за преграб. Но тоа е само навидум пречекливо. Нема веќе сок во него, животот гасне и сè полабава е врската меѓу кората и стеблото. Само зимата сè уште прикрива дека тоа нема да пушти лист. СТАРЦИ Ние сега радо би се виделе, крвни непријатели цел живот, и молкум би признале, без да мислиме на принципите, дека сепак не било толку важно тоа за што сме се колеле со заби, и дека умираме и едните и другите, неуверени и неуверливи, истоштени и слаби. А сепак со здивен пискот сè уште сме готови да давиме, иако ни е премален стискот. ЗАШТИТА Колку им е потешко на младите отколку нам што некако сме ги изгледале. Ние чекаме отпуст од животот и молиме за разбирање за нашите глупости, а тие треба допрва да застанат пред тој ист живот и уште да нè штитат нас со мера што ја определила љубовта. ЛАСТОВИЦИ Уште летаат ластовиците, уште летаат иако почнува раната есен, заостанати, вљубени во нашиот предел, тие уште не можат да се одделат од нас, иако ги чека долг и неминовен пат. И јас треба да се подготвувам за пат, а сè ми е потешко да се движам. Првпат се прашам како им е на старите ластовици што треба да летаат а веќе им отежнале раменцата на крилјата. ПРЕЖИВУВАЊЕ Какви порази сме морале да издржиме, какви срамови, какви поруги. Боже, умот дури ми се свртува! Ни помагало нешто, нè крепело нешто, некаква смешка, некаква површност, – и по сето тоа во нас некаква надеж, некаква желба, некаква скриена смисла безрасудно пак изртува! ОПИТ Ова детенце, тукушто проодено по паткањето, ме уверува со баткањето дека животот бил чудесен. Нашло кого да лаже! Но кој, и покрај својот горчлив опит, да не му верува? ВИДЕЛО Старата се смее, дури се кикоти. А вие си мислите – подобро да плаче, да заоѓа од липоти. Но неа сепак уште, и уште светлина ја грее во кругот сè поширок, а мрачен. И таа си вели и се моли: Боже, барем со левово окце да гледам проѕирки бели, па макар и да боли. Старата се смее, се кикоти и нешто си зборува, виделото уште згаснато не е, а полека догорува. ПО РАБОТ Нам нешто не ни е таман, како да молиме аман! И како да нè зема нешто – за спас да нема. И како да се гаси што треба да нè спаси. Некаков лек зар има зад неодгатната рима? РЕЗИГНАЦИЈА Зошто ја чувствуваш оваа тага што срцево го стегнала ледно, кога е јасно дека си победен и треба да ти е веќе сè едно? Треба да бидеш сосема мирен, треба да бидеш докрајно мудар, да чекаш така без возбуда секаква навреда и удар. Дури во тоа што се сака не можеш сега да имаш вера – странични желби влечат некаде и не е денес што било вчера. Зошто те стега оваа тага што како магла се шири в гради? Сега сме сосем беспомошни ние што бевме силни и млади. ЖИВОТ И СМРТ Да не бев роден, би бил како глув и слеп и фатен, да не бев роден, не би знаел дури што е леб ни што е ден и што е сончев поглед златен. Да не бев роден, ќе бев спокоен, од сите животни маки ослободен. ТЕМА Ги нема, значи – биле. Па тоа не е лоша тема! И јас сум бил штом ќе ме снема. ЃОРЃИ БОЖИКОВ Имала мајка имала сина си Ѓорѓи Божиков! Каква става, каква руса брада, каков Вардар од глас! Со него беше уште жив и Гоце Делчев. А сега повторно гине тој Гоце, крвави во село Баница, гине неговата од Жоро смело зaмислена лика. Нема веќе кој да запее со таква сила и мекота „Темен се облак зададе“, да се гласи како орел што клика. УСПЕНИЕ НА ВЛАДИМИР МОШИН Ѕуни ситната камбана на Свети Димитрија. Непризнатата црква опева еден непризнат светител на радост на самего Бога. Тебе те испраќаме, тебе, Владимире Мошин, тебе што дури од Петроград се прибра најпосле овде, да бидеш со нас презирајќи ги фарисеите. О поручниче, о професоре, о ставрофоре! Дали случајно било да станеме пријатели ти и јас, стари пријателе? И сега јас, збунет да те испраќам? ВАСИЛ ЧИПОВ Прости што не те испратив, брате! Така се случи. Еднаш кога го видов Островското Езеро кај Пателе на тебе се сетив и со тебе ја делев тогаш на пролетта милината. Сега, вечен самотник, жеден за братски преграб, ти верно ме чекаш во глината. ЉУБОВ Некаде кајшто сум бил веќе некогаш, пак сега треба да се вратам. Во што се претвораш, сило на љубовта во мене? Зарем во нешто што не можам уште да го сфатам? Како развластен или опожарен кој граба што му паднало под рака да носи, така те понесов цврсто преграбена, а не знам заправо, во избезуменост, каква си сега и дури што си. Како ќе ти биде во новото жилиште, во простор тесен, студен и јаден, како ќе се менуваш и изобличуваш ти тука, пак не знам. Сепак не те пуштам, како да сакам да бидеш со мене, да не ме оставаш до денот последен и часот заден. ВИНО Убаво е виното во домаќинска куќа, во обични чаши, на сведни. Убаво е виното во дворците на монарсите, во златни пехари што ги допираат усни секогаш жедни. Сепак, најубаво е виното од визбите на патријарсите, црвено, искресто како очи на ѕверка. Јас сум го пиел само два-три пати, скришно, од рацете на бела калуѓерка. ЗЛАТОВРВ 1. Пак сум на Плетвар. Ене го Златоврв! Во синевината се извишил пругоре в небо и за секогаш. Како со благослов да ме пречекува. Здравствуј, Златоврв, бдителу вечен над лулки, свадби и закопи овде во мојот крај! 2. Спокојна стено, на диви гулаби жилиште, на змија што низ твојот камен по сончев постилач се лизга од процеп до процеп! Како штит што одбива сабји, така ти ги одбиваш ровјите од век на век, без возбуда. Го враќаш гласот на грмежите во стократен ек, да ’рскоти сè околу тебе. Ќе почекаш да минат облаците, за да се види на златното сонце дека го чуваш привичниот мир. Никој од смртните, подложни на нездрав трепет, дораснати за мигот, но јадни за дните, не може да го сети твоето уривање. 3. Мнозина досега се решиле да ја искачат твојата стрмнина, стапка по стапка, со притаен ужас над сурите пропасти. Јас сум те гледал со восхит од далеку. Сега е доцна за подвиг. 4. Сепак сум некако сврзан со тебе, сурова грамадо од карпи, камена камбано! Почуј го овој восторжен повик и не затворај се пред мене во својата трајност! И јас ги разбирам страните на светот, каде и да сум, по твојот гранитен лик во споменот. Така се крепам ... 5. Збогум и овој пат, Златоврв! Виши се, горо, и биди знак и биди сведок дека сум имал тука татковина и дека и ние сме сеќавале понекогаш порив за подем и дури спокојство, како да сме ти браќа. СИРМА Таа одеше по Јама и Стогово облечена во машка руба и наметната со сакма. Никој не разбра дека е таа девојка дури не пукнаа пустите петлици на нејзините гради. Но таа со камен натфрли и куршум провре низ прстен, што никој друг не можеше, и седумдесет дружина одбраа Сирма војвода. Никој не узна дека таа беше самовилска ќерка, подложна на друга судбина. И како да држи фурка таа и како да му лула дете на тланик на некој Јоан Попов? Никој не сети што е нејзината крајна возбуда и наслада и дали воопшто ја постига. Само дека ги бара горските ширини и пискотот на куршумите, тоа го знаеја. Можеби самата се проколнуваше дека е таква! И денеска има нејзини потомки во светов. Родени за слобода, загледани само во себе, тие стануваат улави љубовници. ВИДЕНИЕ НА ИСАИЈА РАДЕВ МАЖОВСКИ OД ЛАЗОРОПОЛЕ ВО ДЕБАРСКАТА ЗАНДАНА НА 8 ЈАНУАРИ 1889 ГОДИНА ВО ДЕСЕТ СААТОТ ПРЕТПЛАДНЕ Седев испружен на лита рогузина, налактен на левата рока, со десната цигар си паља од мангалот. Гледав на запад. „Тешко ти и горко, Исаија“, си мисља, „кој зноет шчо те чекат ушче!“ После си реков со умот: „Ами свети Ѓорѓија, ами свет Димитрија, не биле души? И шчо извиделе, и шчо истргале, и животта ја дале за Ристоса!“ Тога се претстави пред мене мож речи триесетгодишен, воин во зелена облека. – Шчо си се уфилил Исаија? – праша. – Таке и таке, Господине! – Не бери гајле, Исаија! Имат Господ над нас. Ќе тргаш моки, за тргање, ама и куртул имало за тебе. Таке да зноеш! Прибрав душа, зедов здив, тргнав од цигарот. – Ами како влезе овде низ тољку стражи, Господине? – Мене не моет никој да ме видит. Слегов на коња од Лазорополе долу низ Вртешка. Сега требет назад да се врата брго-брго, дур не догледала Дунава твоја оту ме немат на иконата. И го снема. Тога ми текна оту беше свети Ѓорѓија златен. ВОЈВОДАТА БЛАЖЕ ВО ИСПУСТЕНОТО БИРИНО Бирино село малечко во Крушовската планина. Неколку куќи само зад ѕидишта од плитар. Обилно сонце во летно претпладне. Жива душа нема. Ни пес да лавне, ни кокошка да чепне зрнце. Само војводата Блаже, тој ми Блаже Биринчето, седнал на средсело скрснозе, кренал глава, засукал мустаќи, испрчил гради, наперил поглед, пушката, мале, пушката, пушката малихерата ја клал на скутот и не мрда додека да го кадроса Косте зограф и фотограф за една книга за Илинден што сум ја читал некогаш. Еpилог Од тоа село Бирино остана само кадрото, пустото кадро Блажево. ГЛЕДАЊЕ ВО ФИЛЏАН Еве една стара жена забрадена со шамија седи покрај прозорец се налактила гледа неподвижно надвор те чека тебе и толку е тажна и толку е тажна. А сега еве и една голема празнина како сиво небо над долгата линија на твојот живот. ПОГЛЕД Гледам во мрачното небо преку полето право таму каде што ридот го притиска матното небо, сè во иста посока, упорно се вѕирам сè натаму, сè натаму, сум го забил погледот во истото матно небо, длабам, длабам како со сврдел, како да може погледот да проникне подалеку од ниското матно небо. РАЗГОВОР СО МАЈКАТА 1. Рано те испративме по туѓи градишта. Мал ни беше ти уште, уште малечок. Што ако рече „не одам“? – си велевме. А ти не пререче ништо и отиде. Да знаеш како ѝ било на мајка тогаш! Перам, а твојата преслека ми ја нема под прстиве. Спростирам, а твојата бела кошула ми ја нема да ја погалам! 2. Немој да ми кажуваш твои сеќавања за мене! Поарно со очи на друг, што будно ме следеле, никогаш самиот да не се видам себе. Поарно да не сфатам никогаш што се случувало заправо со мене. БОЛНИЧКА СОБА Се трупа мрак во собата. Креветот станува сплав, го носи матен Вардар, сега си веќе во витлите под Сопот. Напни мускули здраво! Утре нека те раздени пред Демир Капија простум! ТРАВНИК (Во родната куќа на Иво Андриќ) Целиот овој град, со реката, со планините, се сели во приказна, како измислен, сега штом ќе помислам колку е нереално за нас заправо, како да било измислено, она детство што ни го прикажуваат овде. ПОЧЕТОК НА ДЕНОТ Биди спокоен, не бој се, крепи вера! И денеска ќе минеш како вчера. СЕНКА Оваа лека сенка преку патот што неусетно падна, сè уште проѕирна, значи веќе вистинска пресуда над денот иако никој и не помислува на тоа. Таа паѓа како преку душата, без никаква тежина, само со неусетна нијанса на студ. Но тоа значи потпис на пресуда над денот. По неа иде самрак, па мрак. ОДЛАГАЊЕ Есента мина по патека кална, зимата поклопи студена. Во бел и празен простор тална духот, во предела судена. Пак глочка оној невидлив јарем и трпне снага истината. Избегни го уште денеска барем тажниот поглед на вистината. ПОЖАР Ветрот од далеку носи гаровина. Гасете дури е време! Од другата страна на ридот сузбиван и задишен лази помешечки нагоре огнот. Гасете дури е време! Тој брза да стигне на сртот до првиот мрак, за да се исправи горе спроти небото со сиот раст, да блесне величествено страшен пред да заслегува ваму. Гасете дури е време! БОЛЕСТ Биди добредојдена, утко! Направи си гнездо каде ти е драго во мракот на ова тело. Бдеј таму, утај и мавтај со крилја во таа темница. Ти имаш отсега благородна должност да ме водиш постепено макар низ маки ако треба до некаква само моја, крајна вистина. В ЗОРИ Се развиделило. Под твојот прозорец црцорат живо врапци. Низ таа ситна врева се провира, мек како јаток, гласот на гугучка. Џагори несогласно и возбудено страчката. Всушност, ти секогаш си бил меѓу птиците, а тоа ретко ти допира до свеста. Ноќеска сте спиеле. Сега се будите. ЧУВАЊЕ НА МРТОВЕЦ Невидливата сенка на покојниот, и таа седи меѓу нас на едно слободно столче. Ги спуштила рацете на коленици, навела глава, и само одвреме-навреме нè погледнува скришум, под око, да провери дали е уште присутен оној израз на почит и тага на нашите лица. ПОЛН ЦИКЛУС Варијација на една pесна на турскиот pоет Фазил Хисни Дагларџа Подруго беше дури уште бевме четворицата: Младоста, Љубовта, Смртта и Јас. После останавме тројца: Љубовта, Смртта и Јас. А сега сме, еве, само двајца лице в лице: Смртта и Јас. Отпрвин таа држеше сосем скромно место, Смртта. Сега повасува, за да не остане на крајот ниеден од четворицата. ЕСЕНСКО ЗАЈДИСОНЦЕ Како да паднал камен в бунар, како да спуштиле в гроб некого по некој бесмислен суд – сонцето зајде. Никогаш така. И никогаш ваков да се фати околу срцето студ. СЕЛСКИ ПАТ Таа патека тесна и кривуличава ја провирам како конец низ игла во мојот спомен. Сега ме води по Каменици. Еве ме, стасав и до чешмата. Тука е отепан Соколе наш во пусто турско. Го протнав патчето сè до Сивец. Оттука веќе се гледа долу Небрегово. МАЈАКОВСКИ Се случи да остане сосем сам. Го порази наглата свест за бесконечната оддалеченост дури и на најблиската душа, како да е дете што првпат сетило дека мајка му има и други грижи, па и занеси. Разбра во таа празнина дека му нема спас и дека битот веќе го раскостил љубовниот чун. МОЛБА Ти доживеа јас да влечам изнемоштено тело. Немој барем со внимателен однос да ми ја одлагаш онаа остра болка што ми припаѓа и што единствено можам сега и вака да ја доживувам со сето свое суштество. ВО ПАРКОТ Почекај ме дури да се вратам. Најди добро место за седење. Не е важен разговорот. Може и да молчиме. Уште е топло, иако сонцето заоѓа. Уште е светло, иако се ближи мракот. ДУЊА И оваа есен, како лани, ти си втурена од род. Не ти наштетиле многу ненадејните ноќни студови во марта. Си ги зачувала крупните жолти плодови и ги криеш сега како в пазуви милосно, зашто со нив си самата поубава. Заправо, тебе ти е можеби сеедно, ти секако би стоела вака нема и спокојна па што да дојде. Го велам тоа и веднаш се прашувам: а што разбираме ние од радоста и маката на другите? СПОМЕНИТЕ Што ми е грижа што било лага и каде водела измамна трага? Целиот живот ми се спомените. И за преоценка да дошло време, не може никој нив да ми ги земе. Целиот живот ми се спомените. По моја волја тие се редат, и илузиите нешто да вредат. Целиот живот ми се спомените. Јас само над нив со власт крајна создавам своја родина тајна. Целиот живот ми се спомените. НА СОНЦЕ Ова е есенско сонце. Сврти се со грб накај него, да сетат топлина плешките. Постој така. Сврти се сега со лице, замижи и замисли се: се ретчат ваквите денови. ПЕНЗИОНЕРИ Прв ден во месецот. Есенско утро како на дожд. Тие се нашле веќе во купче пред поштата, рано, изѕемнати, – збирај раменици под лити палтенца. Мрморат нешто важно под нос. Едното око им е во вратата, да не го пропуштат чеканиот момент. А штом вратата се отвора, брзо се растура нивниот собир, секој се пушта по својот поштар. Кој ќе го чека инаку до пладне? Ситните пари ги оставаат бакшиш. Дома стутулени бабичките. Треба за денеска лебец и млекце и малце зарзават. А бре Македонче! СОВЕСТ Колку може мачка да ишмука коска од копан! Ја остава на сонце да се суши до белината на креда што крцка под заби. А тоа сонце пече право в теме. Сосем си гол. Нигде сенка. Залудно ги креваш рацете над глава. Шмука и пече совеста. ГРОБОВИ Среќен е тој што може да запали свеќа на гробот на своите предци. Застанува потоа молкум со наведена глава и гледа како се шета жолтиот пламен во камарчето. Воспоставен е контактот, и никој не е тогаш посилен од човека, ни самата смрт. Тоа е час на негова победа. А како му е на слепиот што не може да види ништо такво? Но тој го има својот опип, тој ќе се спушти на коленици, ќе ја помазни со дланка студената плоча или просто набиената земја и пак се исправа и тој како победник. Зараснуваат моите гробови во бурјан, патеките меѓу нив во пиреј. Се губат нишаните. Сè помалку се оние што ги знаат и што можат да ме доведат до нив. Мои покојници, како ќе ви ја потврдам тогаш својата верност и како ќе ја обновам, за да има мир во душава? МРША На прв поглед се установува дека тоа било природна смрт. Мало тело на мачка, вкочането. Нозете напред и назад сосем испружени, да биде поблизок допирот до земјата, на која легнало главчето. Смртта настапила сигурно на некое поскришно место. Некој ја пласнал ситната мрша на улица, до кантите за ѓубре. Тоа е мачка. А можел да биде и пес. Добро што е утрово студено. БОЛКА Ти не плаши се од неа, таа може и да тивне како жив жар што се потура со пепел, за пак да се распрета и да светне сепак малку потемно. Па и ќе свикнеш да се движиш и да мируваш така, што помалку да глочка. Само понекогаш ќе те жегне како отворена рана. ВИДУВАЊЕ Дошол стрико Петруш од Дреновци. Кондисал кај Евремовци. Нели го прават Митроен. Еј од кога не е дојден! Од оломнани. Го фатил далак, кутриот. Д’ одиме да го видиме. Сега е време да се скрши некој лаф со него. Оти што знаеш што носи денот што носи ноќта. Едно видување – еден век. БЛАГОСЛОВ Благословени да сте, ситни маки, вие дребни, вие мали, уште подобро ако сте измислени, зашто ни се чините толку тешки, толку страшни, несносни, та поради тоа не го сеќаваме така остро и луто како што би требало, ами само како тивната тегоба, присуството во нас на главната, разорна болка. МАГЛЕНО УТРО Сонцето е потурено со пепел. Чекај да го распрета вселенскиот ветар. Ваквите утра се создадени за гроза. Боцки во писките, од студ. Готов сум да прифатам секаков пораз, ги кревам рацете горе. Само едно уште не можам да замислам – ти да ми бидеш туѓ човек. СВЕЖИНА Студено Варило – чешма во леската под Златоврв. Жуберка водата во дванаесет коритца камени, од едно во друго претекува. Сонце просеано низ клепките, ромор во слухот, бистер здив. Што останало животна свежина во мене, отаде потекнува. ЗБОРОТ Чувај го зборот добро врзан како необучен коњ што знае да каса, да клоца, да мава. Чувај го! Зашто ако го пуштиш така разоглавен по чаирите, којзнае која луда глава ќе посака да го јава. СТЕРЕОТИПИ Кај да се свртам – големи примери, готови обрасци за подражавање, како да стојам меѓу огледала во кои откривам туѓи ликови, кај што го барам својот. Па како да ја насетам тогаш мерата според сопствената ќуд? Но, може, Духот не смислил уште што да изговорам и што да сторам пак место него и по негов суд! ДОЖД Овој дожд што ромори цела ноќ во темницата и што во матново утро прави клобурци во вирчињата, овој дожд по толку месеци суша, кога земјата пекаше за водичка, доаѓа најпосле како благодет и надеж за секоја тревка што никнува во пролетта, и дури како благослов и смирување на душите по кои влакнести морници лазат, овој пролетен дожд, овој дожд ќе ја ублажи можеби макар малку и омразата. ОДА НА УМОТ О виспрен уме! Како орелон ти си што се издига и кружи во вишноно небо! И не само во ведар ден, кога погледот му отсликува секој белутрак и секоја бразда долу на земјата, ами и во зол час, кога горат планињето и пламни го лижат сводот. Го зафаќа тогаш огнот и неговото гнездо сосе неврсните пилци, подгорени ѝ се крилјата на орлицата беспомошна над нив. Со диви крици тој се спушта и пак се извишува, и пак. Од сите страни поклопил чадот и сè се смрачило во видокругот, само над него на синило проблесок како насолзено око што полека се затвора. Или како испустен човек, муаџир што бега пред силата сè оставајќи зад себе, ти веќе смислуваш каде да се приплеска макар колиба место родниот дом, за да се живее, кога дошло, живот и без љубов. Зашто ти треба да проникнеш во сè и да прифатиш сè, возвишен уме! ВЕРА Веро на нашата младост, што стори од нив што направи! Од едни ситни праматари, од други сити берокуќници добивници без со прст да мрднат, од трети маченици на твојот збор. – Така си шепотат меѓу себе гробовите на оние млади луѓе, уште деца, што еднаш го положија животот. ОЧОВЕЧУВАЊЕ Штом тие можеле така да помислат, и дури да ми го речат, јас не знам што е слободен здив од гради ширно широки целиот свет да загрнат. Не: роди се човек – роб биди, ами: роди се роб и роб биди, Кочо Рацине, брате! ЖИВОТЕН ПАТ Еве деведесет правам оваа година. Како не ме вркна некоја пушка, како не ме сотре некоја чума, а и зошто сум се родила! Умов се мати и се лушка. И пак сака да дума. Сè се запустило, се истребило. А ми се чини како вчера да било, како да не било. НЕМОШ Тоа се случува така со секого, со човек, со птица, со волк: последен порив, последен повик, последен подем или полет, потоа пад и молк. Плачат во мене последните десет години на исцрпување од возбуди и болка што клука, липаат како напуштени деца сами пред замандалена порта на која со голи раце немошта чука. СЛАБОСТА Мојата сила е во мојата слабост. Апостол Павле Не е работата што мојата сила се скрши, се навали на левата страна, ами пред сè што и самата моја слабост сврши и беспредметна стана. ПОТСТАНАР Понекогаш кога излегувам од спалната, туку некој силно ќе ме чепне со рамото како невнимателен минувач. „Полека!“ – ми иде да му свикам. Но веднаш ми текнува дека тој е невидлив, па затоа заправо и не сум сигурен дали воопшто го има. Сепак сè уште добро го чувствувам, кога помислувам така, оној допир на клучната коска. МОЈАТА ПЕСНА И таа, како некоја болничарка, често во последно време се наведуваше над мојот болеснички кревет. Јас ја слушав, а таа ми кажуваше колку ѝ е тешко во светов. И некако од тие нејзини зборови на душава ми олеснуваше. ПОЧИНКА Сосем во себе! Како желка собрана во корупката, како змија притаена во дупката. Како да нема ништо надвор да шушне ниту да живне. Секоја мисла и секој усет во тебе нека тивне. Шепот на крвта. Ни тоа нема да трае. Но сепак само така до крајни длабини душата може да здивне. ДИВИНА Крици на ноќни птици го сечат како секавици мракот. Тие сепак ме смируваат некако во бессоницата, било да се размерени или нагли, остри и раскинати, зашто ја нарушуваат тивнатата, здодевна бучава на градот. Тие идат како повик на дивината во темницава. ВЕЛИГДЕНСКО ЈАЈЦЕ Црвено за здравје, црвено за радост, црвено за среќа! Црвено бело, здрав жив! Црвено бело по десното обравче, црвено бело по левото, да се закикоти од тој мазен скокот нашето машко дете. А за нас – помала тежина, надеж и спомен на свежина. Ете! ПОХВАЛА Исусе Христе, Боже наш! Те сакам заради твоите слабости и потклекнувања. Со нив ти остави утеха и приглед и за нас ништожните. Зашто ти не се извиши над нас, како што можеше, во сурова и презрителна надмошност. Кога Марија, сестра ѝ на Марта, ги изми твоите нозе со своите бели раце и ги избриша со своите црни коси, таа ги мачкаше долго и нежно со скапоцено миро. Тогаш, твоите ученици свикаа, сметајќи, секако, дека ја погаѓаат твојата мисла: „Зошто ова миро отиде попусто, а можеше да биде продадено за триесет сребреници, и парите да им се раздадат на сиромаси!“ Но ти рече: „Сиромасите секогаш ќе ги имате меѓу вас, а мене не“. А во себе помисли: „О бездушници! Зошто ми го зацрнувате овој редок миг на чудесна земна љубов во мојот живот?!“ Исусе, Боже наш, те сакам заради таа помисла! ТАТКОВИНА Со замислени меѓи сум ја означил својата татковина. Сум поставил белеги на сите нејзини граници и на сите стратегиски точки: на тераси над реки, езера и над морскиот брег кај што сум седел долго со пријатели во летни вечери, при чашка црвено вино. На пазаришта со раскошни бои и опојни мириси од есенското обилие. На планински врвови кога низ проретчени облаци се открива поглед во далечни предели. До кај што сум ја пронесол својата љубов, дотаму е мојата татковина. А вие, еј! На што сте смислиле да ја сведете?! ОСАМЕНОСТ Ги изгубив собеседниците во себе. Ликовите на кои бев свикнат да им се обраќам, да им доверувам најскришни работи, да им покажувам колку сум духовит, колку сум добар, колку благороден, готов да разберам сè, а колку сепак страдам, – сега вртат глава од мене, се прават да не ме слушаат, уште не ми се врекнале, но јас чувствувам дека им пречам, им здодевам, и нашата блискост им станува тешка. Глуво е во мене како во празна сала. Немам собеседници. СЕБЕСОЗДАВАЊЕ Така, со заемни ситни притворства, за да се покажеме, сигурни дека ќе минеме неоткриени, – го градиме ние ден за ден, дури со години, подобриот дел од себеси. Потоа како лута зима неочекувано вистината доаѓа и останува да виси во воздух уште малку, призрачна, таа наша лична зграда. Урнат е нашиот привид. Доцна да се измислуваме наново. ОБВРСКА Сфати ја со сета сериозност оваа обврска, уште посилна дека заемна: и без да го знаеш досега тоа ние сме се задолжиле да го чуваме споменот еден за друг. Ќе минат сите површни оддалечувања, ќе дојде час на враќање кон загубеното, за да се згрее душата макар малце на него, како што изѕемнатиот ги грее рацете на жив жар, под распретаната пепел. ГОДИШНИНА I Каква година! Во неа здиве пак една калемена слива. Горчливи плодови станаа дниве – скомина жива. И сè што било средено, јасно поплава луда го сруши и само тињиште остана гнасно меѓу делените души. Над матна река на два брега одвај нè сврзува спомен. Попусто подаваш рака сега кон еден човек ломен. ГОДИШНИНА II Оваа вечер лани пролетта беше необична и невидена. Има ли некој освен мене да си ја спомина? А сега, вечерва, еве ме тишти сето што било и што помина. ПОУКА Ти што кажуваше, иако тогаш зелен и неопитен, дека не само со телото, ами и со душата жена се сака, еве сега да видиш и да сетиш за сигурно дека било токму така. ЗЛОСТОРСТВО Што со години ме држело приврзан за животот сега се губи – она девојче што јас го открив во тебе, ти го уби. Тоа злосторство на сон ми се кажа, таа свика ужасена да ја спасам, но сето се случи далеку од мене, и во јавето, таму каде што не можев да стасам. ПРИВРЗАНОСТ Таа што почна да вене, таа ме приврза мене. Верно исчекувам сега и кога далеку бега. По една позната трага самрачна доаѓа тага. Жалот што и таа вене сиот ме обзема мене. ЧЕКАЊЕ Што чекаш така ден за ден и зошто толку напрегаш слух? Зошто си сосем занесен како да зашол твојот дух? Како да следиш нечуен глас дури од некој далечен двор? Не чекај! Сам си во овој час, никој не смислува за тебе збор. СУДБИНА Што сега усвит негде фати, по само свои желби зајде, знам таа еднаш ќе се врати, но мене нема да ме најде. И тогаш ќе ѝ стане јасно под студен поглед на неми злости: за каење е веќе касно, го нема оној што ќе прости. И исто чувство ќе ја демне што сега мене, по иста трага: безразличност од мраз што ѕемне во сета душа и сета снага. На свое место ќе се стави што сега безумно се сплетка и дури тогаш ќе се прави за мојот живот крајна сметка. ЗНАМЕ Тоа беше чудесен ден од есенско сонце позлатен! Тоа не можев ни да го сонувам дури и кога бев млад. Како црвено знаме те пронесов до моето десно рамено низ старите скопски улици под сончев водопад. О мои црвени виулици! ДОПИР По толку време ме страв дека сме сосем испразнети. О камо ја онаа полнота на нашите души што ќе зазвучеше метално како гонг при најмал допир! ПТИЦИ На тоа што е само миг во животот бронзата му дала привид на трајност. Двете птици се допреле во лет и како за преграб и милувка ги вкрстиле крилјата. Но сè минува во животот, а смртта избира за секого свој час. Кога едната еднаш ќе го навали беспомошно главчето, другата својот ужас ќе го огласи со крик. Но гладоста ја тера и жедоста ја гони, а крилјата ја силат да летне пак. ОЈ ЛОЗЕНО! (Стилизација на народна pесна од Кочанско) Ој Лозено, Лозено девојко! Која гора зиме е зелена? Бршљан-гора зиме е зелена, па и она самотворна не е, и она се уз камен узвива. Ој Лозено, Лозено девојко! Чија ли е душа огневита? Моминска е душа огневита, па и она самородна не е, и она се уз ерген вивнува. МАКЕДОНСКИ ПОЕТИ Каква судбина! Да ти се чини дека правиш најзалудна работа на светов. А сепак Рацин и Вапцаров како два силни бора шумат и пак е сè со човечка смисла исполнето. ЛАЖНИ ПРОРОЦИ (По евангелието) Ќе дојде време на лажни пророци што божем во мое име ќе ве збираат по плоштадите, ќе креваат врева до небеси, ќе се бувтаат во градите. Немојте да им верувате! Тие мислат само на себеси. Што дека прогласуваат дека ве спасуваат! Бес ги распина внатре душите да ви ги затре. Тие варосани гробови! Не да им станете робови! ПЛАДНЕ Се закажува летото на мајско пладне во негата. Сенката и светлината се делат јасно порабени. Но воздухот не трепети и далеку е жегата, како да дреме сонцето – зраците идат ослабени. Колку е убаво! СЛАВА Си доживеал како ќе профучи фуртуната, – се вијат витли прашишта, се кршат гранки и ќерамиди, и пак станува тихо. Си видел како ќе се разбесни морето до бескрај со шум и лом и прскање на пењи, и пак се постила во недоглед мазна површина. Не се повлекува плодна бразда по онега што не може со благ, одвај чуен збор да ја стопли душата на неколцина барем околу себе, барем на толку колку што може да засити самиот со еден сомун топол леб што им го крши со раце. Па што дека останала слава! МАЈКА Нема утеха за оваа мајка по смртта на единствениот син. Секој збор на поткрепа треба трипати да го премериш пред да ѝ го кажеш. Таа презира плитко сочувство кое ништо не разбира. Таа не сака да ѝ се смали болката, ами да придобива со секој ден величие и сè подлабока содржина, таа самата се претвора во неа и само како прочистена болка се крепи и уште се одржува. КНЕЗ АНДРЕЈ Те сфаќам добро кога, смртно ранет, ти прости редум секому и сè: суета, подлост, изневера, пакост. Така се прости заправо од злоста што животот го крепи. И дури тогаш во твојата душа, на истек дури, со нова смисла и подлабока зазвучи зборот на светата книга што си ја читал само површно. ЗАНАЕТ Што лош занает! Да правиш, и тоа за непознати муштерии: молитви, гачки, клетви, и плачки, да измислуваш дури нови пцости за стари злости, да кроиш, да заменуваш зборови веќе излижани и ветви, да ги редиш како за смешка, не толку нешто за да речат, ами повеќе како ѕвечалки да ѕвечат. Работа чудна, залудна, а тешка! Како не појде на столари, дограмаџии или макар на чевлари, кондураџии! Тоа ти е грешка. СУВО ДРВО Нему само му се чини дека и тоа шуми меѓу сите дрвја во коријата кога ветрот ќе задува и тие од корен јачат. Потребна му е голема мудрост да сфати дека не е така и дека само привиди го мачат. ОДМАЗДА Се чипчиме за животот, бегаме од смртта, гледаме некако да ја залажеме. Секој отима, не мисли за утре, вјаса, зема. И само најмилите понекогаш сакаме да ги накажеме со тоа што ќе нè снема. Да видат тие што сме им значеле ние! ТАГА Го утопи тагата зборот под самата кора на стихот. Јас денеска тагувам горко, јас тагувам денеска тихо. И узрева мојата тага со здивот на раната есен, по песокот остава трага несигурен чекор и стресен. Со тревога гласот ми звучи, недоветно нешто да бладам. Но тагата мене ме учи да тивнам, да траам, да страдам. Со тага се утопи зборот под тврдата кора на стихот. Јас денеска тагувам горко, јас тагувам денеска тихо. ПРОМЕНИ Цела ноќ врне. Цела ноќ сонот ја преобразува мојата мака. Се будам и се чудам што беше оваа тежина. Но веднаш се сеќавам и маката го добива пак своето старо име. Има толку причини да се сожалуваме. Уште капе. Но наскоро може да настапи разведрување. ПРЕМАЛА Понекогаш му доаѓа на човека да се загреви над себеси. Се гледа како отстрана и самиот себе се жала: „Кутриот и овој уште нешто сака, уште нешто плетка“. Чувај се од таква премала, човече! Ти не си роден тукутака. Води сметка! ВАНГЕЛ Заради таквите луѓе сонцето и нас нè грее. Зборот ми е за Вангела од Варошко маало. Никој како него не е. Двете тополчиња ги паметите кај Средочнà вода на Маркукуле? Како дете што капинки таму сум јадел! И вие може сте чуле, а мене не ме зачуди кога разбрав дека тие две тополчиња некогаш не некој друг ами пак Вангел ги садел. НА МОИТЕ ПЕСНИ Ретко ќе доаѓа некој до вас. Ќе бидете и сосем заборавени. Како патник на починка што разгрнувајќи го бршланот открива гробна плоча, така некој случаен намерник под лисјата на вашите зборови ќе насети скриена смисла. Тогаш сведочете за мене! ХОТЕЛИ Сега од оваа раздалечина животот ми се чини иситнет на ситни денови и ноќи во вашите соби, случајно отворени за мене од Охрид до Иркутск, од Штип до Бостон, вкрст Кој да го состави сега пак тој филм од измешани сликчиња! Сонувам заборавени броеви, загубени клучеви, расипани лифтови, некаде зафрлен багаж, неплатени сметки – да пропадне човек вземи од срам! О, случајни пристаништа за мојата заскитана галија, кој ќе ми го врати сега парчосаното време, Да го предоживеам, макар во споменот, како непрекинат тек! Боли сè што се видело и што се случило. НА ОДМОР Издржи сега уште малку, кога тишината во зеленилово под мирно небо од сè на светов те исклучува. Издржи сега да не пукне и да не олцне нешто во свеста што сепак знае: привидно само се чини дека ништо околу не се случува. МОЛИТВА Дојди од некаде, слатко спокојство, во самотната душа. (Доста немири и бранувања!) Да стане најпосле самата таа спокоен брег што го пречекува и го смирува бесот на секој бран. НОЌ Оваа ноќ е опасна. Оваа ноќ е на трагични пораки. Таа почна со необично длабоко молчење на двата кипариса во стемнетиот двор. Таа продолжи со бесоница во која човек сè ќе си каже отворено и сè ќе си искоби до зората. Таа ќе заврши со гроза. СТАНУВАЊЕ НОЌЕ Добро увежбана варијанта. Истај го ќебето лево до ѕидот. Спушти ги нозете од другата страна. Полека само во мракот. Тука чкрапни. Тука пак чкрапни. Пушти ја славината. Доста. Затвори. Сега назад по истиот пат. Тука чкрапни. Тука пак чкрапни. Пак е сосема темно. Легни и покри се. Мало средување на мислите. Мижи да завенеш. ПРЕОБРАЖЕЊЕ Нежно ме дели од постелата, да не се сетам што станува, да не ме доболи, да не ми биде тешко. Кажете ми пат во натамошниот живот, правете место за потурнат човек! Секогаш друга рамка го чека телото, со веќе назначен нимб. Каде што лежам сега на грб тревата била разгазена. Над мене зелен бор, над него сино небо. Секогаш друга лулка го чека телото, да го заниша, да го занесе, да го приспие. Така од лулка до гроб. ЖИВОТОТ Шумат водопади некаде пред нас, и сè е посилен нивниот шум. Течи, животе, течи, мој единствен, носи ме и мене низ нови предели до претскажаниот крај. Носи ме натаму сè до утоката, до смирувањето во безимената шир. ТРАЈНОСТ Ова меѓу нас имаше почеток, но нема крај. И јас не го чекам. И ќе се претвора тоа по некој ред во болка, тревога, омраза, презир, во мачен внатрешен спор. Но и по смртта нема да исчезне, ниту ќе тивне да се огласува, дури пречистено, од вакви записи на возбуден збор. НА МОЈОТ БАСТУН Полека се сродувам со тебе. Понекогаш ми се чини дека ти ми остануваш единствена опора во мојот преостанат живот. Барем најверна. Затоа и на тебе треба да пренесам дел од љубовта. ЗАБРАНА Страшни се овие работи. Овие мисли се клети. Поарно молчи за таков ѓаволски пород. Можеби никогаш со толку јасност друг нема вакво нешто да сети. Па зошто тогаш тоа да најде поткрепа во зборот? НЕМИР Ова сето личи на кошмарен сплет. Ме тишти срцето и нездраво мрзне снагата. А не знам што е главната причина: дали болеста, дали староста, дали тагата. СТУДЕНА СКУЛПТУРА Искапи се во студ, исплискај се со студ по лицето по вратот по сета снага, да влезе студот в коски и под нокти со спици, да станеш студен кип, сталактит од мраз. ЈАСНОСТ Не можам да ја довршам мислата – ја оставам по пат, како овцине руно по трњето, како облакон магли по долиштата, како кога чекаш сонцето да ѕирне, а пак поклопува темничило. Ја влечкам како изнемоштен човек тежок товар што го остава секој час наземи да земе душа. Како да ја довршам мислата? Ми се отпушта како котелец од игла плетачка, како риба од јадица, како птица од примка. Всушност се штрекам пред крајната јасност. СЕБЕПОЗНАВАЊЕ Се будам во мракот. Сосем е темно. Минам со рака по челото. Несомнено тој сум, а не знам ни зошто ни како. И не знам ни како ни зошто сум дури носител на судбина. ЗАЛЕЗ Оваа болка е величествен залез на љубовта, како руменило на запад во летна приквечер. Неусетно скипнува раскошниот прелив на боите, се кинат една по една нежните жилки на жалот. ПРЕДЕЛА Оставете ме најпосле на мира, вие луѓе, со вашите планови и нови проекти, со вашите собири, тела, симпозиуми, со сета врева, јагма и шум. Јас се борам за уште малку разговор со птиците и се борам за уште малку тишина меѓу тревките. Оставете ме да си починам! Што сум имал важно да кажам, сè е кажано, понекогаш со толку звучни зборови, што дури ми иде срам. ВНАТРЕШЕН ДИЈАЛОГ Ти сакаш да ме увериш дека сум јаден и лит и дека ништо во мојот живот не носи знак на величие. Но јас сум тој што се слуша, од мене зависи сè! Ти сакаш да ме понижиш сосем, да ми предочиш јасно дека се лажам самиот и дека секој мој подем бил измислен. Сети се – ми велиш – како се витка црвец во кал. Но сепак сè зависи од мене! Јас сум, види, чувар на својата гордост, и не очекувај да се помирам со бесмислената ништожност. НАПУШТЕНОСТ Тоа се сите песни во твојот живот чуени некогаш во присуство на љубовта, тоа што сега го слушаш. Далеку негде триста хорови како да ги пеат на триста места а едновремено, така ти иде до слухот. Тие пеат, но сè потихо, сè потихо, сè потихо, и подалеку. До молк. Се гасат постепено испреметкани слики, скипнува нагло сета музика во светот. Не слушаш веќе ништо. ИМЕНДЕН Утре е Водици, името на татка ти. Студи. Кој знае дали пак некој наш ќе појде на гробишта да запали свеќа, да му светне на домаќинот мој. Студи. Крв. ЈАСНИК Овој јасник ноќеска сите јасници од сите зими досега како да ги збрал. Сè е скочането како мразулец и остро како сек од меч – остар здив, остар штрек, студено остар жал. ТЕМЕЛ О вие мили! О вие љубени наши! Вие сте премногу важни за нас во животот. На вас се крепи нашата душа, – и се исправаме, колку што може, простум. Камен сте ни темелник, а ломни. ПРЕОБРАЗБА Тешко нам, и тешко нему, на стариот мој. Душата му знае како му е. Туку нека пречкрта барем уште две-три зими. Неговото се видело. Така рече таа, а јас велам: Никогаш не се губат љубовните зборови. Само се претвораат во пепел како сè што горело. ЖИВОТОТ (Сpоред Октоихот) Што ти бил животот! Сон од привид да делиме! А секој земјанин со земјата се стопува. И целиот свет да стане еднаш наш, пак в гроб ќе се вселиме. Гробот и царевите и убозите, безнадежно, ги поклопува. ОПИТ Земја си, и во земја ќе се pретвориш, – стопати сум го чул и стопати сам го имам повторувано. А дури сега првпат сетив, замислен над себе и над тие зборови, дека ништо не е речено пред да било од некого сосем така и почувствувано. ПРОЛЕТ Неусетно, од веков нас споменот нè дели. И пролетта ја снема штом младоста ни свена. И пролетта во крајот на споменот се сели со мирисот на бозеј под мишките на жена. СТРАНЕЦ Тој заблудан беше, а срцето врело, што нејќе да знае и нејќе да слуша. Му омиле едно лажовито тело, му омиле една лажовита душа. А сега е морен, магијата гине, и сам си се чини пред себеси странец. Рамнодушна мисла низ умот му мине, да оспори дури највозвишен занес. Но тој, како Милтон што жедно го слави на пролетта цутот, а слеп, стар и сломен – презрениот лик го чека да се јави што сепак го вклучил во оплоден спомен. ГРАД Ти си древен, о граде, но бедна е твојата археологија без твоите слоеви овде в душа. Овде, преку градиве, ти ме раслојуваш по границите на младоста, зрелата доба и староста. Мислев дека се доближуваме, а сега гледам зачуден – бескрајно сме далеку, одеднаш. Ме отфрли и мене како и толку други. Јас ти приоѓавв во мислите како на родител што му се приоѓа, а ти ме пречека со ваков хмурен ден, иако мајски, за да ја подвлечеш студената оддалеченост. Каде што сум одел со широко отворени очи, сега одам по тебе со слепечко пипање. Никој не ме чека на старите места: па зошто дојдов сега кај што сме минеле двата ние? Секогаш каснела, а сега нема ни да стигне. Туѓи се аглите и рестораните, туѓи стреите под ненадеен дожд. Далеку било! Жалосна е сета присебност и решеноста да се издржи, па макар колку цврста. Всушност, како со нешто обично и разбирливо се мирам, како на минување, дури и со една посета на смртта. Ти ми ги поништуваш запаметените дни и ноќи. И pо закони груби цел еден живот се губи, хмурен граде! ГНЕВ Студена пот по челото, студена пот под мишките. Бигор го вкочанил телото, нечујно тлеат издишките. Тешко се гледа некаде крајот, надежта барем да се спаси. Те крепи само гневот со право клетви да гласи. Но зар е и тоа некаква утеха – да плукаш по гнаси! ЕПИТАФ ЗА ВОЈНИКОТ ОД СПЛИТ Тие мислеа дека ќе зацрнат една омразна мајка, инаку можеби не би стегале толку цврсто нивните раце околу вратот. О татковци на народот, водете ги само напред своите башибозуци кон славата на татковината. Свет и светол е пред вас патот! НАДЕЖ Секого од нив го мачи некоја сопствена мака. Како да допреш тогаш со рака искрена рака? На што се надеваш уште ти меѓу овие луѓе? Секој од нив ќе најде за презир вистински мотив. Ти се доближуваш до нив, а тие станале против. На што се надеваш уште ти меѓу овие луѓе? Јас имам некаква надеж само во својата среќа. Кој знае што може сè да држи скината вреќа? А трошка надеж ми дава и дремката на тие луѓе. УСПОКОЈУВАЊЕ Сè е сторено да се пречека тоа што било судено. Веќе го чекам толку рамнодушно, а сум го чекал возбудено. И сè е на крајот веќе натокмено со молби и клетви до небеси. Плачејќи над други, јас се исплакав и самиот себеси. ПРОЦЕП Оваа болка нема лек – не да се бае, не да се куша, а може само да се трпи, зашто е таа процеп в душа. За неа нема мевлем мек – ни да ја смири добра рака, а може само да се молчи, и да се таи таа мака. Неа ја носиш ти цел век – а сега како понор зина. Одврати поглед од таа јама: што дошло – дошло, што мина – мина. ПОЛНОЌНА МИСЛА Полноќна мисло, поразна мисло! Како веда си брза и остра како гол нож светкав пред да се брцне. Го стегам в рака и замавнувам во себе, право в срце. ГРАДИНАРОТ (На терасата кај Коцета во Стар Дојран) Градинарот со мисла и со рака со години го градел ова катче: и зелен свод нè наткрилува така, низ кастрен прунус се провира патче. И погледот низ таа рамка мека на езеро се спушта, шари мирно; а таму ново спокојство го чека – на тихи водје и синило ширно. Од таков допир и душата мачна откинува од уплавот што клука, од чемерот што човека го начна, да здиви дури и ум да му штука. И утеха во летна вечер млачна со свежо ветре нè плиснува тука. НЕБЕСКА РЕКА Една браздичка од небеската река тече и низ мојата душа, нејзината свежест сè уште ја чувствувам, нејзиниот шум сè послабо се слуша. Понекогаш дури ми се чини дека молкнал и дека полека водичката секнува. Тогаш, пред крајот, пред штура суша и пустелија, ужас ме штрекнува. ДОЈРАНСКА ЕЛЕГИЈА 1. Претчувство Грлено гугучки ткаат гласовен в небо јаток. Краток е нивниот говор, животот наш е краток. Упорна мисла и болна тишти во умот и рие. Нашите патишта колнат дека си одиме ние. И како прав по патот, и како гној по страги, само гревот и стравот по нас оставиле траги. 2. Разложување Што останува од нас во познатиот предел, каде што човек шетал, каде што замислен седел? Трагите кајшто се допрел ги мијат дождовни капки и млада трева расте преку неговите стапки. Секоја блиска лика, и најсаканата дури, скипнува и се губи во нејасни контури. 3. Навев Чувствувам дека ме следи еден одамнешен ритам, иако не одам нигде ниту можам да скитам. Во мене тој е зачнат, се дипли сажен по сажен, стапките исти се редат, само е звукот тажен. На незбиднатата надеж тој постап мене ме сети. Споменот пак се враќа, само загаснато свети. 4. Самрак Самракот истрајно брише секоја појарка боја, тој доработува слика спрема замислата своја. Сигурна рака ја движи по небо меката четка, тонови темни се пластат, штира виделина светка. Постапно така пред мракот таа и сосем ќе спласне, како под склопени клепки сè што се видело гасне. 5. Маглина Во еден нејасен вител мислите кружат без мира, а в гради темно клопче од возбуди се збира. Тоа што имало смисла, што било порив во светов, во нерасчленета маса повтор се стопило сето. И во изначална, чинам, маглина сум се вратил – да не знам како сум овде, кој, кога, зошто ме пратил. 6. Езеро Тогаш низ твоите водје мониста зедов да барам, на таа што ќе ме чека некаде – да $ ги дарам. Одамна тоа било, сегде по светов сум акал. Каде се сега тие најмногу што сум ги сакал? Јас не обвинувам други. Па мојот спомен ги брани! Тоа што судено било јас не го префрлам на нив. 7. Рибари Сега замислувам само на весла рибарски плискот. Веќе догледале очи, чело се навело ниско. За нова младост сега чунчето свежина роси. Ние сме стари и болни, бели се нашите коси. В сенка под мирната туја, загледан некаде слепо, разговор водам со врапци, слушам од ветрето шепот. 8. Дејател Тревоги тука сум биел со дејствен збор на пророк. А сега треба да молчам, безвреден станува зборот. Станува изместен зборот во едно сматно време. Несмела надеж нè крепи во плодоносното семе. О колку јадници молчат, пред нив е изгаснат сјајот. Неколку готови фрази ќе ни се најдат за крајот. 9. Песна Овде низ векови јачел древниот родопски кавал, кротел крвожедни лишки, животна смисла давал. Мојата песна сега далечни тонови бара. Зборот е обновен малку, тагата иста, стара. Во неа тивнува навек јато наследени звуци. Нам тие многу ни значат, не и нашите внуци. 10. Проштавање Збогум, пак збогум, Дојран! Разделба нова се случи. Само старинскиот поздрав некако штурински звучи. Песните – чуени сите, сите извидени места! Одамна младоста мина, срамот се слеа со честа. Упорна мисла и болна тишти во умот и рие. Нашите патишта колнат дека си одиме ние. НОВА ГОДИНА 1992 О мои предци! Јас ве споменувам и ви оддавам чест. Нека се смират вашите души под праговите и тланиците што ги напуштил мојот род. Да тивне подземниот плач! О вие внуци! Ве благословувам и ве поздравувам со збор на блага вест. Нека ве крепи секаде среќа, стреловит поглед и цврст од, вкусете животна слач! О мои предци! О мои внуци! Нека прогласува овој час дека сум распнат меѓу вас. Посвета (На Коце Солунски за неговиот седумдесетти роденден – на 30 март 1992) О мој врсниче! Ти мачиш иста мака, и твојот дух си запилкува вака. ЛИЧНОСТ „О стадо! Јас не припаѓам кон тебе!“ Така си мисли еден тажен брав дури со другите овчички си штрпка тревичка на лединката. ПЕСНА ЗА ЦРНИОТ БРАТ Болен е, болен Црниот Брат, и како дете паднато в кал тој сам е таму каде што е, и кому да му биде жал? Кон мене крева очи тој, а нас нè дели океан. Болен е, болен мојот црн брат, згрозен е сиот, во себе збран. О кој ќе крикне! Јас немам здив, – ни збор јас имам за утеха, ниту да кажам кој е крив. Тој тлее таму зад хоризонтот како на запад вечерен зрак. И сè што знам е дека се спушта меѓу нас уште потемен мрак. ОТПОР Поради силниот збор, макар на непризнат јазик, сè уште одбирам звуци на македонската лира. Тоа е мојот штит, рамен на вашата сила, силници! Зашто гробот со сите и вас ве збира. Спокојство глумам пред вас дури созвучја барам или тајновито име негде во нашиот предел. Тоа е мојот облог во морничавата игра, тоа е мојата мисла упорно што сум ја следел. МОЛИТВА ЗА УСПОКОЈУВАЊЕ Роб на грдата мисла пред пакости и злоби, молитва правам да тивне гласот што несреќи коби. Барем во петлени зори или во глувите доби нека се смири малку јанѕата што ме здроби. Најдете спокојно место коскиве да ми ги зглоби. ПОБУНА Мислев дека сум смирен пред сите загуби земни и дека спокојно може и крајот да се чека, а сега од сон се штрекам негде во зорите темни, некаква улава болка и тага од сон ме штрека. Поарно што го снема тоа што чудесно било и како обичен привид пред очиве што згасна, – па кренав пред тебе раце, слепа и сурова сило, кога ме поваса сосем и в ништожност ме пласна. Па зошто сонот сега со мене како да спори? Зар загубеното било сепак пред Господа свето? Духот се предава буден, а на сон уште се бори, затоа олкава тага, и боли затоа сето. ИЗНЕВЕРА Срцето замре целото – немало надокрај милост. Духот го презре телото, зашто се грози од гнилост. В прашиште со влечугите, од себе човек се срами. Баравме љубов од другите, а се напуштаме сами. Кој да ја сети мерата, кој да го погоди лекот, штом докрај изневерата значела закон на векот? ХРОНИКА НА ПРИЛЕП Останавте по патот, наши другари и браќа, било кај Тројаци, било кај Никодин, или на Мукос, или на Прилепец, на Песјо Брдце, и каде не, – испраќајќи нè како со смешка на усните пред да склопите очи и следејќи нè упорно сè довде. СКАКУЛЕЦ Жител на тревата, се суши со секое тревче. Шушкав, влече скокот по меко мевче. Пулоок, секогаш опнат за скок како остра стреличка на ситен сончев лак. Каква напрегнатост на коленцата! И пак, и пак! Ноќта ја прекрива проѕирката, свилата на кожурците. Тој скукулен ѕуни, со сто струни, од свирката на штурците. А зошто сето тоа? НЕБО Го приближуваме да ни се причини дека е тука, пред нас, на дофат, дека го имаме веќе под замижаните клепки – со сите неусетни преливи и набирања, со белите, негде-годе, облачиња и со поработ врз планините. Но тоа се кренало уште повисоко. Мали се кубињата на нашите храмови да го обгрнат во својот преграб, ништожни спрема својата замисла, што фрлила мрежа во воздушниот океан а собрала од него колку што може грст да збере. Ниски се олтарите по планинските висови, ниски се минарињата и на султанските џамии, да му се доближат нашите зборови. Поарно, затоа, да тивнат молитвите без глас долу в срце. Осудени да бидеме постојано пред него како пред огледало без одраз на нашиот лик, – неговите промени во знаци на својата судбина ги претвораме. Страшен е молкот, а наслушуваме порака. Принудени сме, пред неговото величие, да си придаваме дури и самите себеси важност, а заправо како на ѓурѓовденски нишалки на неговите невидливи бранови им се предаваме да нè лулаат и да нè носат незнајно каде. БУДЕЊЕ Се засолна невиден некој што саноќ ме држел во стег. И ноќеска чемерот длабел – навалува подлокан брег. СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН Прво се јавија гугучки заедно со врапчињата, а сега ова пиленце што прави: цип, цип, цип! Гугање. Плипот. Кркот. Денеска ластовиците ќе застанат на жиците, со празнично црцорење да го испратат штркот. КАЛЕНДАР Не како древните ѕвездочетци загледани верно во ноќните длабочини на небото, темни и привлечни, тајни и вечни, – ние само по неверните трепети на своите срца прогласуваме љубовни сведни, придавајќи им значење. Произволен и измамен е таквиот календар! Место величие, испокинати спомени и дури презир и омраза будат во нас тие измислени празници. ПРИБЕЖИШТЕ (На терасата кај Ивана во Стар Дојран) Во ова исто време, додека денот се гаси, седиме неколку души овдека секоја вечер, чекаме првото ветре свежеста да ја спаси, а веќе редот се знае што може сè да се рече. Па молкот затоа како повеќе за нас да значи; – тогаш занесено човек своите мисли ги следи. Молчиме ние за тоа најмногу што нè мачи, како по договор верен секој секого штеди. Отстрана потсмешлив злобник може дури да смета дека нè исфрлил бранот на засолнативе места нас, бродоломници бедни и плен на староста клета. Но нема циникот право, – се крепи упорно честа, со глас од младоста наша, врз една порака света. И кога очај нè ништи, тој глас е жив во свеста. МРТВА ПРИРОДА (На терасата кај Коцета во Стар Дојран) Чашата веќе е празна, зашто гостинот дрчен го испи виното веднаш и на маса ја кладе. Пред него зрели дренки нуди послужавник срчен, и јаболка полн ваган домаќинот му даде. Сега и кафето стаса, баш навреме се свари, од порцелански филџан пареа лека се крева. Па еден спроти друг еве седат другарите стари, тихо е, нема врапци да кренат џагор и врева. Во чист августовски воздух трепери оваа слика, и една длабока сенка над неа свежина шири, и благо спокојство како од секој агол да блика. О зошто не е така! И зошто само штири дни напред да нè водат до крајот што нè вика? Ни привид веќе да нема за душа да ни смири! ПОЧЕТОК НА ЕСЕНТА На прва есен знаците: нејасни сенки на друмот, нејасен трепет на зраците, нејасен шепот во шумот, нејасен жал на облаците, нејасни слики во умот. ЏИЏЕ Мнозина има занаетчии, секој спрема својата ука. Едни абаџии, казанџии, кондураџии, други ковачи, сарачи, крпачи, трети златари, столари, колари, клинчари, опинчари, копаничари, и што ти не, и какви не чуда. Но меѓу нив разликувај џинови од џуџиња! Занаетот го испекол докрај само тој што умее да направи и џиџиња. А кога некој батак ќе се сети дека на светов има и поети, тој од нив бара да станат скудоумни апологети: неговите валканици да се забошотат, како со кадеж од темјан, со песни од хорови. О браќа, не давајте се! Поарно правете џиџиња од зборови! Секој добар мајстор има право на џиџе дури и во злодоба, кога лошотијата ги надвишила Кајмакчалан со Ниџе. ОБРОК Ова чаше домашна ракија што фаќа синџир по крајот бистра а искреста да те стресе при првата голтка; оваа пиперка, само малку заруменета при врвот, рускава под забите; овој патлиџан црвен и сочен, а уште цврст, и, најпосле, ова бело сиренце, слачно при џвакање со корка лебец, да ти се осоли малце плунката и душата – имај ги како дарови од небото за денешниот ден, и искажи благодарност со нечујна помисла. Можеби и утре те чека ваква наклоност. Зошто да не? Никогаш не се знае. ЧАША ЧАЈ Крчка канчето со вода на шпоретот, уште малку да зоврие. Кесичката со чај чека веќе во чашата. Ајде кажи дека тоа не е важно! О претчувство на топлина по старите дамари, сè до срцето, до левата страна на градите, како спомен од одамнешна љубовна возбуда! Ајде да си лишен и од тоа! ВНАТРЕШЕН ВИД Како за себе реков дека видот ми е уништен. Но таа слушнала и побрза да ме утеши: „Затоа ќе се изостри твојот внатрешен вид“. Веднаш сфатив дека е веќе рамнодушна. АНТИЧКА ТРАГЕДИЈА Студена сенка на сцената. Сам пред два неми кумира. толку ја мразам промената! А дошло да се умира. УРНА Ја склопив десната дланка и стискам јако, цврсто, како својата пепел да сум ја собрал во грстот. ИСПУСТЕНИ Две скукулени тела. Две наведени чела. Два молка. А иста болка. ШАР ПЛАНИНА И во идниот живот ќе те носам тебе во погледот, снежен Љуботенски вису, зашто се плашам, можеби безрасудно, дека никој веќе нема да ја сети во целата вечност олку остро оваа бела убавина како мене сега во сончев неделен ден во светиниколскиот месец. СЕЌАВАЊЕ ЗА ТАТКОТО Колку е тешко да те следам, татко! Да не пуштиш ни глас за болката, а толку те болело! Да не кажеш ниту збор за маките, за немошта, за грижите, за горчилата – а толку тиштеле! НА ПРИЈАТЕЛИТЕ Со вас се крепев. Тука сме. При крајот. Па сега ли да ве потурнам, на работ, заради маните, заради грешките, за сè штo излегло неубаво? Не! Јас ви проштевaм секоја слабост и притворност, дури пресметливост, дури изневера, – за да си простам и самиот себе за една мера на човечка љубов. ОБНОВА Отворете прозорци. Oтворете врати. Да влезе свеж воздух. Доведете млада мајка. Доведете машко дете. Нека го крене в раце. Нека го прошета од соба в соба низ сева куќа. Да влезе живот, како свеж воздух, во секој зачмајан агол. КЛУКАЈДРВЕЦ Клукајдрвец! Чукајдрвец! Ковачева ука: да чука, да клука на висока бука. Помеѓу два звука слуша тој што чука: овде звучи мазно, овде звучи празно, а шумата цела се одѕива разно. Чукај чукајдрвче! Чукај клукајдрвче! На клепало крвче, во клунчето црвче. СОКОЛ Право од небеси се раѓа, косо паѓа, сива секавица, и пак се крева косо како брза стрела што се погаѓа сама себеси самата едноврeмено и убод и птица. Полет, не тело! Сè сосем цело. Сè стишно. Ништо лишно! Сврдле од око. Раскрилен сокол, сив сокол на небо вишно. ПРЕТХОДНИЦА Не барам збор за ова што ни се случува. Речи го: предавство, лудост, гадост, нискост. Секој ќе плати за својот бес. Пустошот што те чека јас веќе го доживеав. Не бој се. Не е страшно. На крајот сеќаваш дури жал и блискост. ПОМИРЕНОСТ Што ми следува сега, што ми припаѓа уште, не можам сам да решам, како да зашол умов, – кажете за мене вие, согласен сум со сè, со сè задоволен: дури со малку сонце што плеќите ги топли во ваков пролетен ден; дури со повев на ветре во расцутените гранки, по мирис насетен. ПЛАЧ НА СТАРИЦА 1. Клетва Боже, што не ме зеде веќе еднаш? До кога ова мачење? Зар не слушаш молби и плачки до небеси? Ме страв да не те фати од нив, недај Боже, некоја моја грда клетва во зол час. Господ да чува и брани од грев! 2. Разговор со Бога Старата рече: Оф, Господи! Зошто сум уште, натемà ме? Зошто ме оставаш олку да се мачам? А Господ рече: Те оставам за да ја разбереш поубаво смртта – како нешто добро, а не само страшно. ЧУВАРИ Вие што го чувате споменот на мојата младост, на мојот занес, на мојата смеа, на мојот понесен збор, знајте: понекогаш сум толку жеден за вашата рака! И ми се чини дека од само еден допир, мек и мигновен, сè би минало што ме боли, би се сталожило, и би здивнала мојата душа. Но сепак стојте кајшто сте се нашле, да не се видиме пак! Ваша должност нека остане да не се наруши споменот каков сум бил. Ништо друго! УПЛАВ Светка, змиски, мраз по улиците. Снегот од кровови обвиснува во мразулци. А што ни смислува ќе кажат допрва капавиците. Маглата гризе до утробата. Ни мрзнат белите дробови. Нè стега в пранги, како робови, зимскиот уплав и прокобата. СПРОТИ СВЕТИ АТАНАС 1993 Зимски дену, ми носиш црна вест! Смртта чука со средниот прст на нашата порта. Како да се поништи ужасот со тоа што човек не може да го сфати? Проклета слабост да се зборне. Поживинченост, ако молчиш.